/Прочитано:

2.197

Инфо за предметот

Надлежен суд: Жупаниски суд во Загреб

Бр. на предмет: K-US- 26/11

СУДЕЊЕ

Почеток: 03.ноември 2011г.

Судија: Иван Турудиќ (претседавач)

Обвинител: Тамара Лаптош (Хипо банка), Вања Марушиќ (ИНА - МОЛ)

Обвинет:

  • Иво Санадер (Претседател ХДЗ 2003-2008г., Премиер на Хрватска 2003 - 2009г.) - прогласен за виновен, осуден на единствена казна затвор од 10 години.

Иво Санадер: „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“

Со првостепената пресуда за обединетиот предмет „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“, судијата Иван Турудиќ го прогласи поранешниот премиер на Хрватска Иво Санадер за виновен за воено профитертство и земање мито и го осуди на единствена затворска казна од 10 години. Пресудата подоцна ја потврди и Врховниот суд, но казната  ја намали на 8,5 години. Со правосилната пресуда беше потврдена и паричната казна од 3,6 милиони куни (околу 480 000 евра).

…На 10 декември 2010 година Иво Санадер беше уапсен во реонот на Салцбург. Санадер кој ја напушти Хрватска непосредно пред хрватскиот Парламент да гласа за одземање на неговиот пратенички имунитет, тврдеше дека заминал на однапред договорено службено патување. Дел од хрватските медиуми пишуваа дека сакал да избега преку Минхен во САД. На 19 јули 2011 година, австриските власти го екстрадираа Санадер во Хрватска.

Афера „Хипо банка“

Ова е првиот случај  во Хрватска каде некој е осуден за воено профитерство. На Санадер му се припишува дека примил мито од од 3,6 милиони куни (483.000 евра), провизија од кредитот кој австриската „Хипо банка“ и го одобрила на Хрватска додека бил заменик министер за надворешни работи на Хрватска (1993).

Процесот се отвори во момент кога хрватското правосудство почна истрага против владејачката партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ) поради наводни случаи на нелегално финансирање (се работи за аферата Фими Медиа). Иво Санадер беше на чело на партијата помеѓу 2000 и 2009 година и премиер во периодот помеѓу 2003 и 2009 година.

Судењето за „Хипо банка“ започна на 3 ноември 2011 година. Поради големиот интерес на јавноста судскиот процес беше пренесуван во живо. Санадер ги отфрли обвиненијата дека бил воен профитер. Неговиот бранител Чедо Продановиќ освен што ги отфрли обвиненијата како невистинити, како главен аргумент потенцираше дека станува збор случај кој се одвивал пред да биде донесен Законот за незастарување на военото профитерство, односно дека не е дозволена ретроактивност на законите.

Афера „Ина- МОЛ“

Само што стартуваше судењето за предметот Хипо банка, Канцеларијата за борба против корупција и организиран криминал (УСКОК) го достави и второто обвинение против Санадер за примање мито од 10 милиони евра од унгарската компанија МОЛ, со цел преземање мнозински права во нафтената компанија ИНА. 

Заради економичност во постапката, Жупанискиот суд во Загреб донесе одлука  да ги спои предметите за аферите „Хипо банка“ и „ИНА – МОЛ“.  

Иако одбраната веруваше дека снимката од безбедносните камери на  хрватскиот ресторан каде се сретнале Санадер и првиот човек на МОЛ, Золт Хернади нема да се користи како доказ, судот ја прифати. Средбата се одржала во просторија што била одвоена од ресторанот. На снимката се гледа како Санадер и Хернади ги вадат батериите од мобилните телефони ипритоа си подаваат лист хартија. Главен сведок на обвинителството, во случајот „Ина-МОЛ“ беше сопственикот на петрохемиската компанија ДИОКИ, Роберт Јежиќ – некогашен пријател на Санадер, кој се појавил на крајот од средбата. Јежиќ како доказ ја понуди сметката од ресторанот кој бил по видеонадзор, така што беше прибавена снимката стара 2 години.

