/Прочитано:

3.175

„КЕРОЗИН“: Завршен збор на бранителот Љупчо Ивановски за Ангел Пецов и Љупчо Темов

Случај: „Керозин“

Завршен збор: Љупчо Ивановски, бранител на првообвинетиот Ангел Пецов и четвртообвинетиот Љупчо Темов


Почитуван претседател, судија член на судски совет, судии поротници, уважен јавен обвинител, колеги и останати присутни во судската сала.

Со оглед на тоа што сум бранител на двајца обвинети и тоа на АНГЕЛ ПЕЦОВ и ЉУПЧО ТЕМОВ, заради истоветноста на дејствијата што им се ставаат на товар и единственоста на доказите, завршните зборови ќе ги изложам одеднаш но при тоа посебно ќе го истакнам она што за секој од нив поодделно е значајно.

Наспроти ставот на јавниот обвинител изнесен во обвинителниот акт и направената анализа на изведените докази во завршниот збор, како бранител на обвинетите АНГЕЛ ПЕЦОВ и ЉУПЧО ТЕМОВ уверен сум дека не постои ниту еден единствен материјален и вербален доказ од кој може да се потврдат изнесените наводи во обвинителниот акт, односно дека овие лица презеле било какви дејствија со кои би ги оствариле законските битија на кривичните дела за кои се обвинуваат.

Дека постои сериозен проблем со доказите се потврдува и со фактот што Јавното обвинителство по завршувањето на доказната постапка достави нов изменет обвинителен акт со поинаков опис на дејствијата и со поинакво правно подведување под одредбите од КЗ. Ова несомнено потврдува дека и Јавното обвинителство е свесно за недостатокот на доказите и нивната доказна вредност. Од овие причини Јавното обвинителство во завршните зборови скоро исклушиво се осврна на телефонските разговори прибавени со примена на посебните истражни мерки. При тоа се обиде вадејќи од контекст одредени сегменти од разговорите да ја прикаже комуникацијата помеѓу Ангел Пецов и Љупчо Пецов, кои инаку се татко и син, како доказ за наводно превземени криминални дејствија кои се предмет на ова обвинение. Нивната врска да ја претвори во злосторнилко здружение, при тоа нивниот разговор во кој се договараат да одат во Струмица и по пат да разговараат и да се договорат, да го прикаже како елемент на кривично дело. Интересирањето на Ангел Пецов за работењето во Друштвото Алма комерц, како доказ дека за се бил запознат и со се раководел. Неговото интересирање дали била извршена доставата да се претвара во доказ за неговото раководење со сето што е во ова обвинение. Разговорот во кој се зборува за играчки за кои некој побарал 11.500 ЕУР, а Ангел можел да ги набави за 3 до 4.000 ЕУР според толкувањето на јавното обвинителство се однесува на преправка на протоломерачите. Ова не е точно бидејќи тој се однесува за играчки за деца, кои треба да се постават во кругот на бензинска пумпа за занимација на децата. Тоа се лулашки, лизгалици-тобогани, клацкалици и слично. Затоа Ангел вели дека  ќе ги купи во Солун од ,„Космос“. Вакви погрешно толкувани разговори постојат безброј. Толкувани на ваков начин овие разговори може да се однесуваат на мигранти, на дрога и кој знае на што уште не. По потреба. Со анализата на телефонските разговори дури се сака да се докаже дека била источувана помала количина од наведената во испратниците и фактурираната па дури и да се утврди количината.

Која е причината што Јавното обвинителство претендира толку многу на телефонските разговори, како главен доказ за сето што е наведено во обвинението. Единствено логично образложение за тоа е дека други докази не постојат, односно оние кои се предложени немаат доказна вредност да го докажат сето што се тврди во обвинението. Доказот треба да биде дозволен и релевантен. Ако еден овие елементи недостасува доказот е безвреден, неподобен за утврдување на факти, а предложените докази се токму такви.

Како и да е Јавното обвинителство на главниот претрес од 21.03.2014 година достави нов изменет обвинителен акт. Со оглед на неговата обемност, сметам дека судот требаше да им даде можност на обвинетите во врска со наводите во истиот, особено заради тоа што има измени и во правната квалификација, повторно да ја дадат својата одбрана. Ова го предвидува и одредбата од чл. 355 од Законот за кривичната постапка (пречистен текст).

Со оглед на тоа што не се постапи така ние сега, без да дадат одбрана обвинетите по однос на новиот изменет обвинителен акт, даваме завршни зборови.

Јас уште на почетокот ќе дадам предлог за донесување на пресуда со која обвинетите Ангел Пецов и Љупчо Темов, ќе бидат ослободени од обвинение, а вакавиот предлог наоѓа поткрепа токму во доказниот материјал кој е предложен од страна на Јавното обвинителство и изведен во текот на главниот претрес.

Од овие причини сметам дека е неопходно да ја изнесам анализата на правно релевантните прашааа и особено да укажам на основите за донесување на законита одлука. Поради тоа, во натамошното излагање ќе се осврнам на дејствијата што им се ставаат на товар на обвинетите и нивното правно подведување под одредбите од КЗ, односно дадената правна квалификација; на изведените докази и нивната доказна вредност како и на фактите што се утврдуваат со нив на кои што претендира Јавното обвинителство.

Пред се сметам дека недостасуваат основните елементи кои ги чинат законските битија на кривичните дела за кои овие лица се обвинуваат.

Со изменетиот обвинителен акт на обвинетите Ангел Пецов и на Љупчо Темов им се ставаат на товар сериозни кривични дела и тоа:

– на обвинетиот АНГЕЛ ПЕЦОВ Злосторничко здружение од чл. 394 ст. 1 од КЗ; Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 вв со ст. 4 вв со ст. 1 вв со чл. 45 од КЗ и Даночно затајување од чл. 279 ст. 2 вв со ст. 1 од КЗ, а на обвинетиот ЉУПЧО ТЕМОВ кривично дело Злосторничко здружение од чл. 394 ст. 1 од КЗ; Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 вв со ст. 4 вв со ст. 1 вв со чл. 45 и вв со чл. 24 од КЗ и Давање поткуп од чл. 358 ст. 4 вв со ст. 1 вв со чл. 22 од КЗ, па сосема нормално е да се очекува тоа да е поткрепено со соодветни правно релевантни и валидни материјални докази, што во случајов не е така.

За цело време на постапувањето по овој кривично правен предмет не можам да се оттргнам од впечатокот дека обвинителниот акт во описот не ги содржи битните елементи на кривичните дела и дека има недоследности во примената на материјалното право. Од овие пришини сметам дека е најцелисходно на почетокот да се осврнам на дејствијата што им се ставаат на товар на обвинетите и правното подведување под одредбите на КЗ односно правната квалификација.

По однос на кривичното дело Злосторничко здружување од чл. 394 ст. 1 од КЗ кое им се става на товар на АНГЕЛ ПЕЦОВ и на ЉУПЧО ТЕМОВ, сметам дека и покрај тоа што формално правно описот на одбележоците на законското битие на ова кривично дело е во ред и ги содржи сите потребни податоци за тоа кој е организатор, а кој е припадник, како и за целта на здружувањето, односно вршењето на кривичните дела опишани во посебно дадените алинеи во диспозитивот, правната квалификација е несоодветна во смисла на поврзаноста со другите правни квалификации, од една страна, а од друга и без докази.

