/ Прочитано:

1.376

СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Обвинителството побара осудителна пресуда, одбраната тврди дека обвинението е однапред смислено сценарио

Дејствијата опишани во обвинителниот акт се причинско-последично поврзани, што произлегува од доказите, додаде обвинителката. Поради тоа и заради остварување на генералната, но и специјална превенција, обвинителката предложи обвинетите да бидат прогласени за виновни, со што ќе се превенира и општествената опасност од извршувањето на вакви кривични дела.

Судење на браќата Захир и Имер Бекири

На денешните завршни зборови за случајот „Фабрика за афери“, во кој обвинети се браќата Захир и Имер Бекири, обвинителката Наташа Гоџовска истакна дека сослушаните сведоци и вешти лица и изведените материјални докази недвосмислено ги потврдуваат делата кои им се ставаат на товар на обвинетите.

„Во текот на целата кривична постапка, се покажа дека доказите неспорно ги потврдуваат кривичните дела и кривичната одговорност на обвинетите, која судот може да ја утврди, пред сè, од материјалните докази и јасните и недвосмислени изјави на сведоците. Исказот на одбраната дека доказите се подметнати е целосно неоснован бидејќи не е поткрепен ниту со еден доказ“, истакна Гоџовска во својот завршен збор.

Дејствијата опишани во обвинителниот акт се причинско-последично поврзани, што произлегува од доказите, додаде обвинителката. Поради тоа и заради остварување на генералната, но и специјална превенција, обвинителката предложи обвинетите да бидат прогласени за виновни, со што ќе се превенира и општествената опасност од извршувањето на вакви кривични дела.

Одбраната на браќата, адвокатот Мирослав Вујиќ, во својот завршен збор кој траеше повеќе од час и половина, се осврна на сите точки од обвинението што им се става на товар на обвинетите, како и на доказите со кои е поткрепено обвинението.

Според Вујиќ, судењето за браќата претставува само продолжение на театарот кој го следел предметот од самиот негов почеток.

„Обвинителниот акт во скратена постапка претставува само доказ дека овој случај е подготвуван многу однапред, според нечие туѓо сценарио“, рече Вујиќ.

Вучиќ ги оспори материјалните докази, како: нож за сечење хартија, преса, секач и електричен алат, како предмети со кои може да се изврши кривичното дело кое им се става на товар – изработка на фалсификувани лични карти.

„Дополнително, од изјавите на сведоците се потврди дека ниту еден од наводно фалсификуваните документи не бил искористен ниту за избори и гласање ниту во управна или граѓанска постапка. Затоа прашувам каде е злоупотребата на личните податоци, која им се става на товар на обвинетите, кога сите податоци кои беа презентирани во предметот се јавни и достапни од Државната изборна комисија“, праша Вујиќ во својот завршен збор.

Очекувам судот да ги анализира сите докази и да донесе ослободителна пресуда, додаде Вујиќ. Дополнително тој го повика Обвинителството да ги испита наводите за кривични дела кои биле изнесени за време на судењето, како тврдењата на Захир Бекири дека бил малтретиран за време на распит во Јавното обвинителство, како и неовластеното снимање од страна на МВР во судницата за време на главно рочиште.

Обвинетиот Захир Бекири во својот завршен збор истакна дека не се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар и побара од судот да биде ослободен.

Судење на браќата Захир и Имер Бекири

„Немам никаква доверба во Обвинителството, а за судот допрва ќе видам дали можам да имам доверба во него. Во Обвинителството не верувам не затоа што ме гони во конкретниов случај, туку поради тоа што сум убеден дека работи по диктат на власта“, рече Захир Бекири во својот завршен збор.

Тој додаде дека има докази со кои може да ја потврди својата невиност и со кои се покажува каде бил на сите датуми кои се наведени во обвинителниот акт.

Братот на Захир, Имер Бекири во својот завршен збор истакна само дека не се чувствува виновен за кривичните дела кои му се ставаат на товар.

Пресудата е закажана за утре во 9:30 часот.

Захир Бекири е обвинет за изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од членот 395 ст. 1 вв со чл. 22, фалсификување на исправа од членот 378 ст.3 вв со чл. 22 вв со чл. 45, злоупотреба на лични податоци од членот 149 ст. 1 вв со чл. 22, две кривични дела фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со ст. 1 вв со чл. 22 , три кривични дела фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со ст. 1 сите од Кривичниот законик, додека, пак, обвинетиот Имер Бекири се товари дека сторил кривично дело изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од членот 395 ст. 1 вв со чл. 22, фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со чл. 22 вв со чл. 45, злоупотреба на лични податоци од членот 149 ст. 1 вв со чл. 22 , фалсификување на исправа од членот 378 ст.3 вв со ст. 1  и две кривични дела фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со чл. 22.

М. С.

СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Захир Бекири тврди дека нема ниту еден доказ дека фалсификувал лични карти

МВР се обиде неовластено да снима во судница на судењето за случајот „Фабрика за афери“

СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Обвинетиот Захир Бекири побара изземање на обвинителката и на судијката од случајот

СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Новинарот Арсиќ сведочеше, но не го откри идентитетот на пријавувачот

СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Браќата Бекири негираат вина. Сведоците потврдуваат дека им биле злоупотребени податоците

Процесот против браќата Бекири за фалсификување исправа e одложен поради барање за дополнителен увид во доказите