/ Прочитано:

1.795

СУДЕЊЕ – ТРИКРАТНО УБИСТВО ВО КАВАДАРЦИ: Обвинетиот ја призна вината, тврди дека се кае

Среда, 8 јули 2015 – Денеска во Основниот суд Велес започна судењето против Тони Станоев (41), обвинет за тројното убиство што се случи на 9 ноември минатата година во Кавадарци.

Според обвинителството, Станоев тоа го сторил со умисла. Тој од живот ги лиши таткото, мајката и сестрата на неговата сопруга Данче – Илија (61), Билјана (56) и Снежана (33) Леови.

„И додека семејството Леови се подготвувало за неделен ручек, дошол обвинетиот и денот го претворил во пекол. Со умисла ги убил трите лица, пукајќи од пиштол, оставајќи зад себе грозоморна слика“, рече обвинителката Славица Темелковски.

По нејзиното воведно излагање, пред Судскиот совет застана обвинетиот Тони Станоев, кој го призна убиството и рече дека се кае. Тој ги прифати квалификациите и начинот како го извршил делото, опишани во обвинителниот акт. Тврдеше дека никогаш немал намера да стори такво нешто, иако, како што рече, сакал да ги отргне децата од роднините на сопругата. 

Наведе дека наводно имале нарушените семејни односи, но и  тоа дека бил бранител од 2001-та и имал пост-воен стрес, за што се лекувал. И сега, како што рече, додека е во притвор бил постојано под седативи.

На денешното рочиште сведочеше и неговата сега веќе поранешна сопруга Данче.

„Тоа не беше живот, беше мака и пекол. Бевме физички и психички малтертирани и јас и децата. Иако и двајцата бевме вработени, често се случуваше децата да немаат ручек, тој многу бргу ги трошеше нашите заеднички пари. Пред четири години со пиштол им се закануваше на моите родители. Секојдневно им праќаше по 200 пораки и 300 повици, дека ќе ги убие и дека само кучето ќе го остави. Критичното попладне во 15.55 влегов во куќата на татко ми. Ми беше чудно што вратата е отворена, а беше 9 ноември. Кога влегов видов локва крв, потоа ја најдов мајка ми мртва, ја слушнав сестра ми во кујната како бара помош. Избезумена не можев ни помош да барам. Откако дојде Брза помош, ја однесоа во болница, таму Снежана почина, а полицаецот ми кажа дека го нашле и татко ми мртов, убиен“, рече таа, видно потресена и низ солзи.

Судењето продолжува на 15 јули, со сослушување на вештаците.