>>Тек на судењето

13.06.2014 – ПРАВОСИЛНА ПРЕСУДА: Намалена казната на Санадер за „Хипо банка“ и „Ина-МОЛ“

20.11.2012 – Судијата Иван Турудиќ го прогласи за виновен поранешниот премиер на Хрватска, Иво Санадер по двете точки од обвинителниот акт за обединтеиот предмет „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“ . Санадер е со првостепената пресуда е осуден на единствена казна затвор од 10 години. На државата мора да и врати 3,5 милиони евра во рок од 15 дена. „Диоки холдинг“ во буџетот на Хрватска треба да уплати 5 милиони евра.

  • За случајот „Хипо банка“, со кој Санадер е обвинет за воено профитерство, односно дека примил мито од од 3,6 милиони куни (483.000 евра), провизија од кредитот кој австриската „Хипо банка“ и го одобрила на Хрватска додека бил заменик министер за надворешни работи на Хрватска (1993) за време хрватската војна за независност, Санадер доби казна затвор од 3 години и 6 месеци.
  • За случајот „ИНА – МОЛ“, со кој Санадер е обвинет дека примил мито од 10 милиони евра од унгарската компанија „МОЛ“, со цел преземање на мнозинските права во нафтената компанија „ИНА“ на сметка на Хрватска, на поранешниот премиeр изречени му се 7 години и 6 месеци затвор.

15.11.2012 – Вторник, 20 ноември екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер  ќе се соочи со првостепената пресуда за обединетиот предмет „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“, прв од низата коруптивни предмети кои се водат против него. По обвинителството, денеска завршни зборови даде адвокатскиот тим и самиот Санадер. Тврдат дека нивниот клиент не е воен профитер и дека не ги предал интересите на Хрватска за 10 милиони евра. Не ги сторив кривичните дела и не сум криминалец, туку човек кој на изборите доби легитимитет од граѓаните и кој совесно ја водеше владата, да не беше така, немаше да ми биде доделен уште еден мандат, рече Санадер во завршниот збор. 

>> Одбраната го даде завршниот збор, првата пресуда за Санадер во вторник

14.11.2012 – Максимална казна од 15 години затвор побара обвинителството во своите завршни зборови за поранешниот премиер на Хрватска, Иво Санадер, а во врска обединетиот предмет „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“. Според обвинителството, Санадер е крив по сите точки наведени во обвинението. Екс-премиерот и поранешниот претседател на ХДЗ е обвинет за воено профитерство и злоупотреба на службена должност. „Санадер не само што не ги штитеше интересите на Хрватска, туку ги продаде за мочани 10 милиони евра“, рече обвинителката Вања Марушиќ, застапник на обвинението за случајот ИНА-МОЛ.

>>Санадер не само што не ги штитеше интересите на Хрватска, туку ги продаде за 10 милиони евра, наведе обвинителството и побара максимална казна за екс-премиерот

13.11.2012 – Поранешниот премиер на Хрватска, Иво Санадер ја изнесе одбраната и за случајот  „ИНА – МОЛ“. Тој го обвини крунскиот сведок на обвинителството дека лаже, УСКОК дека не си ја врши професионално работата, а државниот обвинител Младен Бајиќ дека издавал тајни искази во медиумите. Со обвинението за овој случај, Санадер се товари дека примил мито од 10 милиони евра од унгарската компанија „МОЛ“, со цел преземање на мнозинските права во нафтената компанија „ИНА“ на сметка на Хрватска. Обединетиот предмет за аферите „Хипо банка“ и „ИНА – МОЛ“, првиот од низата корупциски предмети кои се водат против Санадер е пред самиот крај.

>> Санадер целосно ја даде својата одбрана, го отфли обвинението дека земал 10 милиони евра мито

12.11.2012 – Санадер ја изнесе својата одбрана во врска со случајот „Хипо банка“, тврди дека не воен профитер и дека е горд на неговиот придонес за меѓународната афирмација на Хрватска. 

>> Санадер ја изнесе одбраната за „Хипо банка“, тврди дека не е воен профитер, кривичниот прогон и го препишува на Косор

09.11.2012 – Обединетиот предмет за аферите „Хипо банка“ и „ИНА – МОЛ“  е пред самиот крај. Денеска сведочеше последниот сведок, член на Управата на ИНА , Унгарецот – Пал Золтан Кара.

