/Прочитано:

3.051

„ФАЛАНГА 2“: Завршен збор на бранителот Александар Новакоски за Паско Кузман

Случај: „ФАЛАНГА 2“ Завршен збор: Александар Новакоски , бранител на Паско Кузман 


Од самиот почеток на овој судски процес имав дилеми со кои  и какви докази обвинителството  во текот на главниот претрес ќе го докаже обвинението, имајќи во предвид дека при подигнување на Обвинителниот акт  сметав и сметам  дека не располагаше со правно релевантни докази.

После една година од водење на овој судски процес, Обвинителството освен доказите кои ги достави и предложи со Обвинителниот акт, друг доказ  не достави.

Тоа ми дава за право сериозно да се посомневам во намерите на Обвинителството дека од самиот почеток, па до самиот крај обвинението го заснова на база на претпоставки,веројатности, можни злоупотреби, можни користи и што уште не.

Ова ми дава за право да се посомневам во мотивите на органите на прогон обвинетиот Паско Кузман по секоја цена биде дел од овој процес т.н. ,,ФАЛАНГА 2” со некоја  за нас непозната цел. Притоа со едно конфузно обвинение во кое ниту е логички дефинирано дејствието на извршување на обвинетиот, ниту последицата од дејствието на обвинетиот, ниту граматички нема прецизен опис, така да противправноста како конститутивен елемент на битието на ова дело не произлегува од описот на дејствието на извршување.

Сите пред Законот се еднакви, но од првиот ден и приведувањето на обвинетиот, многу  настани кои се одвиваа надвор од оваа зграда, изјави од официјални лица и одредени интересни групи сакаа по било која цена да го прикажат обвинетиот како дел од злосторничко здружување. Во текот на целиот судски процес се зборуваше дека е дел од група, главен организатор и што уште  не, за да присутните во Судот после сите изведени докази се увериме дека сето тоа бил своевиден притисок врз Судот, Обвинителството.

Кога  се сомневав во намерите на Обвинителството очекував барем да истапи со некој доказ кој барем малку ќе ги оправда нивните постапки, но после завршниот збор на Обвинителството немам дилеми дека Обвинителството прави своевидна гимнастика, одредени замени на тези, извлекувања од контекст на само една изјава дадена од обвинет во овој процес и истата ја искористи како клучен и единствен доказ по обвинението, иако и таа не им оди во прилог.

Ова  ми дава за право да укажам на овој Судски совет, дека обвинетиот како позната и призната личност, која зад себе има отткритија со кои генерации во Р.М. ќе се гордеат  е ставен како декор во овој процес со прилепување на едно дело за кое е предвидена висока казна. а кое дело се почесто се исклучува од Законодавствата на земјите кои пристапуваат кон ЕУ , а се  користи во случаи кога органите на прогон немаат докази и  аргументи за било какво обвинување за кое се сомневале , но секако со тоа успеаа да дадат тежина на овој процес. Овој ценет Судски совет и присутните видоа, слушнаа и се уверија дека обвинетиот не треба да  е дел од овој судски процес, но некој сакал тој да биде и успеал во тоа.

Сега немам дилеми како да го изложам мојот завршен збор, , да  се даде одговор на нелогички дефиниции, да се изложуваат и толкуваат закони кои некој требало да ги има во предвид, пред да стигнеме до оваа фаза.

Само би напоменал во контекст на досега кажаното дека обвинетиот иако изложен на сите овие инсинуации, успеа да одолее на предизвиците  јавно да одговори на сите неосновани дискредитации на неговата личност , се  со една цел овој Суд да ги слушне аргументите и само пред овој Суд да ја докаже невиноста. На истиот и покрај својата долгогодишна плодна работа не му беше овозможено ниту да се раздолжи со своите обврски во Управата, каде беше директор се до приведувањето, а ова ми дава право да се сомневам дека некој имал потреба да го изолира и отстрани Паско за подолг период од јавниот живот, од работата и друго.

Обвинителството со прецизирање на диспозитивот на Обвинителниот акт  во точка 13 изврши одредена корекција,  но за нас и судот треба да е многу битна од следните причини.

Имено, зборовите ,,А од друга страна барањата не содржеле програма за истражувањето, дефинирање мерки за заштита на локалитетот и евентуалните наоди, спецификација на техничките средства кои би биле употребени, доказ за обезбедени финансиски средтва за истражувањата и за спроведување на мерките за заштита, податоците за просторот кој ќе се истражува, правецот и методологијата која ќе се применува, како и фото и техничка документација се исфрлаат, па се прашувам дали со ова Обвинителството  смета дека барањата на физичките лица се согласно Законот за општа управна постапка и чл. 143, ст. 4 од ЗСИДСП.

Доколку се земе во предвид вака прецизираното обвинение и завршниот збор на Обвинителството станува јасна сликата што сака да импровизира обвинителството после една година  процес.

Прво, наводно обвинетиот Паско Кузман бил поттикнат со умисла од обвинетиот Илчо Бојчевски да го стори делото.

–         Од доказите изведени во текот на главиот претрес се утврди дека обвинетиот Паско Кузман постапувал врз основа на барања уредно поднесени  до Управата; се докажа дека тој ниту бил, ниту имал разговори со физичките лица кои се сослушани и истите воопшто не даваат аргумент за било каква активност на обвинетиот се до потпишување на согласностите.

–         Обвинителството не докажа дека обвинетиот Илчо Бојчевски бил мотивиран да добие процент од богатството. Се прашувам доколку за ова дело е потребна директна умисла на страна на обвинетиот Паско Кузман, која не се утврди, дали Обвинителството преку наводната умисла и наводниот мотив на обвинетиот Илчо сака да ја докаже умислата на обвинетиот Паско Кузман. (За умислата ќе зборувам покасно, но несфатливо е да сака да се докаже нешто кое е вон сите правнологички размислувања и докази.)

–         Во обвинението се тврди дека Обвинетиот Илчо Бојчевски мотивиран за добивање дел од богатство го убедил брзо и едноставно обвинетиот Паско Кузман да ги издаде согласностите. Што е брзо и едноставно? Кога е очигледно дека обвинетиот Звонимир Николовски (а  Обвинителството преферира да го користи неговиот исказ, односно одбрана) потврдува дека уште пролета 2011 година тој и обвинетиот Илчо Бојчевски имале контакти со барателите на согласностите, а согласностите се издадени во Ноември 2011 година.

–         Од сите досега изведени докази неспорно се утврди дека обвинетиот немал умисла да го изврши ова дело и дека истиот ниту бил поттикнат од првообвинетиот да направи нешто што не е во согласност со неговите овластувања и овластувањата на управата. Немал умисла ниту да овозможи  некому корист освен на државата и да го заштити националното богатство. Во колку од сите изведени докази се утврди дека во дејствијата на обвинетиот не се исполнети законските обележја на кривичното дело кое му се става на товар, тогаш   се докажа дека и првообвинетиот немал умисла да го потикне при извршување на ова дело.

Во подготвување на завршниот збор посебно сум поттикнат од Обвинителството кое во завршниот збор конечно побара од Судот да ги има во предвид одредбите од ЗЗКН, за што ние инсистиравме од самиот почеток. Со Обвинителството сме на исто мислење во однос на неопходната потреба Судот посебно да се задржи на толкување на Законот за заштита на културно наследство, со тоа што ние би додале дека треба да се толкува и ЗСИДСП, Правилникот за начинот на вршење на полициски работи ( Сл. Весник бр. 114/2006), како и Законот за полиција посебно чл.7а донесен на 19.11.2012 година ( Сл. Весник на Р.М. 145).

            Толкување на Законите е неизбежно, а за тоа допринесува несовршеноста на јазикот, неодреденоста и повеќекратното значење на одреден поим со кој се служи Законодавецот. Голем степен на апстракција и генерализација  има при формулирање на законските прописи што често доведува до тоа текстот на законот да е нејасен и различно да се толкува.