Сметам дека не е возможно да постои стек помеѓу кривичното дело Злосторничко здружување од чл. 394 од КЗ и кривичното дело, односно кривичните дела за кое е основано злосторничкото здружение односно за кое е создадена групата, а во овој случај за кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 од КЗ; Даночно затајување и Давање поткуп од чл. 358 од КЗ, а тоа од следниве причини:

Кај кривичното дело Злосторничко здружување инкриминирано е самото дејствие на создавање на група или банда што има за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, а исто така и дополнителното вклучување односно припаѓањето кон групата или бандата. Со ова кривично дело, санкционирани се дејствијата предвидени во чл. 18 од КЗ, односно подготвителните дејствија за вршење на кривични дела. Токму заради ова, во чл. 394 ст. 5 од КЗ предвидено е дека ќе се одземат предметите и средствата кои се користат за подготвување на делата.

Ова значи дека се инкриминирани подготвителните дејствија за вршење на одредени кривични дела и сторителот на овие подготвителни дејствија е кривично одговорен за самите дејствија. Но доколку е сторено и кривично дело, тогаш не може да постои стек помеѓу ова кривишо дело и стореното кривично дело.

Злосторничкото здружување како кривично дело покрај тоа што претставува инкриминирано подготвително дејствие, по својата природа подразбира и нешто друго односно бара постоење и на други елементи, објективни и субјективни, а не само вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка.

Кај кривичното дело Злосторничко здружување законодавецот на јасен и недвосмислен начин кажал дека ова кривично дело може да се изврши само со постоење на директна умисла. Ова значи дека лицето што создава група или што пристапува кон веќе создадена група, мора да биде свесно за тоа, односно мора да знае дека создава или дека веќе постои оформено злосторничко здружување и да се согласи да превзема свесно подготвителни дејствија за вршење на некое конкретно кривично дело опфатено во неговата свест.

Повеќе од очигледно е дека со овој обвинителен акт, семејството Пецови, добива статус на злосторничко здружување. Семејниот живот, развивањето на семејна фирма како правен субјект кој секогаш со години наназад ги исполнува сите свои обврски кон држвата, субјект кој обезбедува работа и егзистенција на повеќе други семејства, сега со овој обвинителен акт станува дел од планот на групата, кој субјект бил создаден уште многу пред да се создаде групата. Комуникацијата што постои меѓу членовите на едно семејство, сопругот, сопругата и децата сега станува комуникација меѓу лица создавачи на злосторничко здружение. За да биде уште по нелогично како создавач на групата се јавува и Љупчо Темов, кој за воЉа на вистината никогаш не бил вработен во Друштвото Алма Комерц Неготино, туку бил само еден од возачите вработен во Алма [педиција ДОО Неготина.

Јавното обвинителство не понуди доказ од кој може да се утврди дека меѓу обвинетите АНГЕЛ ПЕЦОВ и ЉУПЧО ТЕМОВ, постоела било каква комуникација и поврзаност, дека меѓусебно се договарале и правеле планови за извршување на кривични дела. Не понуди воопшто никаков доказ за постоење на субјективен елемент односно свест и намера за создавање на злосторничко здружение.

Второто кривично дело кое му се става на товар на обвинетиот АНГЕЛ ПЕЦОВ според обвинителниот акт е Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 од КЗ.

Сметам дека за ова кривично дело во фактичкиот опис на дејствијата нема дејствие на извршување кое претставува законско обележје на ова кривично дело.

Имено според обвинителниот акт обвинетиот АНГЕЛ ПЕЦОВ го искористил своето службено овластување кое го имал како управител на Друштвото АЛМА КОМЕРЦ ДОО Неготино, во постапките за јавни набавки така што постапувал спротивно на одредбите од чл. 241 од Законот за трговските друштва и на чл. 46 ст. 1 од Законот за јавните набавки на начин што во рамките на иста постапка учествувал со повеќе од една понуда преку друштвото ОИЛ Интернејшенал каде содружник бил Ангел Пецов и преку Друштвото Алма Комерц Неготино каде управител бил Ангел Пецов. Покрај ова како дејствие му се става на товар и дека однапред знаел дека нема да ги исполнува обврските од склучениот договор, односно ќе испорачува помалку а ќе фактурира повеќе.

