/ Прочитано:

1.975

СУДЕЊЕ „РОВЕР“ – ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ: Судот не постапува по напатствијата од Апелација, смета одбраната

Понеделник, 10 ноември 2014 – Одбраната во  предметот за случајот „Ровер“, денеска во завршен збор побара ослободителна пресуда за обвинетите. Бранителите наведоа дека судскиот совет кој го води предметот не ги следел насоките на Апелациониот суд, дадени по укинувањето на првостепената пресуда. Според нив, сторено е грубо кршење на постапката од страна на Судот и Обвинителството, а наспроти ова нема докази кои укажуваат на вина кај обвинетите. 

Гоце Штерјовски, адвокат по службена должност на првите четворица обвинети на кои им се суди во отсуство, а кои со пресудата што ја укина Апелација беа осудени на доживотна казна затвор – како директни извршители на убиството на Марјан Тушески и Киро Јанев што се случи пред 13 години, посочи дека останува во целост на завршните зборови дадени во претходна постапка со оглед дека нови докази не беа изведени.

Тој истакна дека ниту еден доказ не ги поткрепува наводите на Обвинителството – дека Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ, Вук Вукичевиќ, од кои двајца се државјани на Србија, а двајца на БиХ, се сторителите на двојното убиство.

„Ни’ беше кажано дека двајца од нив пукале. Тогаш кои двајца од овие четворица се тие што пукале? Пресудата е донесена врз основа на претпоставки, а Кривичниот законик не го дозволува тоа. Се плашам дека ако помине оваа пресуда, може  како судска пракса  понатаму да се злоупотребува од одредени лица и да се носат пресуди врз основа на претпоставки и многу слаби докази“, рече Штерјовски.

Побара од Судот, сестрано разгледување на предметот што ќе резултира со ослободителна пресуда. Притоа, порача дека е подобро да се носат ослободителни пресуди, отколку невини луѓе да се судат врз основа на претпоставки.

Адвокатот Димитар Савовски, кој го брани обвинетиот Сашко Јовановски, истакна дека повредите на постапката од страна на Обвинителството, но и од Судот се многубројни. Посебно се осврна на предлогот на одбраната за сослушување на лицето Ангел Георгиевски.

„Ова лице два пати беше прифатено како сведок, но не знам од кои причини овие решенија беа отповикани од Судот“, рече Савовски.

Тој истакна дека не може да го разбере тврдењето на судот дека располага со доволно докази со кои правилно може да се утврди фактичката состојба, а притоа не знае – што Георгиевски би можел да каже за убиството. Имено, во однос на ова лице – Ангел Георгиевски,  низ постапката беше наведено дека му бил возач на сега починатиот Орце Коруновски, за кого, пак, во обвинението се тврди дека е нарачателот на убиството.

„Во однос на достапноста на Георгиевски, можам да кажам дека тој моментално си гради куќа во Виница“, рече бранителот.

Савовски, меѓу другото, го спореше исказот на заштитениот сведок и побара од судскиот совет, при носењето на пресудата да води сметка за начелото  „in dubio pro reo“, односно, како што рече: „се’ она што не може да се утври како факт, се утврдува во корист на обвинетите“.

Обвинетиот Сашко Јовановски, поранешен инспектор во Секторот за набљудување и документирање при МВР, побара ослободителна пресуда, нарекувајќи го судскиот процес монтиран. Според него, од страна на Обвинителството и заштитениот сведок се изнесени невистини.

„Сведокот тврдеше дека јас сум ги лоцирал двајцата починати и сум им јавил на извршителите. Не ми е јасно како е можно истражните органи и Судот да го прифатат овој исказ и само врз основа на тоа да се донесе пресуда, кога истиот сведок ова наводно го слушнал од Орце Коруновски, кој, пак, е починат и оттука нема како да се докажат овие наводи“, рече обвинетиот.

Тој се повика на искази на сведоци, кои го потврдија неговото алиби дека за време и по извршувањето на убиството бил во друштво на девојка во  некое кафуле. Обвинетиот исто така запраша – како е можно ОЈО и Судот да го прифатат сведочењето на Александар Василевски-Нинџа.

„Во таа гужва тој ме препознал мене, па дури видел и памети како сум бил облечен“, истакна обвинетиот. Додаде дека лицето Ангел Георгиевски бил во постојан контакт со Орце Коруновски и дека би можел да даде одоговор на многу прашања, но дека судот воопшто не се заинтересирал за вистината.

„Мојата судбина и судбината на моето семејство е во ваши раце и затоа ве молам да ја поправиите грешката и да донесете ослободителна пресуда“, нагласи обвинетиот Јовановски, кој се наоѓа во притвор веќе 27 месеци.