          Неслучајно некои еминентни кривичари изјавиле дека судската пракса е вечно зелено стебло на животот и корените и се длабоко во земјата, во нашите животни простори и меѓусебни односи. Тука мир нема. Улогата на Судот е да ги ублажува противречностите кои настануваат од законските текстови и динамиката на животот.

          Второ, Обвинителството тврди дека обвинетиот Паско ја пречекорил својата службена положба и овластувања.

Делото за кое се товари обвинетиот Паско Кузман е дека ги пречекорил границите на службените овластувања што е едно од облиците на дејствието на извршување на кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување. Овој облик подразбира такво постапување на службеното лице што задржува службен карактер, но излегува надвор од границите на овластувањата на службеното лице. За да постои овој облик потребно е Судот да ги слушне овластувањата кои ги имал Паско Кузман како директор на Управата за заштита на културно наследство.

Еве факти засновани врз Закон дека тој дејствувал во рамките на законските овластувања, а за да не се смета дека ги пречекорил треба точно да се наведат овластувањата.

Прво, Обвинителството смета дека обвинетиот требал да постапи согласно чл. 55 од ЗЗКН и чл. 56 од истиот закон. Противаргумент: Тоа се однесува за издавање дозвола за археолошки истражувања на археолошки локалитети. Со доказите доставени, а и од изјавата на обвинителството во завршен збор јасно произлегува дека овие одредби не може да дојдат до примена кога е јасно дека не се работи за археолошки локалитети.  Овие одредби не може да бидат основ за да се докаже вина кај обвинетиот. Тоа го потврдија сите сослушани, па и обвинетиот Звонимир Николовски.

Второ, физичките лица согласно Законот за општа управна постапка и врз основа на чл. 143, ст.4 од Законот за сопственост и други стварни права поднеле барање до Управата за заштита на културно наследство. По процедура тие барања преку архивата поминале низ стручните служби и истите на крај биле доставени до обвинетиот како директор. Со овој член е регулирано правото за стекнување соодветна награда од наоѓање богатство- културно добро, а истите имаат право и на надоместок на нужни трошоци.

Трето, согласно чл.142, ст.1 и ст.2 од ЗСИДСП, опишаното богатство и културно добро подлежи на ЗЗКН и врз основа на чл.10,ст.3 од истиот Закон претставува добро за кое  основано се претпоставува  дека е движно културно наследство кое е во сопственост на државата.

Четврто, врз основа на член. 145, т.12 од ЗЗКН со истото управува управата  и согласно чл.6, ст.3 од истиот Закон остварувањето и заштитата е законска должност на Управата. Цитирам ,, Управата ефикасно управува со ризиците на кои тоа е изложено, особено во поглед на нелегалните ископувања, криумчарење, кражби, присвојување и други противправни дејствија”. Како и во поглед на условите на чување, ракување, транспорт,изложување и др.

Петто, согласно чл.102, ст.2, т.1,2,6 од ЗЗКН претставува стручна работа на Управата за заштита на културното наследство.

Шестто, согласно чл.17 и 19 од ЗЗКН опишаното богатство би се состоело и од предмети кои се законски категоризирани како историски и технички предмети. Ова произлегува од Националната класификација на културното наследство, односно согласно чл. 32а, ст.1, т.14 од ЗЗКН антиквитети т.е. предмети од злато, оружје, муниција,возила постари од 50 години, кои  согласно утврдениот опис од чл.15 од ЗЗКН не потекнуваат од периоди предметни за археологијата.

