/Прочитано:

4.360

Инфо за предметот

Надлежен суд: Основен суд Скопје 1

Бр. на предмет: КОК бр. 53/13

СУДЕЊЕ

Почеток: 9 август 2013г.

Судија: Огнен Ставрев (претседател)

Обвинител: Лиле Стефанова

Обвинети:

  • Илче Бојчевски
  • Драган Милосовски - Жижи
  • Коста Великов
  • Али Касум
  • Шефкет Сејфулов
  • Звонимир Николовски
  • Звонимир Будимировиќ
  • Томо Илиевски
  • Златко Тодоровски
  • Александар Караманов
  • Александар Сапунџиев
  • Тони Цветковски
  • Андреа Пановски
  • Стефан Данев
  • Паско Кузман
  • Марија Пујаз

„Фаланга 2“

Најголемиот дел од шеснаестмината осудени во овој предмет, кои и со правосилната пресуда на Апелациониот суд Скопје беа прогласени за виновни, се товарат дека илегално ископувале артефакти и ги продавале. 

Првообвинет во овој предмет е поранешниот раководител на Одделение за превенција во Управата за заштита на културно наследство Илче Бојчевски кој се товари за: „злосторничко здржување“, „злоупотреба на службената положба“,  „тешка кражба“ и „прикривање“.

Според обвинението: „Бојчевски, обвинетиот Драган Милосовски – Жижи и српскиот државјанин Давид Шекуларац – Циле, за кого постапката беше издвоена, во почетокот на 2010 година создале криминална група и план по кој  лично или преку припадниците на локалитети и споменици на културата и противправно одземале археолошки предмети – добра под привремена заштита или културно наследство во сопственост на РМ за кои знаеле дека се прибавени кривично делo, иако прометот со археолошки предмети и добра под привремена заштита, односно културно наследство во сопственост на РМ е забранет ги продавале во државава и во странство“.

Во обвинителниот акт исто така се додава дека: „на групата, прифаќајки го криминалниот план во текот на 2010 година, припадници станале обвинетите Коста Великов, сведокот Иле Николов, обвинетите Али Касум, Сејфулов Шефкет, Звонимир Николовски, Коча Бошковиќ (српски државјанин кој е недостапен за органите на прогон и за кого исто така беше издвоена постапката) и Звонимир Будимировиќ, а во 2012 година припадници станале и обвинетите Томо Илиевски, Златко Тодоровски и Александар Караманов при што секој имал конкретна определена улога“.

Три бронзени фигури на суштества-предмети ископани од археолошки локалитети во Македонија; еден бронзен шлем, копче тока, копје и стрела од антички период нелегално ископани од археолошкиот локалитет – Корешница. Демир Капија; 2 броја култни садови со поклопец, 2 броја наочарасти фибули, 5 броја астрагал-едноделен појас, 2 бронзени делови од огрлица и 42 разни археолошки предмети нелегално ископани од археолошки локалитети; две стаклени чаши нелегално ископани од археолошки локалитети; бронзена плоча нелегално ископана од археолошки локалитет; една мермерна и една камена плоча нелегално ископана од археолошки локалитет во с.Гарниково, Кавадарци; Керамичко бокле нелегално ископано од археолошки локалитет; 1 глинен сад (бардак), 9 глинени садови (чоканчиња), два глинени сада цилиндрични оштетени и лепени, 57 монети и една лупа, 27 лонци скршени метални делови нелегално ископани од археолошки локалитети; 7 вредни стари икони – се дел од предметите кои според обвинението биле илегално продавани во земјава и надвор за вкупни цени кои се движат и до 30.000 евра. 

Меѓу последните обинети во овој предмет е поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузманно тој се товари за злоупотреба на службената положба. 

Тој според Обвинителството како директор на Управата за заштита на културното наследство ја злоупотребил службената положба со тоа што како директор на Управата за заштита на културното наследство издал Согласност на физички лица за изведување на земјени работи на две локации со цел проверка на наводи за постоење на културно – историско наследство. Во обвинителниот акт се тврди дека овој документ не е предвиден со законските и подзаконските акти на Управата.  

Обвинителството исто така тврди дека тој „без било каков правен основ, иако согласноста била дадена на физички лица, преку МВР  побарал полициска асистенција во насока на обезбедување на локациите на товар на Управата за заштита на културното наследство со што го оштетил Буџетот на РМ за 3.798.375.,00 денари“.

Со првостепената пресуда од Основниот суд Скопје 1 изречена на 24.07.2014 највисока казна од седум и пол години затвор доби првообвинетиот Бојчевски. Останатите обвинети кои се товарат дека биле дел од злосторничката група која се занимавала со трговија на артефакти добија меѓу три и пол и шест и пол години затвор.

Кузман доби три години затвор, а на четворица обвинети им беа изречени условни казни.

Фаланга 2“ е продолжение на акцијата „Фаланга“ која беше спроведена во 2011 година. Врховниот суд во овој случај ја потврди пресудата со која 22 обвинети беа прогласени за виновни за злосторничко здружување, тешка кражба и за нелегална трговија со артефакти. Дел од обвинетите во „Фаланга 2“ беа сведоци во првото судење за нелегална трговија со артефакти.

Тек на судењето