/Прочитано:

543

Изречена мерка притвор за сопственикот на „Транс мет“, осомничен во случајот „Труст“

Притворот за сопственикот на компанијата „Транс мет“ ДОО Скопје, Сеад Кочан е одреден откако Кривичниот совет ја прифатил жалбата на Специјалното обвинителство, кое ја поднесе пред една недела за одлуката на судијката на претходна постапка, која го одби барањето за притвор.

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, одредил мерка притвор за сопственикот на компанијата „Транс мет“ ДОО Скопје, Сеад Кочан, кој е осомничен во предметот „Труст“, истрага што ја поведе Специјалното јавно обвинителство. Исто така, за Кочан е издадена наредба за приведување која стапува во сила веднаш.

Имено, притворот за Кочан е одреден откако Кривичниот совет ја прифатил жалбата на Специјалното обвинителство, кое ја поднесе пред една недела за одлуката на судијката на претходна постапка, која го одби барањето за притвор.

„Информираме дека ова Јавно обвинителство го обжали решението на судијата на претходна постапка  при Основниот суд Скопје 1 за неизрекување на мерка притвор за првоосомниченото лице во предметот ’Труст’“, беше наведено во известувањето од страна на Специјалното јавно обвинителство.

По точно седум дена од поднесување на жалбата од страна на СЈО, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 – Скопје одлучил дека сите основи за притвор се исполнети, односно го прифатил образложението на СЈО дека Сеад Кочан, ако остане на слобода, може да избега, да влијае врз сведоци или да уништи докази за случајот „Труст“.

Инаку, во предметот „Труст“ што СЈО го отвори на 28 февруари се осомничени три физички и три правни лица. Специјалното јавно обвинителство тогаш нагласи дека станува збор за првите луѓе на компаниите „Транс мет“ ДОО Скопје, „Силекс неметали СТ“ ДООЕЛ Кратово и „Вато“ ДООЕЛ Студеничани Скопје,  за учество на тендер на Електрани на Македонија, ЕЛЕМ. Сеад Кочан, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ се осомничени дека добиле тендер за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол во вредност од 17 милиони и 235 илјади евра со фалсификувани документи.

А. Б.