/Прочитано:

2.056

Казна доживотен затвор за уште еден обвинет во случајот „Дива населба“

Казна доживотен затвор му беше изречена на Сулејман Османи на кого му се судеше во посебна постапка, во однос на другите 37 обвинети, бидејќи не беше достапен за органите на прогонот, една година кога беше на Косово. Османи е виновен за учество во терористичка организација и тероризам. Во образложението на одлуката од страна на Судот се нагласува дека таа е донесена според материјалните докази, без разлика што Османи во текот на постапката не ги признавал делата кои му се ставаат на товар.

Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска изрече уште една казна доживотен затвор во случајот „Дива населба“. Имено, казна доживотен затвор му беше изречена на Сулејман Османи на кого му се судеше во посебна постапка, во однос на другите 37 обвинети, бидејќи не беше достапен за органите на прогонот, една година кога беше на Косово.

Османи е виновен за учество во терористичка организација и тероризам. Во образложението на одлуката од страна на Судот се нагласува дека таа е донесена според материјалните докази, без разлика што Османи во текот на постапката не ги признавал делата кои му се ставаат на товар.

Според адвокатот Насер Рауфи, пак, нема никакви докази дека Сулејман Османи извршил кривични дела тероризам и терористичка организација. Руфи вели дека може да стане збор за кривично дело поседување оружје.

„Не е спорно дека бил на местото на настанот, но нема кривично дело тероризам. Ако не е повреден цивил, а во овој случај, напротив, цивилите биле гостопримливи и ги повикале обвинетите, тогаш не постои тероризам“, рече Рауфи.

Инаку, во текот на вчерашниот ден, Основниот суд Скопје 1 – Скопје донесе пресуда за обвинетите во случајот „Дива населба“. 33 се прогласени за виновни, а четворица добија ослободителни пресуди.

Седуммина од обвинетите се осудени на казна доживотен затвор, 13 добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, двајца по 14 години затвор. Еден е осуден на 18 години затвор, тројца на 13 и еден на 12 години затвор. На четворица им беше изречена ослободителна пресуда бидејќи Обвинителството не доставило доволно докази.

Процесот „Дива населба“ започна на 9 февруари 2016 година против лицата од таканаречената Кумановска група. Тие беа обвинети за тероризам и терористичка организација за настаните поврзани со случувањата од 9 и 10 мај 2015 година во Дива Населба во Куманово.

По неколкумесечната истрага, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во ноември 2015 година против нив поднесе обвинение со кое се товареа за сторени кривични дела терористичка организација од член 394-а и тероризам од член 394 -б од Кривичниот законик.

Во дводневната престрелка во кумановската Дива Населба загинаа осум припадници на македонската полиција и десет припадници на вооружената група.