Седмо, согласно чл. 32а, ст.2,т.4 , алинеа 4 и 6 од ЗЗКН, Управата за заштита на културното наследство утврдила дека  се поврзани со личност, појава или настан значаен за националната историја на Р.М. и се ретки и загрозени или ќе станат ретки и загрозени на територија на Р.М. Овие предмети согласно чл.32а од ЗЗКН основано влегуваат во правната категорија- национално богатство и добро под привремена заштита ex lege. Од ова произлегува дека истото е под режим на заштита што директно ја спроведува Управата за заштита на културното наследство, а не јавните установи за заштита на културното наследство.

Заклучок:

Управата за заштита на културното наследство и директорот како овластено лице согласно погоренаведеното постапиле согласно законските овластувања и од овие законски одредби и овластувања, богатството и движното културно наследство не може ни правно, ни стварно да подлежи на управна постапка за добивање дозвола за археолошко ископување, па оттука примената на чл.55 и 56 е недозволива и неприменлива како што тврди обвинителството.

Дали согласноста е предвидена со акт или подзаконски акт за што обвинителството тврди дека не е предвидена ги даваме следните аргументи кои произлегуваат од Закон:

–         Прво, согласно чл.145, т.5 од ЗЗКН, Управата ја следи и анализира состојбата со културното наследство и предлага мерки и акти за остварување развој и унапредување.

–         Второ, врз основа на чл.145,т.12 од ЗЗКН, Управата управува со културно наследство во државна сопственост ,за кое правото на користење не му е даден на друг носител или за кое не е дадена концесија во врска со чл.10, ст.3 од ЗЗКН. Според овој член, културно наследство и добро за кое основано се претпоставува дека е културно наследство што ќе се најде во земја или вода без оглед дали е извадено се смета дека е во државна сопственост. Во сите други случаи, во поглед на правото на сопственост се применуваат прописите за стекнување на сопственост на најдени ствари.

–         Трето, врз основа на чл. 145, т.13 од ЗЗКН, Управата ги врши работите во врска со правото на првенствено купување, утврдување на правични надоместоци, висина на награда и други работи од имотно правна природа од областа на заштитата на културното наследство, а во врска со чл.143, ст. 2 од ЗСИДСП.

–         Четврто, во согласноста се наведува дека раководителот на одделението за превенција на културно наследство е оперативно задолжен за целата постапка и истото е согласно чл.102, ст.2, т.1,2,6 во врска со ст. 1 од ЗЗКН.

–         Петто, поднесените барања ја поминале целата процедура согласно ЗОУП и согласно чл. 143,ст. 4 од ЗСИДСП каде е предвидено правото на стекнување на соодветна награда.

ЗАКЛУЧОК: Факт е дека обвинетиот согласно овластувањата и консултациите со стручните служби издал согласности кои се предвидени, односно и самиот Звонимир Николовски се уверил дека има силни индиции засновани врз информации и мапи за постоење на богатство, злато, историски предмети и технички предмети. Наоѓањето на вакво богатство и културно добро кое би претставувало корист за државата не е забрането во Р.М., ниту на физички, ниту на правни лица, а вооедно не е забрането ниту изведување земјени работи на места  за кои стручни лица потврдиле дека не се археолошки наоѓалишта. Управата и Обвинетиот биле обврзани да превземат  мерки и  истите ги превзеле со тоа што задолжиле надзор , а  местата и локациите ги обезбедиле со припадници на единствено надлежен орган за ваква ситуација, а тоа е МВР.  Сите наводи за евентуално богатство и културно добро на овие подрачја биле проверени и испитани од стручни лица од Управата. Молам Судот да има во предвид дека сопственоста врз скриеното богатство и културно добро е факултативна согласно ЗСИДСП што значи дека припаѓа на државата само во случај кога не се знае неговиот сопственик. Единствено ЗЗКН е експлицитен дека добро кое не е извадено од земја,а за кое основано се претпоставува дека е културно наследство е сопстеност на државата. Со други зборови, обвинетиот Паско Кузман издавајќи ги согласностите кои произлегуваат од надлежноста на Управата го спровел ЗЗКН за правно да го обезбеди потенцијалното отткритие.

