/ Прочитано:

1.176

Судењето за „Пуч“ одложено поради болест на поротник и поради тоа што не бил повикан сведокот Никола Груевски

Специјалната јавна обвинителка Јанева изрази жалење што денеска не започнал процесот, иако СЈО било подготвено за рочиштето. Таа истакна дека реагирала пред судијата што го води процесот поради неповикувањето на сведокот на Обвинителството, Никола Груевски, но и поради тоа што следното рочиште било закажано за 1 ноември, што според неа е предолго одложување за олку важен процес.

Судење „Пуч“, пред аболицијата

Поради отсуство на еден поротник, судијката Љубинка Башевска, која го води предметот „Пуч“, го одложи судењето кое требаше да започне денеска. Јавноста и новинарите не можеа да ги чујат образложенијата на Кривичниот суд бидејќи не им беше дозволен влез во салата во која беа присутни обвинетите и нивните бранители и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која денеска за првпат требаше да се произнесе за предметот кој го презеде во надлежност од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Во изјава за новинарите пред Судот лидерот на СДСМ, Зоран Заев, четвртообвинет во случајот „Пуч“, рече дека Судот повторно наоѓа изговори за одложување на рочиштето, прикривајќи дека не е повикан главниот сведок, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Денеска не се одржа рочиште затоа што главниот сведок, единствениот сведок во овој случај, Никола Груевски одлучи да не се појави или на Судот му беше кажано да не му достави покана. Но, за да биде доволно покриен, наводно бил спречен еден од двајцата поротници да биде присутен, иако законот определува и замена на поротници. Во Македонија право и правда мора да има. Тоа мора да биде конечна цел на нас, граѓаните кои живееме во Македонија. По 11 декември, правната држава ќе се врати во Македонија“, рече Заев.

Тој додаде дека и понатаму ќе доаѓа на закажаните рочишта затоа што ветил дека ќе се бори за правдата. Прашан дали очекува фер судење за процесите што ги поведе Специјалното јавно обвинителство, а кои произлегоа од прислушуваните материјали што ги објави тој, Заев одговори:

„Не сакам да ја коментирам работата ниту на Судот, ниту на СЈО, но ќе повторам нешто што сум кажал повеќепати. Неуморно верувам дека големо мнозинство во Судот и воопшто во правниот систем се професионалци кои си ја сакаат својата работа и бараат услови слободно, во согласност со своето убедување по Устав и по закон, да носат одлуки. Знаеме пред каков важен моментум сме исправени, и како граѓани и како Република Македонија, и во согласност со  моментумот во кој живееме и во кој работиме, треба и да се однесуваме.“

И специјалната јавна обвинителка Јанева изрази жалење што денеска не започнал процесот, иако СЈО било подготвено за рочиштето. Таа истакна дека реагирала пред судијата што го води процесот поради неповикувањето на сведокот на Обвинителството, Никола Груевски, но и поради тоа што следното рочиште било закажано за 1 ноември, што според неа е предолго одложување за олку важен процес.

Рочиштето за ‘Пуч’ се одложи по вина на Судот бидејќи еден од поротниците се разболел. Реагирав на таа одлука и реагирав на одлуката да се одложи за 1 ноември бидејќи сметам дека ваков предмет е од итна природа и сметам дека треба да биде насрочен на побрз датум бидејќи луѓето што се опфатени имаат мерки за претпазливост и трпат ограничувања на својата слобода.

„Исто така реагирав на тоа дека мојот сведок Никола Груевски не беше повикан на денешната главна расправа. Судот сметал дека тоа не е потребно на оваа главна расправа“, рече Јанева.

Обвинителката потенцираше дека очекува од Судот да ги распредели обвинителните предлози кои вчера ги поднесе Специјалното јавно обвинителство во скратена постапка, односно во рок од осум дена.

„Апсолутно, да.  Тие се во скратена постапка, рокот на закажување е осум дена. Судот може веднаш да го заврши тоа, бидејќи ние сме подготвени за судење“, вели Јанева.

Едниот предмет се однесува на уништувањето на документи за да се прикрие незаконското прислушување, а вториот предмет се однесува на протестите пред Општина Центар од 2013 година. Во првиот предмет опфатени се 7 лица кои се осомничени за кривичното дело фалсификување на службена исправа, а во вториот предмет опфатени се 14 лица кои се осомничени за кривичното дело насилство.

Од Кривичниот суд информираат дека во Судот се пристигнати обвинителните предлози од СЈО и треба да бидат распоредени во работа.

Инаку, покрај лидерот на опозицијата, во „Пуч“ обвинети се и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, како и еден вработен во општина Струмица и еден во МВР. Сите се товарат за шпионажа и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи. Во предметот веќе има и една спогодбена пресуда против вработениот во МВР, Звонко Костовски.

М. С.