Бранителот на обвинетиот Ивица Ристиќ, адвокатот Благоја Петковски рече дека останува во целост на завршниот збор даден во претходната постапка со оглед дека не се изведени нови докази. Тој единствено истакна  дека не се докажало дека обвинетиот го сторил делото за кое се товари – помагање на убиство.  Обвинетиот Ристиќ остана на завршниот збор на бранителот.

Бранителите на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, кој според Обвинителството му дал зелено светло на Орце Коруновски за ликвидација Марјан Тушевски, се осврнаа на посебни сегменти од  предметот и обвинението.

„Судот иако знаел дека обвинетите се Босанци, ги барал како Срби“

Адвокатот Дончо Наков наведе дека Судот и Обвинителството не ги испочитувале законските процедури за да ги обезбедат четворицата првоообвинети Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, а кои се странски државјани. Имено, според Судот, овие обвинети се српски државјани, но според Наков, Судот уште пред две години знаел дека Илиќ и Ковачевиќ се државјани на Босна и Херцеговина, со оглед дека, како што рече, во предметот постои посебен документ во кои се наведени точните адреси на обвинетите. 

„Судот недостапноста на обвинетите ја базира на документ кој МВР уште во 2012 година го доставил до нив. Но, во документот стои и дека Чубрило и Вукичевиќ се државјани на Србија, а останатите двајца, Илиќ и Ковачевиќ се државјани на Босна и Херцеговина, наведувајќи ги нивните адреси на живеење. Нејасно е зошто судот упорно овие двајца обвинети ги бара од Србија, а не од Босна? Тоа е целосна пречка за да се продолжи процесот“, рече Наков. 

Бранителот, исто така посочи дека не е точно дека Бошкоски, како тогашен министер за внатрешни работи, наредил да не се води истрага за двојното убиство. Тој истакна дека постои документ кој покажува дека по убиството на лице место излегол и истражен судија и обвинител, а за случајот бил отворен и предмет, кој иако бил побаран како доказ, не и’ бил доставен на одбраната.

Бранителот, Константин Кратовалиев, пак, посочи дека иако Апелација побарала, на повтореното судење  не се направи опис на дејствијата што наводно го извршиле обвинетите. Според Кратовалиев, дејствијата наведени во обвинителниот акт, не се дејствија на помагање. 

„Повторно се’ се заснова на една реченица, односно Oбвинителството посочува само дека: „Љубе Бошкоски извршил психичко помагање“. И толку“, рече Кратовалиев.

Според него,  Бошкоски во никој случај не може да се доведе во врска со извршителите на убиството.

Неговиот колега, адвокатот Драган Гоџо, пак, истакна дека се’ уште не му е јасно за што точно е обвинет Бошкоски.

„Од подигнувањето на обвинителниот акт, па се до денес јас искрено не можам да му објаснам на Бошкоски зошто е обвинет, бидејќи и јас не разбирам. Се’ до пресудата мислев дека проблемот е во мене, ама полесно ми дојде кога и Апелациониот суд посочи дека не го разбрал обвинението“, истакна Гоџо.

Гоџо исто така наведе дека обвинетите немале можност за фер судење, бидејќи оваа постапка се водеше пред  изменет судски состав, а доказите не беа повторно изведени. 

„За жал со ова судење раководи судија,чија пресуда Апелација ја оцени како нејасна и коннтадикторна и затоа не можеме да очекуваме поинакво постапување“, рече бранителот. 

Додаде дека ниту еден сведок, ниту форензички доказ не докажува вина кај обвинетите.

„Единствена законска пресуда за првите четворица обвинети е ослободителна, за другите – наводните помагачи – треба да има одбивателна пресуда, бидејќи, и да претпоставиме дека се’ e точно, дејствијата сами по себе не се дејствија на помагање“, потцрта Гоџо. 

Најискусниот од тимот бранители на Бошкоски, адвокатот Владимир Ракочевиќ побара ослободителна пресуда потенцирајќи дека недостасува конкретен опис на дејствијата во обвинителниот акт. 

„Оваа пресуда пред Апелација може да помине само како ослободителна“, рече тој. 

Љубе Бошкоски, кој со првата пресуда беше осуден на 12 години затвор, но  и останатите тројца обвинети – Зоран Трајковски, Никола Негриевски и Гоце Митревски, како и нивните бранители, се очекува своите завршните зборови да ги дадат в четврток, 13 ноември, за кога е закажано следното рочиште.

Предметот за случајот „Ровер“ се води против десет лица, меѓу кои поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски. Обвинетите се  товарат за двојното убиство на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи во скопски Капиштец во јули 2001 година.  Во април годинава, скопска Апелација ја укина првостепената пресуда со која обвинетите беа прогласени за виновни и осудени на затворски казни кои се движат во распон од 6 години до доживотен затвор.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk