/ Прочитано:

1.282

СУДЕЊЕ „ШПИОН“: Проговори првообвинетиот, но зад затворени врати за јавноста

Вторник, 27 август 2014 – Иако јавноста денеска се надеваше дека ќе го слушне завршниот збор на Марјан Ефремов, првообвинетиот во „Шпион“, кој во текот на целиот судски процес се бранеше со молчење, сепак тоа не се случи поради доверливоста на информациите содржана во истиот.  

Во продолжение на судскиот процес за првата македонска шпионска афера, судскиот совет ги затвори вратите за јавноста поради класифицираните информации содржани во завршниот збор на Марјан Ефремов кој во текот на целата постапка се бранеше со молчење.

Поранешниот разузнавач Ефремов, според Обвинителството е „мозокот“ на мрежата што шпионирала за странски разузнавачки служби, а истовремено се занимавала со уценување, измами и изнуди. 

Покрај него, со обвинението се опфатени уште 18 лица, меѓу кои поранешниот генерал Горан Стојков, поранешниот шеф на кабинет на собранискиот спикер, Марјан Маџовски, ексдиректорот на Управата за спречување на пари и корупција, Ване Цветанов, новинарот и сопственик на „Буревесник“, Зоран Божиновски. Дел од нив не се товарат за шпионажа, туку за злосторничко здружување, уцена, изнуда, измама и злоупотреба на службената положба. 

Одбраната во завршните зборови наведе дека Обвинителството во текот на постапката, која стартуваше на 27 јануари годинава, не докажало дека обвинетите се сторители на делата кои им се ставаат на товар. 

Судскиот процес со завршните зборови на останатите обвинети ќе продолжи на 5 и 10 септември во 10.00 часот.

(E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)