          Ако се имаат во предвид наведените овластувања, отпаѓа тезата на Обвинителството дека обвинетиот немал право  да ги издаде согласностите. Посебно сакам да укажам на Судот дека обвинетиот го застапува органот на Управата, а во овој конкретен случај неспорно е од доказите дека согласностите се издадени врз основа на барања заведени во архива, но помеѓу Управата и лицата кои добиле согласност не настанала правна обврска, односно нив не им е исплатено ништо. Се докажа дека не е пронајдено ништо и со прекинот на работите нема никакво исполнување и реализирање на согласностите. Овде е јасно дека и да имало пречекорување на овластувањата за застапување, со ненастанување на правна обврска неможе да стане збор за пречекорување на овластувањата, иако е факт е дека овластувањата се издадени согласно позитивните законски прописи.

          Трето, Обвинителството тврди дека обвинетиот Паско Кузман побарал полициска ассистенција со цел да бидат превземени превентивни полициски мерки во насока на обезбедување на доказите, иако знаел за цената на чинење на тоа обезбедување. Во завршен збор го дополнува со наводно постоење веројатност дека обвинетиот Паско Кузман и обвинетиот Илчо Бојчевски цитирам ,,Обвинетите веројатно се имаат чуствувано премногу моќни кога се договориле да полицијата врши обезбедување за некој да не им смета во работата“ .

Јас стварно се обидов да разберам, односно да ја толкувам оваа теза на обвинителството, но не можам да најдам ниту еден логички аргумент за да може некој да поверува во ова.

Прво, управата се обратила до МВР само со една единствена цел да ги обезбеди локациите и била должна тоа да го направи. Барањата до МВР се поднесени од Управата по претходно предвидена процедура, а директорот, односно обвинетиот како овластено лице го потпишал барањето. Може да се види од доказите дека на некое од барањата е употребен и факсимил. Од кого ќе барале обезбедување ако не од МВР. Согласно закон за органи за управа надлежните државни органи се должни и повикани да соработуваат. МВР е целосно вклучена во овој процес, истата го мониторирала и со технички средства го снимала целиот процес, а  тоа е евидентно од доказите.

Согласно Правилникот на начинот на вршење на полициски работи, должност е на полицијата да прибира податоци и информации, а во конкретниот случај државен орган и се обратил и укажал за барањата и во прилог и биле пратени и согласностите. Од доказите во предметот е јасно дека МВР и во текот на 2011 година постапувала по овој предмет и не е јасно зошто тогаш не нашле елементи на кривично дело, а сега истата наводно нашла и вршела предистражни дејствија и тоа од одделот за организиран криминал. МВР согласно правилникот е должна пред да одговори на барањето да изврши проценки. Единствено надлежен да одобри асистенција , согласно одредбите од правилникот за обезбедување организрано на подрачје на две општини или повеќе општини е  директорот за јавна безбедност или од него овластен полициски службеник. За ова се обезбедува план, тој треба да биде одобрен, одговорните службеници на терен се запознаваат со своите задачи, а одговорниот полициски службеник, го следи спроведувањето на планот и поднесува извештај. Сето ова е согласно правилникот и за тоа  во МВР поседува докази, но обвинителствоо не најде сили ова да го потврди. (Согласно правилникот за начинот на вршење на полициските работи службен весник бр. 114/2006 )

Главното обвинување за обвинетиот Паско е дека неосновано ја ангажирал полицијата, но оваа теза на секого му е јасно дека не држи со оглед дека постои Правилник како полицијата постапува во вакви случаи. Посебно ако и тие имале сознание и проверки дека е можно да дојде до пронаоѓање на оружје од постара доба и сигурно без проверка не би ги изложиле сите на ризик.

Следното обвинување е дека обвинетиот знаел за цената на извршената асистенција. Доказ дека не знаел е чл. 7 А од Законот за полиција кој цитирам ,,трошоците за извршена асистенција паѓаат на товар на барателот на асистенцијата,, , но овој акт е донесен на 19.11.2012 година (објавен во Службен весник на РМ број 145 од 19.11.2012 година), цела година после издавањето на согласностите.

