/Прочитано:

1.087

Инфо за предметот

Надлежен суд: Жупаниски суд во Загреб

Бр. на предмет: K-US-8/12

СУДЕЊЕ

Почеток: 14 април 2012г.

Судија: Ивана Чалиќ (претседавач)

Обвинител: Жељка Мостечак

Обвинети:

  • Иво Санадер (Претседател на ХДЗ 2003 - 2008г., Премиер на Хрватска 2003 - 2009г. - осуден на 9 години затвор)
  • Младен Баришиќ (Благајник на ХДЗ - ја призна вината - осуден на 3 години затвор)
  • Ратко Мачек (Портпарол Влада на РХ 2003-2008г., Шеф на изборните штабови на ХДЗ - осуден на условна казна од 1 година, доколку во следните 4 години не го повтoри делото)
  • Бранка Павошевиќ (Сметководител на ХДЗ - ја призна вината - осудена на 18 месеци затвор)
  • Невенка Јурак (Сопственик на „Фими Медиа“ - ја призна вината - осудена на 2 години затвор)
  • Анита Лончар (Сопственик на „Ани-Лон“ - се спогоди со УСКОК - осудена на 11 месеци затвор)
  • Бојан Димиќ (Сопственик на „Онида“ - се спогоди со УСКОК - осуден на 6 месеци затвор)
  • Правно лице: Хрватска Демократска Заедница (Претставник: Дамир Сесвеќан)
  • Правно лице: „Фими Медиа“ (Претставник: Марица Иванковиќ - ја призна вината)
  • Правно лице: „Ани-Лон“ (спогодба со УСКОК)
  • Правно лице: „Онида“ (спогодба со УСКОК)

„Фими медиа“: „Црниoт фонд“ на ХДЗ

Со првостепената пресуда за најголемата корупциска афера во Хрватска „Фими медиа“, поранешниот премиер Иво Санадер e осуден на 9 години затвор за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување. Жупанискиот суд во Загреб ги прогласи за виновни и останатите обвинети опфатени со предметот, меѓу кои и некогаш владејачката партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Тие неправосилно се осудени под обвинение за извлекување на околу 10 милиони евра од државни претпријатија и институции преку маркетиншката фирма „Фими медиа“. Најголемиот дел од парите наводно завршил во „црн фонд“ на ХДЗ и кај Санадер.

Според многумина станува збор за историско судење или како што медиумите го нарекуваа – „судење на векот“. Аферата „Фими медиа“ е најголемата корупциска афера што ѝ се случила на Хрватска. За прв пат на клупата на обвинети во Хрватска седна и политичка партија, во случајов ХДЗ.

Во најголемата судница во Жупанискиот суд во Загреб, освен на Санадер и партијата  ХДЗ им се судеше и на поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпаролот на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак.

Во првостепената пресуда се посочува дека Санадер нелегално стекнал 15.275.000 куни (околу 2 милиони евра), додека ХДЗ стекнала корист од 24.254.497 куни. Невенка Јурак, сопственичката на „Фими медиа, според судот, за себе задржала над два милиона куни.

Некогаш најмоќниот човек во Хрватска, со првостепената пресуда, како организатор на злосторничка група, е осуден на единствена казна затвор од 9 години, како и конфискација и имотот стекнат со извршување на кривичните дела.

Поранешниот благајник на ХДЗ, Младен Баришиќ неправислно е осуден на единствена казна затвор од три години.

Поранешниот портпарол на партијата, Ратко Мачек е осуден на условна казна од една година доколку во следните 4 години не го повтори кривичното дело.

Некогашната шефица  на сметководството на ХДЗ, Бранка Павошевиќ е осудена на 18 месеци затвор, додека сопственичката на „Фими медиа“ Невенка Јурак  доби две години затвор. Павошевиќ и Јурак признаа дека ги сториле делата за кои се товарат.

Партијата ХДЗ, која е обвинета за кривичното дело  злоупотреба службената положба кое произлегува од кривичната одговорност на Санадер и Павошевиќ е казнета со паричен износ од 5 милиони куни. Пресудата исто така предвидува на ХДЗ да и бидат одземени 2 милиони куни и 300 илјади евра, уплатени на сметка за купување на БМВ-то за Санадер. Во државниот буџет, пак, партијата ќе треба да уплати додатни 17 милиони куни.

