/Прочитано:

362

Инфо за предметот

Надлежен суд: Меѓународен суд за човекови права во Стразбур

Бр. на предмет: 39630/09

Судија: Николас Браца (Велика Британија), претседател, Франсоа Тулкенс (Белгија), Јосеп Касадевал (Андора), Нина Вајиќ (Хрватска), Дин Спилмен(Луксембург), Пер Лорензен (Данска), Карел Јунвирт (Чешка), Елизабет Стајнер(Австрија), Луис Лопез Гера (Шпанија), Леди Бианку (Албанија), Ишил Каракаш (Турција), Винсент А. Де Гаетано(Малта), Јулиа Лафранк (Естониа), Линос-Александре Сицилианос (Грција), Ерик Мосе (Норвешка), Хелен Келер (Швајцарија), Ен Павер-Форде (Ирска), Изабел Беро - Лефевр (Монако), Марк Вилигер (Лихтенштајн), Драгољуб Поповиќ (Србија).

Обвинет:

  • Република Македонија

Eл-Масри против Македонија

Германецот со либанско потекло, Калид Ел-Масри, ја тужеше Република Македонија во Европскиот суд за човекови права за негово тајно предавање од страна македонското МВР на американските агенти на ЦИА. На 13 декември 2012 година, Големиот судски совет донесе конечна одлука со која ја прогласи македонската влада за виновна, односно дека е одговорна за тортура, малтретирање и тајно предавање на лице (secret rendition) осомничено за поврзаност со тероризам. Судот со пресудата утврди повреда на човековите права од членовите 3, 5, 8 и 13 од Европската конвенција за човекови права и ја задолжи Македонија да му плати штета на Ел-Масри во висина од 60.000 евра.

Според пресудата, клучен доказ за ваквата одлука на Судот за човекови права во Стразбур е писмената изјава на сведокот со иницијали Х.К. кој во периодот на затворањето на Ел-Масри бил министер за внатрешни работи на Македонија. Тој меѓу другото потврдил дека македонската полиција, постапувајќи по важечки меѓународен налог за апсење издаден од властите на САД, го уапсила Ел-Масри и го држела во изолација во Скопје под постојан надзор на агенти на државната служба за безбедност и контраразузнавање. Подоцна Ел-Масри бил предаден на тимот за предавање на ЦИА на аеродромот во Скопје и ја напуштил земјата со авион на ЦИА.

Со пресудата на Европскиот суд за човекови права беше утврдена повреда на членовите 3, 5 8 и 13 од Европската конвенција за човекови права со што скоро целосно беше прифатена апликацијата на Ел-Масри.

  • Повреда на членот 3 (забрана на тортура и нечовечко и понижувачко постапување) од Европската конвенција за заштита на човековите права во врска со нечовечкото и понижувачко постапување на кое Ел-Масри бил подложен додека бил држен во хотел во Скопје, во врска со начинот на кој било постапувано со него на скопскиот аеродром, кој претставува тортура, и во врска со неговото предавање во заробеништво на властите на Соединетите Американски Држави, со што бил изложен на ризик од понатамошно постапување спротивно на членот 3; поради тоа што Република Македонија не спровела ефикасна истрага во однос на тврдењата на Ел-Масри дека бил жртва на малтретирање;
  • Повреда на членот 5 (право на слобода и сигурност) во врска со неговото затворање во хотел во Скопје во времетраење од 23 дена и во однос на неговото последователно затворање во Авганистан, како и во врска со неспроведувањето ефикасна истрага во однос на неговите наводи дека бил арбитрерно лишен од слобода;
  • Повреда на членот 8 (право на приватен и семеен живот) и 
  • Повреда на членот 13 (право на ефикасен правен лек).

Извадок од пресудата

– Случајот се однесува на жалбените наводи на германски државјанин со либанско потекло за тоа дека бил жртва на операција на тајно предавање (“rendition”) во која бил уапсен, држен во изолација, испрашуван и малтретиран во хотел во Скопје 23 дена, и потоа предаден на агенти на ЦИА кои го пренеле во таен затвор во Авганистан, каде што бил подложен на дополнително малтретирање повеќе од четири месеци. Судот утврди дека не постојат основани причини за сомневање во веродостојноста на тврдењата на г-дин Ел-Масри и оцени дека “поранешната југословенска Република Македонија” е одговорна за тортурата и малтретирањето на кои бил подложен како во самата држава, така и по неговото предавање на властите на Соединетите Американски Држави во контекст на „противправното предавање” (“extrajudicial rendition”)“, стои во пресудата.