Во фактичкиот опис на дејствијата кои се однесуваат на ова кривично дело дадени во делот под римско ИИ во точката 3 од изменетиот обвинителен акт постојат описи на дејствија и тоа за деновите 16.10.2012 година; 22.10.2012 година и за 09.11.2012 година кои во себе не содржат никаков елемент кој би бил евентуално законско битие на предметното кривично дело. Недостасува податок за количина и за вредност и се употробени несоодветни термини како што е ,,источиле нафта ама помалку,, или определено со зборот ,,околу,, што е недозволено во диспозитивен дел. Која е причината што овие дејствија кои немаат елементи на законско обележје на кривично дело се наоѓаат во диспозитивот не е јасно. на кои докази се темели заклучокот дека источиле нафта ама помалку. Овие наводи единствено одат во прилог на тврдењето дека ова обвинение е засновано на претпоставки и паушално.

Почитувани судии ваквиот опис на дејствијата на извршувње од формално правен аспект не ги содржи елементите кои го чинат законското битие на предметното кривично дело и се темели на неточни и погрешни заклучоци како и на претпоставки и инсинуации.

Погрешен е заклучокот дека Ангел Пецов бил сопственик односно основач на Друштвото Алма Комерц Неготино во времето за кое се обвинува, а воедно е и контрадикторен сам на себе. Во почетниот дел од фактичкиот опис на дејствијата означен со римски број 1, на јасен начин се наведува дека на ден 14.07.2005 година Ангел Пецов бил единствен содружник во Алма Комерц ДООЕЛ Неготино, за да потоа настанат неколку промени како во содружниците, така и во називот и висината на основната главнина, за да на ден 08.11.2010 година како единствен содружник на Алма Комерц ДОО се јави Друштвото Алма Компани од Петрич Бугарија.

Од овде е јасно дека е погрешно тврдењето на ЈО дека Ангел Пецов бил основач на Друштвото Алма Комерц ДОО после 08.11.2010 година, а околноста кој бил основач на Друштвото Алма Компани од Петрич е ирелевантно за Друштвото Алма Комерц ДОО бидејќи секој правен субјект е независен од основачот, со свои права и обврски и самостојно настпува во правните односи.

Ангел Пецов бил само управител на Друштвото Алма Комерц ДОО Неготино, што нема никаква допирна точка со основачот или со содружникот во друштвото. Тој бил само вработен во тоа Друштво на работно место Управител.

Не постои никаква законска пречка на објавените тендери-повици за јавни набавки да се јавуваат правните субјекти Алма Комерц и Оил Интернејшенал, бидеејќи тие се самостојни и независни правни субјекти кои во сите деловни односи настапуваат самостојно, имаат свој правен субјективитет и свои посебни права и обврски. Ангел Пецов бил содружник во тоа Друштво. Управителот одлучувал дали друштвото ќе учествува на тендер или нема. Во секој случај содружникот сам без да има согласност и од другиот или другите содружници неможел да донесува никакви одлуки. Всушност ова друштво и постапките на одговорното лице во тоа друштво не е предмет на ова обвинение, а неговите активности погрешно му се припишуваат на Ангел Пецов.

Од овде погрешно е толкувањето на одредбите од Законот за јавните набавки, бидеејќи Ангел Пецов не постапил спротивно на ниту една единствена одредба.

Во овој дел обвинението се темели на погрешно толкувње на одредбите од чл. 45 ст. 2 и чл. 46 ст. 1 од Законот за јавните набавки од страна на Јавното обвинителство, или за да употребам идентична терминологија на погрешна примена на овие две одредби.

Во останатиот дел обвинението се темели на три основни претпоставки кои не наоѓаат поткрепа во изведените материјални и вербални докази, и се во голема мера спротивни со утврденото во наодот и мислењето на вештите лица, од кои две се однесуваат директно за Ангел Пецов, а третата на вештачењето.

