/ Прочитано:

1.575

СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Новинарот Арсиќ сведочеше, но не го откри идентитетот на пријавувачот

Изворот, кој новинарот не го обелодени до крајот на својот исказ поради заштита на новинарската етика и професија, му рекол дека постојат триесетина илјади вакви лични карти и дека нивната намена била да се искористат за избори.

Судење на браќата Захир и Имер Бекири

Новинарот од „Фокус“ Љубиша Арсиќ, кој преку новинарски текстови ја обелодени аферата со фалсификуваните лични карти, денеска во судот сведочеше како сведок на Обвинителството во случајот „Фабрика за афери“.

Арсиќ посочи дека непознато лице му ги предало 105-те лични карти.

„Тој ми кажа дека личните карти се изработувале на две локации, дека полицијата знаела за тоа и дека тие немаат метална фолија, што мене не ми беше познато што значи тоа“, рече Арсиќ пред судот.

Изворот, кој новинарот не го обелодени до крајот на својот исказ поради заштита на новинарската етика и професија, му рекол дека постојат триесетина илјади вакви лични карти и дека нивната намена била да се искористат за избори.

„Тоа за мене беше доволна индиција да се позанимаваме со случајот. Личните карти ги пријавив во МВР, а два дена подоцна го објавив првиот текст. Имајќи предвид дека како медиуми контактираме со анонимни извори и претходно, нашата цел беше да не се занимаваме со тоа дали личните карти се фалсификувани. Тоа е работа на институциите. Нашата цел беше да го провериме поширокиот контекст, односно кои се лицата, дали тие постојат, дали податоците се нивни и дали овие лични карти биле употребени на избори, што беше целта на нашето истражување“, појасни Арсиќ.

Тој потенцираше дека и понатаму е сè уште непознато, за него, за медиумот „Фокус“ и за јавноста, кој ги изработувал личните карти, дали е по нечија нарачка, за која намена и зошто биле избрани тие како медиум да го објават случајот.

На прашањето на обвинителката, Наташа Гоџовска, дали при примопредавањето биле сами или имало и други лица со нив, Арсиќ одговори дека тој не знае дали имало и други лица, тој бил сам, а изворот кој му ги предал личните карти изгледал вознемирено, му нагласил да не го користи неговиот идентитет и дека постојат и други лица кои се запознаени со случајот, но чекале погоден момент да го соопштат тоа.

Арсиќ додаде дека, според него, изворот не изгледал многу упатено во целата работа и сакал побрзо да си замине без да му одговори за сите дилеми кои тој, како новинар, сакал да му бидат разјаснети. Случајот со личните карти Арсиќ го пријавил во МВР, каде што разговарал со директорот на Бирото за јавна безбедност кој веднаш повикал лица кои отвориле случај и составиле записник.

„Во МВР поминав повеќе од два часа, ме испрашуваа, но и детално ги внесувале податоците од личните карти кои ги пријавив“, рече Арсиќ.

На крајот, и покрај прашањето на обвинителката дали сега знае кој е изворот, Арсиќ одговори:

„Затоа што не сакам граѓаните идни пријавувачи на кривични дела да бидат загрозени и да се одвраќаат од намерата за пријавување и имајќи предвид дека граѓаните и онака ги користат медиумите наместо институциите за да пријавуваат вакви случаи, не сакам да оставам простор ниту за политичко спинување на случајот. Мојата морална и етичката одговорност ме обврзуваат да не ги изневерам колегите и професијата и затоа нема да кажам кој е изворот“, заврши Арсиќ.

По него сведочеше Драган Наковски, вработен во МВР, лице чии податоци: име, презиме и матичен број биле злоупотребени без негово знаење.

„Колеги од МВР ме повикаа и ми го покажаа образецот од лична карта на кој беа наведени моите податоци, но имаше друга слика и друга адреса, не таа на која јас живеам. Никогаш не сум дал согласност за употреба на моите лични податоци, ниту пак знам за која намена биле злоупотребени. Секако дека се чувствувам оштетено поради злоупотребата“, рече сведокот.

Како сведоци денеска се повикани уште десетина лица чии податоци се нашле на личните карти кои се фалсификувани.

Основното јавно обвинителството Скопје ги товари браќата Захир и Имер Бекири за повеќе сторени кривични дела: изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од членот 395 ст. 1 вв со чл. 22, фалсификување на исправа по повеќе ставови од членот 378 и злоупотреба на лични податоци од членот 149 ст. 1 вв со чл. 22, а во врска со пронајдените лични карти и опрема за изработка на фалсификувани лични карти при претресот во домот на обвинетите.

М. С.

СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Браќата Бекири негираат вина. Сведоците потврдуваат дека им биле злоупотребени податоците

Процесот против браќата Бекири за фалсификување исправа e одложен поради барање за дополнителен увид во доказите