Законитоста на барањето било причина поради која Управата за заштита на културно наследство добила позитивен одговор од страна на службите во МВР, односно полициските сили ја исполниле својата обврска согласно чл. 7 и чл. 9 од Законот за полиција и согласно чл. 4 ст.2 од Законот за внтарешни работи.

МВР фактурата ја доставила после донесување на измените на Законот за полиција, а обвинетиот по консултации со надлежните во Владата и МВР бил должен да исплати. Од погоренаведеното е неспорно дека обвинетиот Илче Бојчевски и обвинетиот Паско Кузман не можеле да се чуствуваат моќно кога за давање полициска ассистенција одлучува друг.

Четврто, Обвинителството тврди дека со дејствието обвинетиот прибавил корист за друг, но фактите и доказите, a посебно oд исказите на сведоците и обвинетите е неспорно дека никој друг не прибавил корист.Очигледно е дека обвинението нема објективен идентитет, но имајќи во предвид дека индивидуален заштитен објект на ова кривично дело е буџетот, но под услов да е остварена имотна корист. Имотната корист е обележје на ова кривично дело, но за да постои делото и да се тврди дека е остварена имотна корист треба да се докаже дека е зголемен нечиј имот. Имотната корист и имотната штета не се синоними, но се поими во тесна врска и често се поклопуваат. Ако такво поклопување нема како во случајов тогаш се работи за обележја на друго дело. За да постои квалификација значителна имотна штета, таа мора да е стварна корист, а не идна корист или корист која не се однесува на имотни права. За да постои делото противправна корист мора да е прибавено, бидејќи само тогаш делото е довршено. Ако таква корист не е прибавена нема ни обид. Злоупотребата на службена положба е материјално казнено дело и тоа е довршено, ако е остварена корист за друг.

Петто, во обид обвинителството да го заокружи обвинението тврди дека е направена штета на Управата на културно наследство и Буџетот на Р.М.

Дали има штета на Управата и Буџетот на РМ?  За ова не може да стане збор, ниту може да има дилема за да се тврди дека e направена штета на буџетот. Управата платила врз основа на испоставена фактура од МВР. Средствата кои се исплатени се средства од буџетот и се работи за транскација помеѓу буџетски корисници. За да може МВР да фактурира треба да има законски основ, а секоја трансакција помеѓу буџетски корисници се одвива преку Трезорот на Министерството за финансии врз база на соодветна документација. За да се утврди дали има штета во буџетот мора да има книговодствен доказ односно книговодствено да се утврди дали буџетот на РМ бил намален или оштетен, а тоа без соодветно вештачење судот не може да го утврди, со тоа отпаѓа и овој елемент за постоење на ова кривично дело кое се става на товар на обвинетиот.

Согласно Законот за Буџет кој по форма е закон , а по содржина не , бидејќи не утврдува права и обврски, истиот се донесува секоја година,а се донесува и Закон за извршување на буџет. Согласно, Законот за Буџет, буџетот на Р.М . е акт и во него се планираат годишните приходи и ги вклучува централниот буџет и буџетот на фондовите. Во истиот закон се  наведува, тој е еден Буџет и во него се опфатени сите буџетски единици. Буџетот на Управата е дел од овој буџет и согласно закон тој е составен дел на актот како буџет на Р.М. Неслучајно законодавецот ги издвојува терминолошки само буџетите на единиците на локална самоуправа. Имајќи го во предвид ова не може да стане збор за било каква штета на буџетот на Р.М. бидејќи согласно Правилникот донесен од Министерот за финансии плаќањата помеѓу буџетските корисници се врши на посебен образец 70 и контрола врши Трезорот. Дали плаќањето на овие обврски е согласно годишниот план, а и дали побарувањата се согласно годишниот план (во конкретниов случај МВР фактурирала) исто така го контролира Трезорот. Овде може да стане збор само за постоење евентуално на одредена неправилност во заемните обврски меѓу буџетските корисници, но за тоа законот предвидува глоба. Ако законот предвидува глоба за одговорното лице ако е извршено плаќање вон буџетските средства, како може за плаќање во рамките на буџетот помеѓу буџетските корисници да се бара кривична одговорност за нанесување значителна штета на буџетот?!

