/ Прочитано:

696

Судење во Франција на 35 лица од кои тројца Македонци за трговија со дрога

Вторник, 6 октомври 2015 – На 35 лица, од кои две жени, државјани на Албананија и Косово, како и тројца македонски државјани од понеделникот 28. септември им се суди од страна на Кривичниот суд на Нанси, Франција.

На судското рочиште, јави дописникот на МИА од Париз, од 22-та присутни на судењето, петмина се во затвор, додека другите се бранат од слобода, а останатите се во бегство.

Осомничените се товарат за шверц со хероин и кокаин и тоа според обвинителството во регионот на Сен-Луи, на трите граници со Франција, Швајцарија, Германија.

Истрагата, како што пренесува весникот „Л’Ест Републикан“, е отворена во текот на втората половина од 2010 година, со повеќе физички набљудување, прислушување и озвучувувања на автомобили, што довело до масовна полициска акција и апсења на 16. октомври 2012 од страна на швајцарската, француската и германската полиција.

Апсењата, јави дописникот на МИА, биле спроведени од страна на специјализираните полициски сили, Граничната полиција со тимови опремени со кучиња. При претресите тогаш биле пронајдени 8,5 килограми хероин и кокаин, 50 килограми производ за мешање на дрога и големи суми на пари.

Осомничените се соочуваат со максимална затворска казна од десет години, додека тие кои по втор пат се судени можат да добијат и двојна казна, како и забрана за престој на француска територија и протерување по издржување на казната.