Првата е дека обвинетиот Ангел Пецов уште при создавањето односно основањето на Друштвото Алма Комерц Неготино имал изградено свест односно умисла да во иднина преку ова трговско друштво врши кривични дела, а при тоа да ги вклучи членовите на своето семејство, односно сопругата Мара и синот Љупчо.

Втората претпоставка беше дека обвинетиот Ангел Пецов учествувал на тендерите, односно на објавените повици со минимален економски интерес, кој не ги покривал трошоците во работењето па дури и не обезбедувал плати за вработените.

Јавното обвинителство увиде и осозна дека во услови на пазарна економија, под кои услови и по која цена нешто ќе се купува или ќе се продава одлучува само и исклучиво правниот субјект кој ја нуди услугата и никој друг. Дали ќе работи со добивка или со загуба е негов ризик на деловното работење. Тоа е од една страна, а од друга страна дека во сите случаи кои се предмет на обвинението според вештиот наод и мислење понудената цена била секогаш повисока од набавната. Воедно увиде дека нема никаков доказ од кој може да се утврди дали разликата во цената му била доволна на субјектот што ја нудел услугата да ги покрие трошоците во работењето, па затоа оваа претпоставка во новото обвинение не постои. Значи дека Ангел немал намера да учествува со ниски цени, туку учествувал со нормални и соодветни цени кои ќе му овозможеле добивка. На местото на оваа претпоставка се актуелизира претпоставката дека учествувал со повеќе од една понуда односно со две понуди во една постапка за доделување договор за јавна набавка.

Оваа претпосставка не е точна бидеејќи такво нешто немало, а доколку имало тогаш комисијата што ја водела постапката тоа ќе го констатирала. Впрочем и вештите лица ги анализирале сите документи од склучените договори кои се опфатени во ова обвинение и не најдоа никаква забелешка.

Се тврдеше дека дозволениот рок за плаќање не бил соодветен односно бил многу голем, па од тука требаше да се докаже умислата како субјективен елемент кај Ангел Пецов за вршење на кривични дела. Фактички тенденцијата беше дискреционото право на продавачот, односно на субјектот кој учествувал на тендерите односно на јавните набавки да се прикаже како елемент на кривично дело, што е недопуштено.

Меѓутоа, Јавното обвинителство увиде дека и оваа претпоставка неможе да помине бидеејќи дали рокот на плаќањето е осум или осумдесетиосум дена е исклучиво право на давателот на услугата и зависи од договорот кој бил постигнат меѓу купувачот и продавачот, па во изменетиот обвинителен акт ја нема. Но тоа не значи дека во изменетиот обвинителен акт нема повеќе претпоставки туку дека има само факти. Напротив и натаму нема факти, туку има само претпостаавки.

Ако Ангел Пецов направил пропусти во изготвувањето на потребната тендерска документација или ако постапувал спротивно на цитираните одредби од Законот за јавни набавки, која е причината поради која комисиите што одлучувале по понудите и го бирале најповолниот понудувач не нашле пропусти и не ги отфрлиле доставените понуди. Која е причината поради која и вештите лица кога ги анализирале сите објавени повици за јавни набавки и кога утврдувале кои субјекти се јавиле и со какви понуди не нашле никакви пропусти. Причината е една и единствена. Пропусти немало, односно понудите биле доставувани во согласност со Законот со пропратна докуменатција која била наведена и барана во објавениот јавен повик.

Согласно одребата од чл. 353 ст. 1 од КЗ кривичното дело го врши службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета. Кривичното дело од чл. 353 ст. 1 е одредено постапување спротивно на обврските на службеното лице да постапува законито и правилно. Со оглед на тоа, ова дело е првенствено дејствие на незаконито постапување, меѓутоа секое незаконито постапување само по себе не е кривично дело и не претставува злоупотреба на службената положба во кривично правна смисла. За постоење на ова кривично дело потребни се и други битни елементи, а тоа е субјективната страна односно потребна е умисла која што се состои во свест и сакање да се искористува службената положба и овластување, да се пречекори границата на службеното овластување или да не се изврши службената должност. Овој субјективен елемент како конститутивен елемент на ова кривично дело треба да биде докажан, а не претпоставен. Исто така треба да постои прибавена корист за себе или за друг, или да се причини штета. И овој елемент како конститутивен и квалификаторен треба да биде поткрепен со конкретни докази, а не да се темели на претпоставки.