Случајот Ел-Масри: Приказната и аргументите на двете страни 

Судот во Стразбур на 09.02.2012 година одлучи случајот Ел-Мaсри да го прeдаде на Големиот судски совет откако Малиот судски совет се изјасни дека не е надлежен да одлучува за овој предмет

На 16 мај 2012 година Европскиот суд за човекови права се одржи јавна расправа, македонската владин тим пред судот посочи дека апликација е со задоцнет рок, односно дека е поднесена надвор од предвидениот рок од 6 месеци. Во однос на самите факти и самиот случај останаа на нивните позиции од 2006 година, односно дека Ел-Масри кратко бил испрашуван заради проверка на документите, а потоа преку Косово слободно заминал од земјава.

>> Адвокат Медарски: Во исчекување на пресудата за случајот Ел-Масри 

>> Владин агент Богданов: Тврдењето на застапниците на Ел-Масри дека во пасошот нема излезен печат од државата е спротивно на доказите

Кој е Калид Ел-Масри?

Калид Ел-Масри е израснат во Либан. Во 1985 година за време на Либанската граѓанска војна бега во Германија каде аплицира за азил поради наводно членување во милитантната група Ал Тавхид. Неговото барање азил завршува позитивно, а од 1994 година Ел-Масри добива германско државјанство, врз основа на неговиот брак со германска државјанка. Во 1996 година се преженува со Либанка со која има 6 деца.

За разлика од владиниот тим, претставниците на Калид Ел-Масри, адвокатите Џемс Голдсон и Дариан Павли, и македонскиот адвокат Филип Медарски, сметаа дека властите постапиле противправно и со тоа придонеле за непочитување на обврските кои Македонија ги презеде со членството во Советот на Европа. Истотака, според нив надлежните не спровеле соодветна истрага за овој случај и со тоа Ел Масри не можел да добие правен лек во Македонија.

Според приказната на Ел-Масри, тој кон крајот на 2003 година заминува на одмор во Скопје, по што на граничниот премин Табановце македонските власти го апсат под сомнение дека неговиот германски пасош е фалсификуван, односно дека е член на Ал-Каеда. Ел-Масри во својот исказ вели дека по ова, 23 дена бил затворен и испрашуван во хотелот  „Скопски мерак“, а потоа противправно предаден на ЦИА кои пак авионски го спровеле во илегален затвор во Кабул, Авганистан. Според него целата сага траела 5 месеци, односно од 31 декември 2003 до 28 мај 2004 година. Спротивно на неговата верзија, македонските власти во своја одбрана тврдеа дека Ел-Масри кратко бил испрашуван заради проверка на документите, а откако утврдиле дека се е во ред со него, бил пуштен слободно да влезе во Македонија. Тие наведуваат дека на 23 јануари 2004 година, преку Косово Ел-Масри заминал од земјава.

„Мојата приказна е следна. На 31 декември, 2003 година, се качив на автобус во Улм, Германија за да одам на одмор во Скопје, Македонија. Кога автобусот ја помина границата за влез во Македонија, македонските органи го конфискуваа мојот пасош и ме задржаа неколку часа. Потоа, ме префрлија во хотел каде што ме држеа 23 дена. Постојано бев со чувари, завесите од собата за цело време ми беа спуштени, воопшто не ми дозволија да ја напуштам собата, ми се закануваа со пиштоли и ми беше забрането да контактирам со било кој. Во хотелот, постојано ме испрашуваа за моите активности во Улм, за моите соработници, џамијата, состаноци со луѓе кои никогаш не се случиле,  или за соработка со луѓе кои никогаш ги немам запознаено. На секое нивно прашање одговарав искрено, и ги негирав обвинувањата кога имаше потреба од тоа.“ – Калид Ел-Масри. (Извадок од исказот на Ел-Масри даден за Интер-американската комисија за човекови права -IACHR)