Замислете обвинетиот за да го обезбеди богатството кое ќе го најде ја повикал полицијата, за да го заштити: Од кого? Од себе? Од државата? Од криминалци?

Дали овој Суд може ова да го прифати.

Ние не  импровизираме ,  одиме со факти и анализа на доказите, па судот нека цени.

Во нитуедно законодавство во светот не може да биде огласено одговорно лице за злоупотреба, ако не се докаже директна умисла, остварување корист и коруптивни дејствија, оштетување на буџет и се тоа да било реализирано.  Што имаме ние? Никој не остварил корист. Никој не зголемил имот. Никој не земал денар, освен МВР. Но, МВР   е буџетски корисник и истата фактурирала , а дали основано фактурирала треба да го утврди Министерството за финансии, па ако не е основано се врши поврат.. Но ние за тоа бараме некој да биде осуден со драконска казна .Кој апсурд!

Чиј имот зголемил дејствието на обвинетиот. На физичките лица? НЕ! На правно лице? НЕ! На МВР! Па зарем МВР не е буџетски корисник или ние сме во заблуда?!

Наводно првообвинетиот го поттикнал и тие се осеќале толку моќни, па ја ангажирале МВР да им го заштити наводното идно  богатство. Кое делававирање на МВР? Ако секој може да ги злоупотреби, па како тие гонат сторители на кривични дела од поопасен обем. Небулоза. Можеби некој сака да прави конструкции и брани нешто што не се брани или докажува нешто што не се докажува , но мислам дека не треба да се потценуваат институциите,а не посебно судот, па и нас како одбрана.

Во колку обвинетиот за ова биде огласен за виновен 90 % од сегашните, идни и поранешни функционери додека се уште е во сила ова дело треба да бидат обвинети, но тука мислам и на судските функционери и обвинителство. Можеби некој мисли дека е ова претерано, но јас ве уверувам дека преседани не се потребни повеке во судството.

Ако се има предвид од досега изведените докази и од наводите на овој завршен збор, неспорно може да се утврди дека обвинетиот дејствувал во рамките на своите службени овластувања и дека истиот не нанел штета на буџетот. Обвинителството не докажа дека обвинетиот, превзел било какво дејствие во кое е содржано законското обележје на кривичното дело кое му се става на товар. Злоупотреба на службена должност е од општ и супсидијарен карактер и објект на заштита е службената должност. Инкриминирана  е злоупотребата што се врши со посебна намера за прибавување некаква корист или нанесување некаква штета. Обвинетиот се терети дека превзел дејствија кои потпаѓаат под злоупотреба во објектвна смисла,односно дека наводно постои несогласност меѓу неговите постапки и прописите кои го определуваат делокругот на неговите надлежности и дека ги пречекорил тие овластувања. Тој тоа не го направил ако се земе  во предвид дека ова е дело е од супсидијарен карактер и постои ако нема елементи на друго кривично дело.

Шестто, после се ова погоре кажано каде Обвинителството ја гледа директната умисла на обвинетиот Паско Кузман? За да постои ова дело во сите облици директната умисла е основен елемент. За да постои ова дело треба да се има посебна намера да се прибави корист за друг или некому да се предизвика штета. Во конкретниот случај Обвинителството требаше да ја докаже и директната умисла на обвинетиот во пречекорувањата на своите овластувања. Вака како што е опишано дејствието на извршување се отвара бланкет во битието на ова кривично дело, бланкет во описот на дејствието на извршување. Имајќи во предвид дека и последицата не е дефинирана, ниту опишана, ниту обвинението има граматички,ниту логички прецизен опис отпаѓа и противправноста како конститутивен елемент на битието на ова дело.