УСКОК (Биро за спречување на корупцијата и организираниот криминал во Хрватска) ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кои од 2003 до 2009 година била финансирана изборната кампања на ХДЗ и нелегално се вршела исплата на водечките политичари. Четири милиони евра наводно завршиле во црниот фонд на ХДЗ преку маркетинг агенција „Фими медиа“, додека околу 2 милиона завршиле кај Санадер.

Обвинителството според кое Санадер е мозокот на операцијата,  на самиот почеток на судењето најави дека ќе докаже дека екс-премиерот основал и лично водел организирана група што земала пари за црниот фонд и за лично богатење на политичарите. Во завршен збор, пак, за Санадер побара макасимална казна затвор, која не може да биде подолга од 15 години затвор и одземање на  24 милиони куни (повеќе од 3 милиони евра).

„Обвинението е  конструирано и  не сум виновен по ниту една точка“, рече Санадер на првиот ден од судењето. Обвинението го отфрлија исто така и Ратко Мачек и партијата ХДЗ.

Јурак, Баришиќ и Павошевиќ ја признаа вината уште пред почетокот на судењето, но не се спогодија со УСКОК  како обвинетитеАнита Лончар и Бојан Димиќ,  чии што фирми  „Ани-Лон“ и „Онида“ соработувале со „Фими медиа“. Лончар по спогодба беше осудена на 11 месеци затвор, а Димиќ на 6 месеци. Лончар и Димиќ, заедно треба да ѝ вратат на државата околу половина милион евра.

Иво Санадер во текот на цела постапка тврдеше дека е невин, односно мета на политички прогон.

ИЗЈАВИЈА

Ивана Чалиќ, судијката која го водеше предметот / образложувајќи ја пресудата: „Последиците од корупцијата на Санадер сѐ уште се чувствуваат во јавните претпријатија, кои тие ги третирале како „банкомати“. Со нивните постаки на столбот на срамот се ставени и оние членови на ХДЗ кои немале никакава допирна точка со незаконитостите!“

Иво Санадер, првообвинет / по објавата на одлуката: „Идеме понатаму!“, рекол Санадер, пренесоа неговите адвокати најавувајќи жалба до повисокиот суд.

Томислав Карамарко, претседател на ХДЗ / по објавата на одлуката:„Цел свој работен век се борам против корупција и морам да кажам дека оваа пресуда е преседан – не само во Хрватска, туку и во европската пракса. Сакам да порачам дека ХДЗ не е крива и дека ќе се жалиме, не прифаќаме колективна одговорност!“

Јадранка Косор, поранешен премиер на Хрватска и поранешен член и претседател на ХДЗ /по објавата на одлуката: „Не ми е лесно, ниту сеедно, но правната држава мора да функционира!“

Томислав Пениќ, бранител на ХДЗ / пред почетокот на судењето: „Судскиот совет на загрепскиот Жупаниски суд го прифати во целост обвинението, кое ние пак во целост го споревме. Сега ни претстои кривична постапка во која ќе имаме можност повторно да ги изнесеме и елаборираме, аргументите кои веќе ги изнесовме, односно да се обидеме да ги докажеме тезите кои ги изнесовме во досегашниот тек на постапката. Првпат на клупата за обвинети ќе седне политичка партија, тешко нема да биде, ќе биде сложено, голем предизвик е.“

Даворин Будин, бранител на ХДЗ / пред почетокот на судењето: „Сметаме дека обвинението е неисправно уште од самиот почеток. Грешката се наоѓа во тоа што обвинителството го поистоветува трговското друштво од најосновен облик каде едно лице е сопственик со политичка партија која се наоѓа во рацете на 200.000 нејзини членови. Со ваквиот пристап покажаа дека воопшто не се запознале со интерните акти на политичката партија, односно на нашиот клиент.“

Неколку факти за предметот

  • Целиот судски предмет за „Фими Медиа“ се состои од 40.000 страници.
  • Обвинителниот акт е напишан на 575 страници и претставува најобемниот обвинителен акт  во историјата на хрватското правосудство.
  • Во текот на постапката која траеше две години беа сослушани повеќе од 130 сведоци,  меѓу кои и многу личности од јавниот живот во Хрватска. На долгиот список на сведоци се речиси сите високи партиски функционери како и наследничката на Санадер, сега исто така поранешен премиер на Хрватска и поранешен претседател на ХДЗ, Јадранка Косор. Kосор, на конференцијата за новинари негираше дека постои таен договор за со Обвинителството во врска со нејзиното судење во случајот „Фими медиа“.

Тек на судењето