  • Доказ дека Ел-Масри слободно ја напуштил државата, според македонските власти е излезниот печат во неговиот пасош, што е спротивно на наводите на одбраната која тврди дека излезен печат во пасошот на Ел-Масри нема. – „Па неговиот пасош  реално никој го нема видено, ниту ние, ниту судот. Како доказ од страна на апликантот беше приложена фотокопија од една од страниците на пасошот на Ел-Масри каде неспорно се гледаат два македонски печати, еден влезен од 31.12.03 година, и еден излезен од 23.01.04. Значи нема дилема околу постоење на печатите во пасошот. Дополнително ваквиот податок беше проверен преку централни полициски служби кои го потврдија тој факт, прецизирајќи го граничниот премин како и времето кога ја напуштил државата. Според тоа тврдењето на застапниците на апликантот дека во пасошот нема излезен печат од државата е спротивно на доказите кои тие самите ги предложија во текот на постапката, вели во интервју за Академик“, владиниот агент Костадин Богданов. 
  • Според кажувањата на Ел-Масри има две причини зошто ја одбрал Македонија како дестинација за одмор во очи новогодишните празници, каде пристигнал без неговото семејство. Едната била влошената семејна состојба во тој период и сакал да се тргне привремено од семејството,  а Македонија била земја каде што со релативно скромни финансиски средства може да се помине извесен период. Втората причина е евентуално да ја испита можноста за започнување на бизнис со користени автомобили.

Понатаму Ел-Масри раскажува дека бил предаден на агентите на ЦИА и со авион  пренесен во таен истражен затвор на ЦИА (Солт Пит – наводниот таен затвор, својата популарност ја доживеа преку два случаи, меѓу кои и овој на Ел-Масри)  во Кабул, Авганистан.

  • Материјален доказ која го поткрепува неговото тврдење е летачка евиденција која покажува дека на 23 јануари, 2004, Боинг 737 во сопственост на американска корпорација,  регистриран како авион N313 – слетал во Македонија, а потоа преку Багдад  со еден патник заминал за Авганистан.  Истиот авион е идентификуван дека бил користен при други вакви нелегални трансфери на лица осомничени за тероризам.

Според тврдењето на Ел Масри, додека бил во затворот на ЦИА, тој бил брутално измачуван. Наводно бил испрашуван во врска со тоа дали учествувал во кампови на Ал-Каеда, дали ги познава организаторите на 9/11, но исто како и во Македонија ги негирал обвинувањата. Барањата да зборува со претставник од Германија, адвокат, неговото семејство според него секогаш завршувале без успех. Тој во своите сведоштва вели дека ослабел дури 30 килограми, во текот на тие 5 месеци.

  • Според неговата одбрана, вонсудското притворање веројатно се должи на сличноста на неговото презиме со терористот Абу Хамза ал – Масри (уапсен август 2004 година во В. Британија, осуден 2005 година).

По некое време, според раскажувањата на Ел-Масри, агентите на ЦИА почнале да се сомневаат дека пасошот на Ел Масри не е фалсификат. По потврдата дека пасошот не е фалсификат, ЦИА според одредени пишувања најверојатно почнала да разгледува опции како да се справи со случајот. Една од опциите што наводно била разгледувана е Ел-Масри е тајно да се транспортира во Македонија, да се остави таму, а потоа да се негираат неговите обвинувања. Бидејќи се известени од страна на македонските власти дека се противат Ел Масри да биде вратен на македонска територија, американските агенти го оставаат наводно во Албанија на аеродромот Кучова, близу областа Берат, при што му бил вратен и пасошот. Од тука според неговата приказна веднаш го презеле албанските власти кои го ставиле на лет за Франкфурт.  Во меѓувреме неговата сопруга со децата се враќа во Либан, мислејќи дека тој ги напуштил. По дознавањето на вистината, таа му се враќа на својот сопруг, стои во сведоштвата на Ел-Масри.

Македонските и американските власти ја негираа оваа приказна, велејки дека ова патешествие на Ел-Масри никогаш не се случило.

  • Најмоќен доказ според судот и одбраната што ја поткрепува приказната на Ел-Масри е писмената изјава на сведокот со иницијали Х. К.  кој во периодот на затворањето на Ел-Масри бил министер за внатрешни работи на Македонија. Тој меѓу другото потврдил дека македонската полиција, постапувајќи по важечки меѓународен налог за апсење издаден од властите на САД, го уапсила Ел-Масри и го држела во изолација во Скопје под постојан надзор на агенти на државната служба за безбедност и контраразузнавање. Подоцна Ел-Масри бил предаден на тимот за предавање на ЦИА на аеродромот во Скопје и ја напуштил земјата со авион на ЦИА.

