/ Прочитано:

1.349

СУДЕЊЕ „ДИВА НАСЕЛБА“: Жената и ќерката на еден од обвинетите со контрадикторни сведочења

Исказите на жената и ќерката на Фадиљ Фејзулахи, кој е еден од обвинетите, траеја најдолго и предизвика и најмногу полемизирања во поглед на употребата на институтот вкрстено испрашување на сведок, според новиот Закон за кривична постапка.

1 diva naselba

Четвртото рочиште за случајот „Дива населба“ за случувањата од 9 и 10 мај минатата година во Куманово, продолжи со распит на сведоците предложени од страна на Обвинителството.

Надвор од судската пракса, поради ограничените просторни услови на Кривичниот суд, т.е. судница премала да ги собере 29-темина обвинети, затворското обезбедување, адвокатите, судската полиција, како и специјалните полициски единици, на новинарите им беше овозможено да го следат судењето преку видеоврска од судската библиотека.

Повикани биле пет сведоци, но во Судот се појави четворица. Петтиот сведок иако ја примил поканата, не беше присутен.

Прва сведочеше Физе Мемиши, постара жена која живее во кумановската Дива Населба. Рече дека е стара и болна и дека ретко излегувала од дома. Ноќта пред критичниот настан била излезена на прошетка, но не забележала ништо невообичаено.

„Утрото на 9 мај станав рано за да одам на утринската молитва, но во 5:06 часот слушнав пукање. Не знам од каде доаѓаше. Ролетните и завесите ни беа спуштени и никого не видов. Подоцна околу 12:20 часот дојде полиција и нѐ одведоа во полициска станица. Таму нѐ држеа 12 часа и во 2:00 часот по полноќ нѐ пуштија. Јас бев со мојот маж и со синот“, рече сведокот Физе Мемиши и додаде дека и по 100 години да ја прашуваат за случувањата за критичниот ден, ќе го повтори истото.

2 diva naselba

Меѓу сведоците беше повикана и Теута Љутвии, исто така, жител на Куманово. Таа не сведочеше бидејќи од страна на еден од адвокатите беше укажано дека жената е со нарушено психофизичко здравје и дека не може да даде исказ. И Обвинителството и судот го констатираа тоа и се согласија со укажувањето на адвокатот, по што сведокот ја напушти судницата.

Исказите на жената и ќерката на Фадиљ Фејзулахи, кој е еден од обвинетите, траеја најдолго и предизвика и најмногу полемизирања во поглед на употребата на институтот вкрстено испрашување на сведок, според новиот Закон за кривична постапка.

Прва сведочеше ќерката Артизана Фејзулахи. Таа истакна дека нивната куќа се наоѓа на местото викано Романовски Пат. Имале куќа и на улицата „Перо Илиевски“, која се наоѓа во кумановската Дива Населба, но веќе четири години не живееле таму.

Таа истакна дека слушнале пукање во нивниот двор, кое ги разбудило утрото на 9 мај, по што слушнале и викање и кршење на вратата од страна на полицијата. Ќерката неколкупати повтори дека полицијата пукала и дека ги малтретирала додека вршела претрес во куќата иако директно не видела дали навистина пукотниците доаѓале од полициските единици, бидејќи спиела.

„Полицијата ги малтретираше чичко ми и моите братучеди. Го бараа татко ми. Нѐ држеа во куќата пет часа и нѐ малтретираа, а баба ми почина по еден месец поради траумите што ги имаше од тој ден“, рече Артизана Фејзулахи.

Дива населба, прво рочиште

Таа потенцираше дека полицијата ги малтретирала и во полициска станица каде што биле задржани 24 часа. Не побарале лекарска помош бидејќи тогаш не размислувале за тоа. Само еден од нејзините братучеди бил прегледан од лекар и примил инјекција, но тоа било сѐ, додаде сведокот.

Нејзината мајка е од Косово и тие заедно со семејството често патувале таму. Кога сведокот беше прашан за тоа каде бил татко ѝ критичниот ден, рече дека тој не им кажувал каде оди, имал пријатели, одел по кафеани. . .

Сведокот не одговори на прашањето дали обвинетиот Фадиљ Фејзулахи патувал сам во Косово и кога последен пат бил таму.

По кусата пауза сведочеше и сопругата на Фадиљ, Фикрие Фејзулахи, која повтори дека полицијата пукала во дворот, но и откако влегла во нивната куќа, и пуштила и некаков чад од кој ништо не се гледало.

„Бараа злато и дрога. Нѐ држеа пет часа, разделени, жените во една соба, мажите со кренати раце свртени кон ѕидот“, рече жената и додаде дека не можеле ништо да видат бидејќи спиеле, а биле разбудени од силното викање и од кршењето од страна на полицијата.

Таа рече дека не смеела да го прашува сопругот каде оди кога излегувал од дома, но знае дека ноќта заминал кај неговите братучеди.

Спротивно на тврдењето на нејзината ќерка, Фикрие рече дека побарале лекарска помош поради малтретирањето од полицијата.

Фикрие Фејзулахи потенцираше дека никој од нивното семејството немал оружје.

diva-naselba-1

Обвинителскиот тим кој го застапува обвинението, обвинителката Вилма Русковска и Наум Пановски, на крајот од рочиштето истакнаа дека куќата во која биле пронајдени поголем дел од припадниците на вооружената група, меѓу кои и командантите Соколи и Малишева, била на Фадиљ Фејзулахи. Тој бил уапсен заедно со првата група и обвинет е за директно учество во борбените дејствија.

Мотивот на вооружената група, како што истакнаа двајцата обвинители, бил уставно загрозување на безбедноста на Република Македонија. Тие ги отфрлија шпекулациите дека водачите на групата биле ликвидирани по нивното апсење, што се докажува од обдукцискиот наод во кој детално е опишан видот на раните и од која далечина е пукано.

„Имаме заштитени сведоци кои директно учествувале во престрелката, кои ќе потврдат дека немало потреба тие да бидат ликвидирани. Одбраната и обвинетите имаат законско право да тврдат што сакаат, но доказите го кажуваат спротивното“, потенцираше Русковска.

Спротивно на тврдењата на Обвинителството, адвокатот на дел од обвинетите, Насер Рауфи, изјави дека полицијата брутално и без никаков план постапувала при претресите со цел да предизвика поголем конфликт.

„Очигледно е дека полицијата без никаква контрола и без план и секаде каде што влегувала оставила големи последици, не само физички туку имаат и трауми. Брутално постапувале, немале никаков документ и барањето злато или дрога е алиби“, изјави Рауфи.

Процесот продолжува на 2 март.

Во вооружената престрелка од 9 и 10 мај беа убиени осум припадници на полициските сили и 10 припадници на вооружената група. Дваесет и деветтемина обвинетите се товарат за „терористичко организирање“ и „тероризам“.

Марија Севриева