/ Прочитано:

1.452

СУДЕЊЕ ДЕМОНСТРАНТИ: Условни казни од шест и од дванаесет месеци за Аризанов и за Наковски

Поради условните казни, обвинетите беа пуштени од куќен притвор во кој се наоѓаат повеќе од еден месец.

Демонстрант пред суд

Никола Аризанов и Филип Наковски ја признаа вината која им се става на товар – учество во толпа што ќе стори кривично дело, за протестите од 13 април пред Народната канцеларија на Претседателот на РМ.

Никола и Филип изразија и каење за стореното дело и додадоа дека биле на протестите поради револт од аболицијата, но дека, освен со зборови, не протестирале насилно.

Врз основа на признанието на вина, Основното јавно обвинителство Скопје побара тие да бидат прогласени за виновни и судот да ги има предвид и олеснителните и отежителните околности. Како отежителни околности Обвинителството наведе дека кривичното дело било планирано, било извршено со безобѕирно однесување на јавно место и поради зачестеноста на ваквите дела.

Одбраната побара обвинетите да бидат условно осудени и судот да ги цени олеснителните околности дека обвинетите не се гонат за друго кривично дело и дека едниот е во работен однос, а другиот има здравствени проблеми.

Судијката Весна Петровска-Тагасовска ги осуди на условни казни, и тоа: 6 месеци условна казна за Никола Аризанов доколку во рок од две години не стори друго кривично дело и 12 месеци условна казна за Филип Наковски доколку во рок од три години не стори друго кривично дело. Поради условните казни, обвинетите беа пуштени од куќен притвор во кој се наоѓаат повеќе од еден месец.

Во полицискиот извештај, објавен по приведувањето на Никола и Филип, е наведено:

„Во врска со настанот запознаен е јавен обвинител и по прегледувањето на видеозаписи, од страна на јавниот обвинител и полициски службеници од Единицата за насилен криминал, е констатирано дека Н. А. и Ф. Н. активно учествувале во група што врши оштетување на Народната канцеларија на Претседателот на РМ, изнесување на инвентар од истата и опожарување на инвентарот на коловозот.“

Вкупната штета од демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија на протестите на 13 април, според вештиот наод и мислење кој го изработил Бирото за судски вештачења, изнесува 522 илјади денари.

Како што информираше застапникот на Државното правобранителство за демолирање на Народната канцеларија, вкупното отштетно побарување изнесува 522 илјади денари или 8 500 евра, од кои:

  • износот од 232 илјади денари се однесува на причинетата штета на вкупната вредност на предметите според нивната вредност во моментот кога е направена штетата и која е потребна за Канцеларијата да се доведе во првобитната состојба и
  • износ од 289 илјади денари проценета штета на вкупната вредност на оштетените и исчезнати предмети.

Оваа штета обвинетите демонстранти од сите предмети солидарно ќе треба да ја надоместат.

М. С.