Во обвинението за ова кривично дело за Ангел Пецов, овие клучни и нужно потребни елементи се темелат на неаргументирани, паушални и произволни претпоставки кои не се ни логични ни правно издржани.

Претпоставките по однос на тоа како учествувал на тендерите и зото учествувал и што при тоа мислел во овој обвинителен акт се дејствие на извршување на ова кривично дело. Значи нешто што е апстрактно, а за кое нема конкретни докази.

Со што е оштетен Буxетот на РМ, ако е факт дека во најголем дел установите на кои е испорачувана нафтата за греење, фактурите се уште не ги платиле. Нема никаков податок колкаво е вкупното побарување на Друштвото Алма комерц према установите наведени во обвинението, а на кои им била испорачувана нафта во инкриминираниот период, па и во годините пред тоа. Никој не утврдил дали Алма Комерц има поголемо побарување од она што е наведено во овој изменет обвинителен акт. Судот не им дал таква наредба на вештите лица ниту пак тие во тој дел се впуштиле во утврдување. За да се утврди дали има или нема штета како конститутивен елемент на законското бити на кривичното дело од чл. 353 мора да постојат факти и таа да биде точно и прецизно утврдена особено затоа што е и квалификаторен елемент. Ако побарувањето на Алма Комерц е поголемо од она што е платено тогаш нема да има штета, а без штета сигурно нема да го има и ова кривично дело. Или накратко установите и институциите ќе бидат должници на Алма Комерц Неготино. Затоа што ова не е утврдено и вештите лица на главен претрес одговарајќи на моите забелешки во писмена форма, јасно нагласија дека незнаат дали износите кои ги посочуваат претставуваат штета и дека тие не кажуваат оти тоа е штета.

Целиот концепт на изготвувањето на предметниов обвинителен акт по однос на обвинетиот Ангел Пецов се темели на претпоставки кои Јавното обвинителство во стартот ги зема за докажани и неспорни, па во фактичкиот опис на дејствијата ги потенцира во вид на фраза …,, иако знаел, учествувал со повеќе од една односно со две понуди, однапред знаел дека ќе врши помал дотур од договорениот и фактурираниот, источувале нафта ама помалку и слично.

Ваквиот став и појдовен принцип на градење на теза за обвинување на Јавното обвинителство во ова обвинение во кое обвинетите лица се во притвор 18 месеци, најблаго речено е недозволен и за мене како бранител во оваа постапка е изненадувачки. Да се гради теза за сериозни кривични дела без сериозни докази, на база на претпоставака дека некој нешто знаел, а при тоа да не се понудат докази за утврдување на субјективниот елемент односно за знаењето, за намерата и слично е крајно несериозно и во вака сериозна постапка жално.

Ако се анализираат алинеите од точката два римско ќе се види дека дејствието кое му се става на товар на обвинетиот Ангел Пецов секаде е идентично и врзано за претходно склучените договори за јавна набавка при што се тврди дека наместо да постапува по договорите помогнат од сообвинетите лица вршел дотур на нафта во помали количини, од наведените во испратниците, врз основа на кои се изготвувале фактурите, а тој ги одобрувал за наплата.

Како ги одобрувал сочинетите испратници врз основа на кои се изготвувале фактурите и како ги одобрувал за наплата изготвените фактури, со какви и со кои дејствија ниту има во фактичкиот опис на дејствијата ниту пак Јавното обвинителство понуди конкретен доказ.

