/ Прочитано:

1.418

СУДЕЊЕ „ДИВА НАСЕЛБА“: Процесот продолжува со читање на исказите на сведоците

Исказите на сведоците веќе беа дадени на главната расправа за предметот „Дива Населба“ за случувањата од 9 и 10 мај 2015 година, пред да биде споен овој предмет со предметот „Молња“ за обвинетите за логистичка поддршка на кумановска група.

Судење „Дива Населба“, прво рочиште

На денешното продолжение на судењето за случувањата во кумановската Дива Населба, судијката Верка Петковска, која го води процесот, истакна дека процесот ќе продолжи со читање на исказите на сведоците.

Исказите на сведоците веќе беа дадени на главната расправа за предметот „Дива Населба“ за случувањата од 9 и 10 мај 2015 година, пред да биде споен овој предмет со предметот „Молња“ за обвинетите за логистичка поддршка на кумановска група.

Откако судијката го утврди присуството на обвинетите и нивните бранители, еден од обвинетите пред судот истакна:

„Во затворот при спроводот ме малтретираа припадници на Специјалната единица. Ме удираа и ме газеа и шест пати ми ги кренаа рацете заврзани одзади.“

Судијката Петковска го сослуша исказот на обвинетиот, а на друг обвинет кој сакаше да се пожали за третманот во затворот не му дозволи да се обрати и рече дека ќе се јави кај директорот на затворот за да ги провери наводите на осомничените за однесувањето на полициските службеници.

Во однос на барањето на адвокатката Артене Адеми за укинување на притворот за двајца обвинети кои ги застапува, Мусади Пајазити и Рахми Љатифи, судот донел решение дека се отфрла предлогот како неоснован бидејќи сè уште постојат околностите поради кои е донесено решение за определување на мерката притвор и нејзино продолжување.

Главната расправа за единствениот предмет за обвинетите од „Дива Населба“ и  од „Молња“ продолжува со читање на исказите на сведоците.

Откако ќе заврши читањето на исказите на сведоците, се очекува процесот да продолжи со сослушување на заштитените сведоци, учесници во полициската акција од 9 и 10 мај минатата година, кои даваа искази пред да биде направено спојувањето на двата предмети.

Судот на почетокот на мај го спои предметот „Дива Населба“ со предметот „Молња“ за обвинетите за логистика на кумановската група од Дива Населба.

По спојувањето на двата предмети, Кривичниот суд не можеше да најде соодветна просторија каде што ќе бидат исполнети сите услови за одржување на судењето. Преку барање упатено до Министерството за правда, а со одлука на Владата беше одредено судењето да се одвива во големата сала на Врховниот суд.

Во предметот „Дива Населба“ обвинети се 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање од членот 394 – а и тероризам од членот 394 -б од Кривичниот законик. Судењето започна на 9 февруари, а на досегашните рочишта обвинетите се произнесоа дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар и беа сослушани бројни сведоци на Обвинителството: роднини и соседи на обвинетите и полициски службеници учесници во дводневните вооружени престрелки.

Во предметот „Молња“, пак, обвинети се 8 лица за помагање на вооружената група.

М. С.