>> Судењето e пред самиот крај, сведочеше последниот сведок

13.09.2012 – Сведочеше пензионираниот актер Раде Перковиќ, пријател на Иво Санадер од почетокот на 90-тите. Во тоа време и двајцата работеле во Народниот театар во Сплит, Санадер како директор, а Перковиќ како негов заменик.

>> Сведочеше пријател на Санадер од неговите театарски денови  

30.08.2012 – Иако беше предвидено да сведочи Стефан Хурлиман, директорот на швајцарската фирма „Ксенопласт“ на чија сметка наводно биле исплатени 5 милиони евра мито наменети за Санадер со цел препуштање на управувачките права во ИНА, на унгарски МОЛ, тој не се појави на рочиштето.

>> Сведокот не се појави, рочиштето е одложено 

05.07.2012 – Во врска со случајот „Хипо банка“ сведочеа Злата Врдољак и Јерг Шустер од австриска Хипо банка. Поради тоа што сведоците од оправдани причини не можеа да се појават во судницата во Жупанискиот во Загреб, своите искази ги дадоа преку видео линк. И двајцата сведоци тврдат дека вообичаена пракса било исплаќање на посредничка провизија на име на кредит. За мистериозната личност Еуген Лакс  велат дека прв пат слушнале за време на истрагата.

>> Исказ дадоа двајца сведоци од австриска Хипо банка 

28.06.2012 – Сведочеше Јосип Фришчиќ, поранешниот лидер на Хрватската селанска партија (ХСС), која што беше дел од коалициската влада на Санадер. Фришчиќ вели дека по однос на прашањето „ИНА-МОЛ“ неговата партија дала согласност да се најде најдоброто решение. Според него, немало притисоци како да се гласа при донесување на важни владини одлуки. Со ова ги дематираше дел од сведоците кои го тврдеја спротивното. Иако беше предвидено да сведочи и Раде Перковиќ, пријател на Санадер уште од 90-тите, тој поради болест не се појави на главната расправа.

>>Немаше притисоци при донесување на важни владини одлуки, сведочи Јосип Фришчиќ 

24.05.2012 – Сведочеа братот на Санадер, Флавио Санадер (родено име: Владо) и  Абел Галац, кој е дел дел од менаџерскиот тим на МОЛ, но поранешен член на Надзорниот одбор на ИНА. И двајцата се сведоци на одбраната.

>> Сведочеше братот на Иво Санадер

Флавио Санадер (кој инаку живее и работи во Италија) во својот исказ кажа дека го познава Јежиќ, преку неговиот брат скоро 8-9 години. Тој наведе дека последен пат се сретнале во Милано, каде тројцата (се мисли на: Иво Санадер, Роберт Јежиќ и Флавио Санадер) заедно гледале фудбалски натпревар. За разлика од Јежиќ, кој во своето сведочење наведе дека на оваа средба се разговарало за трансфер на пари, односно наводното мито од МОЛ, Флавио го демантираше ова  и рече дека Роберт Јежиќ лажел. Според него тема на разговор бил само фудбалот, а не и некакви трансфери на пари. Рече дека за наведените 10 милиони, односно 5 милиони евра, тој ништо не знае. Потсетуваме дека Јежиќ во исказот наведе дека 5 милиони евра од наводното мито, ги примил тој на сметката на неговата швајцарска фирма, а другите 5 милиони ги договориле браќата Санадер меѓусебе на оваа средба, односно Санадер наложил трансферот на овие пари да го среди Флавио.

Инаку и сведоците кои сведочеа на изминатите две рочишта (сведоци на одбраната) го демантираа исказот на Јежиќ и му ја префрлија вината нему.

>> Сведок на одбраната го демантира клучниот сведок на обвинителството (17.05.2012)

>> Сведочеше крунскиот сведок на одбраната – рускиот магнат Михаил Гуцериев (18.05.2012)

Втор,  сведочеше унгарецот Абел Галац, кој е дел од менаџерскиот тим на МОЛ, но и некогашен член на Надзорниот одбор на ИНА. За разлика од хрватските претставници од Надзорниот одбор на ИНА, според кои одлуката за промената во управувачката структура на ИНА, a  во корист на МОЛ била лоша за националните интереси Хрватска, рече дека оваа одлука од oдносно договорот за препуштање на акциите била најдобрата.

>>Продолжи со читање..