/ Прочитано:

1.334

Судењето за „Пуч“ повторно се одложи – засега нема промена во надлежностите

Понеделник, 5 октомври 2015 – Во овој момент нема никакви промени во надлежностите  во врска со случајот „Пуч“ и преостанува на специјалната обвинителка да одлучи кога ќе го преземе предметот, информираше денеска во судница застапникот на обвинението за случајот „Пуч“, чиј старт по трет пат се одложи поради тоа што не беа исполнети законските услови, односно не беше присутен лидерот на СДСМ, четвртообвинетиот  Зоран Заев. 

Одбраната  на Заев образложи дека тој не е присутен бидејќи во истиот термин имал средба со амбасадорот на Италија. Истовремено, адвокатот Филип Медарски на судот му посочи дека Заев ќе присуствува на сите рочишта откако предметот ќе биде доделен на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

На прашање на судскиот совет до застапникот на обвинението, јавниот обвинител Златко Биковски,  до кога е надлежен да го застапува обвинителниот акт во оваа кривична постапка, а од кога за тоа би била надлежна специјалната обвинителка, тој одговори дека  до овој момент нема никакви промени во надлежностите и дека преостанува на специјалната обвинителка да одлучи кога ќе го преземе предметот.

Судот во петокот го одби предлогот на обвинителството да му биде одземен пасошот Заев и донесе одлука да му се укине и мерката на претпазливост според која  имаше обврска да се јавува во струмичкиот суд секој понеделник. 

Покрај лидерот на опозицијата,   во „Пуч“ обвинети се и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, како и еден вработен во општина Струмица и еден во МВР. Сите се товарат за шпионажа и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Во предметот веќе има и една спогодбена пресуда против вработениот во МВР Звонко Костовски. / Е. П.