Изјавите на двете спротиставени страни по објавувањето на пресудата

 –  „Утврдена е повреда на член 3, 5 8 и 13 од Европската конвенција за човекови права. Што значи дека скоро целосно е прифатена апликацијата. Она што е најбитно е какви чекори ќе преземе Македонија со цел да ги отстрани или ублажи сторените повреди. Иако пресудата е донесена против Република Македонија, земјата не губи со тоа што Стразбур донел ваква пресуда, бидејќи тоа е начин конечно да се расчисти со овој случај и да истиот не биде прозиван во секој годишен извештај на сите релевантени меѓународни организации за заштита на човековите права“, изјави адвокатот на Ел-Масри, Филип Медарски за Академик, веднаш по објавувањето на пресудата.

–  „Ќе ја прочитаме пресудата од 90 страници, детално ќе ја анализираме за да видиме од кој аспект се повредите и секако ќе пристапиме кон нејзино целосно извршување како што налагаат правилата на Советот на Европа. Може да се погледнат сите докази кои се прифатени од страна на судот, еден од клучните докази е сведокот, поранешниот министер за внатрешни работи чии што иницијали Х. К. ги пишува во пресудата“, посочи владиниот агент Костадин Богданов за Академик.

Граѓанска постапка во Основниот суд Скопје 2 

Освен од Стразбур, Ел Масри бара  правда и пред македонските судови. Во тек е граѓанска постапка во Основниот суд 2 Скопје. Процесот се одолговлекува бидејќи Ел-Масри во моментов издржува затворска казна во Германија за физички напад на  градоначалникот на гермаснкиот град Улм. Досега во судница беше сослушана истражителка од Лондон, која изминативе 5 години работела на случајот на германскиот државјанин Калид Ел-Масри. Таа тврдеше дека собрала докази обезбедени од воздухопловни служби, од странски полициски истраги и извештаи, сведочења на затвореници и многу други информации што упатувале на веројатноста дека Ел Масри бил киднапиран. Оштетното побарување во оваа постапка е во висина 50 илјади евра за наводната тортурата во Македонија од страна на македонското МВР.

Истрага – Германија

По жалба на Ел-Масри, обвинителите во Минхен отворија истрага за неговите наводи во јуни 2004 година. Во текот на истрагата, германски официјални претставници потврдија од очевидци дека Ел-Масри навистина патувал во Македонија со автобус на крајот на 2003 година, и дека тој бил уапсен набргу по влегувањето во земјата.

  • Од анализа на перче од неговата коса, истрагата покажала дека тој  извесен период во 2004 година поминал во Јужноазиска земја и бил лишен од храна за подолг период.

На 6 декември 2005 година, германската канцеларка Ангела Меркел по средбата со тогашниот американски државен секретар Кондолиза Рајс изјави дека САД прифатиле дека направиле “грешка” во случајот со Ел-Масри. На 31 јануари 2007 година,германскиот обвинител Кристијан Шмит Сомерфелд, во рамки на германскиот правосуден систем поднесе обвинение против тринаесет агенти на ЦИА за нивната наводна вмешаност во нелегалниот трансфер на нивниот државјанин.

Ел-Масри против поранешниот директор на ЦИА и уште 12 други агенти 

Во декември 2005 година Ел-Масри пред Основниот суд во Вирџинија покренува тужба против поранешниот директор на ЦИА, Џорџ Тенет и негови соработници, но истата е одбиена врз основа на решение дека  доколку случајот влезе во процедура, тоа би можело да ги доведе во опасност државните тајни. Повисоката инстанца, Апелациониот суд ја потврди одлуката на понискиот суд. (Одлуката на Вирџинскиот апелациски суд може да ја погледнете тука.) Упорноста на Ел-Масри не се исплатеше ни пред Врховниот суд, кој во октомври 2007  одби да го разгледа овој случај.

Интер-американската комисија за човекови права (IACHR), ја укина одлуката на Врховниот суд, што значи дека постои можност постапката да се обнови. IACHR  побара да се почитува Декларацијата за правата и должностите на човекот, да се најдат одговорните за кршењето на правата на Ел-Масри, и САД јавно да признае и да се извини за кршење на правата на Ел-Масри, но ниту ова се случило, ниту пак  имало обновување на постапката.