/Прочитано:

4.885

Инфо за предметот

Надлежен суд: Основен суд Скопје 1

Бр. на предмет: К.бр.297/07

СУДЕЊЕ

Почеток: 14.3.2007г.

Судија: Судија Љиљана Ивановска Шопова(претседавач), Судија Весна Димишкова

Обвинител: Гордана Гешковска

„Бачило“

Случајот Бачило“, според многумина е показател за ефикасноста, односно неефикасноста на македонските институции. По разрешницата на овој предмет, тогашниот министер за правда, Михајло Маневски, изјавуваше дека по „Бачило“ никој повеќе нема  да ја лаже  државата.

Кој ја излажа толку Македонија?

Во 2006 година на овчарот Иснифарис Џемаили му успеа со измама да ù извлече на државата приближно 730 000 евра за наводно гранатирање на неговото бачило, за време на конфликтот во 2001 година.

Иако надлежните органи по една година ја разоткрија криминалната шема на Џемаили и неговите соработници (нотари, адвокати, јавни функционери..), истата скапо ја чинеше  РМ, околу 5 милиони евра. Паѓаа судии, се отвораа афери, а овчарот во меѓувреме повторно ја надитри државата. Во моментот кога средствата требаше да се вратат во буџетот на РМ, се утврди дека поголемиот дел од недвижниот имот на Џемаили е под хипотека. Хипотеките  беа понишетни, но овчарот ù нанесе вистинска мака на РМ.

Предметот за случајот Бачило е  поделен на два дела :

  1. Бачило – „Иснифарис Џемаили – Министерство за одбрана“
  2. Бачило – „Денационализација на недвижен имот“

Бачило  – Иснифарис Џемаили – Министерство за одбрана

Првообвинетиот Никола Стоименовиќ, од самиот почеток на неговото работење како нотар вршел нотарски услуги за второобвинетиот Иснифарис Џемаили. Во согласност со чл. 32 ст. 3 од Законот за вршење на нотарски работи, истиот не смеел истовремено да работи и како адвокат. Меѓутоа спротивно на цитираниот член, откако обвинетиот Иснифарис Џемаили прифатил да се јави како тужител, Стоименовиќ ја изработил тужбата против РМ. Намерата да издејствуваат исплата на надомест на штета по основа: убиена и повредена стока на бачилото на Џемаили – резултат на наводно ракетирање извршено на 27.06.2001 од хеликоптери на АРМ (за време на воениот конфликт во РМ),  им успеа. Со  лажните ветеринарни потврди  тие докажале дека во нападот што го извршиле хеликоптерите загинале 2.150 грла овци, 17 крави, 13 телиња и 22 коњи. Дополнувањето се однесувало на уште 3.820 овци, 15 крави и исто толку телиња и 27 коњи.

По донесувањето на пресудата од страна на Основниот суд Скопје I Скопје, П. бр. 2904/01 од 18.06.2004 година, тужената РМ – Министерство за одбрана, била задолжена на обвинетиот Иснифарис Џемаили, на име надомест на штета да му исплати износ од 25.177.868,00 денари  со камата  сметано од 11.12.2001 год. до исплатата и да му ги надомести трошоците во постапката во износ од 206.180,00 денари. Со присилно извршување по правосилната пресуда, од трезорската сметка на Министерството за одбрана, на сметката на Џемаили биле префрлени 44.462.585,00 денари.

Парите потоа биле префрлани и на туѓи сметки. Фактот дека обвинетиот Иснифарис Џемаили со ваквиот начин на пренесување на паричните средства прикрил дека истите потекнуваат од казниво дело, а кои ги примил знаејќи дека потекнуваат од казниво дело, се утврди од околноста дека до колку било извршено ракетирање на неговото бачило и стоката која наведува дека била униптена, поголемиот дел од досудениот надоместок тој ќе го зел за себе, и немало да ги префрла паричните средства во поголем дел на други лица, и тоа на оние за кои наведува дека од истите не земал ниту заем, ниту со истите имал некакви должничко-доверителски односи.

Бачило – Денационализација на недвижен имот

Дел од овие пари, прибавени на начинот опишан погоре, потоа влегуваат во друг тек. Со парите се прават малверзации, односно фиктивни хипотекарни договори за заем, со кои едно лице му зајмува на друго одредена сума пари, а тоа става во залог неподвижен имот, како гаранција за земените средства. Но, со оглед на тоа дека не може да му ги врати парите, оној што му ги зајмил средствата ја активира хипотеката и го зема имотот даден под залог. На таков начин државата беше оштетена за 5 милиони евра, а наследниците на денационализираното земјиште беа оштетени за околу 40 илјади евра.

Со правосилна и извршна пресуда на Основниот суд Скопје 1 – Скопје К. Бр. 297/07, донесена на 12.04.2007, обвинетите се осудени за кривичните дела: злоупотреба на службена положба и овластување, измама и перење на пари и други приноси од кривично дело .

Затворските казни се следни:

  • нотарот, Никола Стоименовиќ доби 14 години затвор;
  • овчарот, Иснифарис Џемаили доби 4,5 години затвор;
  • Саша Андоновски, (во тоа време, претседател на комисијата за решавање на управни работи во втор степен од област на денационализација при Владата на РМ), Емилија Алексова (во тоа време,  директорка на скопски катастар)адвокатката Ленче  Димчевска, нотарите Гордана Ракочевиќ и Михаил Ќосев и пензионерот Ордан Милановски добија по 3 години затвор;
  • ветеринарот Муамет Арифи и командирот Душан Стојанов добија по 2 години затвор;
  • автомеханичарот Спасе Димитров доби 2,5 години во затвор.

Седуммина од обвинетите добија условни казни од 1 година. Вработен во катастарот е ослободен од обвинението. Двајца одлежаа казна од четири месеци и 13 дена, колку што минаа во притвор. Согласно чл. 38-б од КЗ, на обвинетите Никола Стоименовиќ, Гордана Ракочевиќ, Михаил Ќосев, Ленче Димчевска, на секој посебно им беше  изречена и  споредна казна забрана на вршење професија, дејност или должност.

По изрекување на казните, Иснифарис Џемаили  мистериозно исчезна од земјава, но по 2 години сам се пријави во затворот во Идризово за да ја издржува затворската казна.

Бачило 2

Во случајот познат како „Бачило 2“, одвоено им се судеше на заменик јавниот правобранител, Миодраг Стевановиќ, и на архиварката од државното правобранителство, Љубица Минчорова.

  • Врховниот суд ја потврди тригодишната затворска казна за Стевановиќ. Осуден беше за злоупотреба на службената положба бидејки му овозможил на првообвинетиот, нотарот Никола Стојменовиќ, да ја конструира криминалната шема за случајот „Бачило“ и „Денационализација на недвижен имот“.
  • Укината беше одлуката со која архиварката Љубица Минчорова доби 2 години затвор.

Според обвинението, во Државното правобранителство пристигнале три решенија од владината Второстепена комисија за одлучување по прашања од денационализацијата. Решенијата ги примила архиварката, а потоа му ги предала на Стевановиќ, кој своерачно завел дека не се вложува управен спор. На овој начин правобранителот овозможил решенијата да станат правосилни, иако не бил овластен да постапува по нив. Потоа, решенијата биле испратени во Катастарот, а оттаму издале имотни листови.