Седмо, како еден вид резиме  на овој завршен збор мора да се споменат иако обвинителството во завршен збор не ги спомна,а тоа се изјавите на сите сведоци, сведоците- физички  лица кои добиле согласности и фактот дека тие се неупотребливи за обвинителството. Нивните искази не одат во прилог на обвинението. Сите тие без исклучок потврдуваа дека постапката за издавање согласности е согласно процедурите, немало никакви договарања со обвинетиот Паско Кузман пред да се добијат согласностите. Сведоците- лицата кои добиле согласности потврдуваат дека целокупните активности на двете подрачја биле  под 24 часовен надзор на полицијата и овластените лица Звонимир Николовски и Илчо Бојчевски, согласно актот на систематизација на Управата. Од доказите се утврди дека подрачјата не се археолошки локалитети, изводот од археолошка карта на Р.М. тоа го потврдува,а и  мислењето на институтот ГАПЕ дадено на 01.12.2011 година под број 07-71/1. Овој факт го прифати и обвинителството со што отпаѓа примената на чл. 55 и 56 од ЗЗКН за наводно непостапување од страна на обвинетиот по овие одредби.

Осмо,Обвинителството во завршниот збор очигледно мотивирано од недостатокот на докази, односно од непостоење докази се обидува наводите во истото да ги поткрепи со изјавата на  обвинетиот Звонимир Николовски и во целост го цитира неговиот исказ даден пред истражен судија.

Очигледно е дека Обвинителството останува само со изјавата на обвинетиот Звонко Николовски, која изјава ама воопшто со ништо не ја потврдува вината на обвинетиот Паско Кузман, напротив од таа изјава може да се утврдат неколку битни факти и тоа дека :

  • Обвинетиот Звонимир Николовски јасно кажува дека самиот лично бил на двата локалитети за кои се издадени согласности и истиот потврдува дека извршиле увид и во археолошка карта, дека целокупната процедура за издавање на согласностите била изведувана  преку Службата на Управата, дека Илче Бојчевски и Марија Пујас (а тоа се вработени во Управата) ја координирале целата постапка согласно актите и согласно процедурите .

Но, и неговата изјава да се земе во предвид не спорно се утврдува, а тоа и обвинителството го потврдува дека согласностите не се издадени за вршење земјени работи на археолошки локалитети. На главен претрес истиот потврдува дека се работи за стерилни подрачја, истиот кажува дека се работи за наводи за постоење скриено богатство и оружје останато од Втора Светска Војна и дека е можно  истото да е обезбедено со експлозив поставен од страна на Германците. Со ова потврдува дека МВР морала да биде известена заради обезбедување на локалитетите,а не на физичките лица. Истиот потврдува дека Илчо првообвинетиот комуницирал со МВР дека местото се обезбедувало 24 часа и дека ништо не е пронајдено. Истиот после добивањето на согласностите бил задолжен од директорот согласно систематизацијата на работните места, да врши надзор и како стручно лице да биде на терен.

 Во систем каде владее правото е неиздржливо и би рекол и криминогено  противправноста да се подразбира , а да не е опишана.

Од се погоренаведеното сметам дека обвинетиот како одговорно лице,ќе напоменам како одговорно лице, не службено лице  преземал се во рамките на законските овластувања. Се докажа дека истиот во ниту еден момент немал умисла некому да овозможи било каква корист, ниту имал намера некому да овозможи остварување корист. Истиот делувал согласно закон, согласно процедури и согласно интересите утврдени со Устав. Од тие причини се докажа дека никому не направил штета, ниту обична ниту пак некому овозможил да зголеми свој имот или намали.Буџетот на РМ  книговодствено останал ист  и тоа е факт,  а за да се тврди дека е оштетен треба да има книговодствени докази и доказ со финансово вештачење .

Предлагам судот обвинетиот да го ослободи од обвинение.