И во овој дел обвинението е чиста претпоставка и нелогично. Обвинетиот Ангел Пецов како управител немал никаков контакт со испратниците, односно истите не ги сочинувал и не ги потпишувал, а доколку случајно и ги видел неможел да знае ништо во врска со содржината. Впрочем испратница потпишана од овластено лице или од овластени лица во субјектот каде се вршела испорака значи со сигурност потврда на точноста на податоците внесени во испратницата. Ова е и согласно законот за сметководствено работење. Врз основа на испратниците се изготвувале фактурите од страна на вработените лица во сметководството со идентична содржина како во испратниците, по цените утврдени со договорот и се доставувале до субјектите на кои се однесувале. Управителот воопшто не одлучувал за доставување на излезните фактури, туку тој ги одобрувал плаќањата по однос на влезните фактури, а во случајов предмет на обвинение се излезните фактури. Никој не ги рекламирал фактурите ни во поглед на количина ни во поглед на цена.

Во фактичкиот опис на дејствијата во обвинителниот акт се тврди дека кривичното дело од чл. 353 од КЗ обвинетиот Ангел Пецов го извршил помогнат од другите сообвинети лица. Вака дадениот опис на дејствијата го актуелизира повторно прашањето за примената на материјалното право во овој обвинителен акт. Имено, Ангел Пецов е обвинет за злосторничко здружување од чл. 394 ст. 1 од КЗ, како и Мариче Пецова; Љупчо Пецов и Љупчо Темов за кои се тврди дека му помогнале, а пак останатите лица кои му помогнале се обвинети за истото кривично дело од чл. 394 ст. 2 од КЗ.

Вака дадената правна квалификција по однос на сите обвинети лица за кривично дело Злосторничко здружување, не соодветствува со правната квалификација врзана за инситутот помагање од чл. 24 од КЗ. Помагањето како криминално поведение има одредени свои карактеристики и треба да се манифестира на соодветен начин кој е предвиден во КЗ.

Сметам дека дејствијата што ги превзема и кои му се ставаат на товар на припадникот на злосторничкото здружување не може да претставуваат дејствие на помагање во извршување на кривично дело од страна на создавачот на злосторничкото здружување. Уште помалку создавачот на злосторничкото здружување може да му помага на другиот создавач на истото злосторничко здружување.

Вака дадената правна квалификација само со сигурност ја потврдува конфузноста, нелогичноста и недореченоста на ова обвинение. Ја потврдува несигурноста на Јавното обвинителство во докажаноста на постоењето на кривичното дело Злосторничко здружување од чл. 394 од КЗ, а исто така и неможноста на поврзувањето на дејствијата меѓу сообвинетите врзани за правната квалификација од чл. 353 од КЗ.

Врзувањето на кривичното дело со институтот помагање од чл. 24 од КЗ единствено е возможно ако сторителите се обвинети за кривично дело врзано со институтот соизвршителство од чл. 22 од КЗ, но не и ако се обвинети за кривично дело Злосторничко здружување од чл. 394 ст. 1 или ст. 2 од КЗ.

Од овие причини во описот на дејствијата кои му се ставаат на товар на обвинетиот Ангел Пецов во ставот римско 1 и ставот под римско 2 точки 1, 2 и 3, како и во ставот под римско 3, 5 и 6 воопшто не произлегува дека се содржани елементите на кривичните дела за кои се обвинува.

По однос на обвинетиот ЉУПЧО ТЕМОВ со обвинителниот акт му се става на товар дека откако заедно со Ангел Пецов го создал Злосторничкото здружение извршил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 вв со ст. 4 вв со ст. 1 вв со чл. 45 и вв со чл. 24 од КЗ. Од фактичкиот опис во обвинителниот акт произлегува дека ова кривично дело го извршил со тоа што возел цистерна; ги прател возачите; давал инструкции како да источуваат помалку нафта преку бројчаници-протокомерачи што покажувале поголема количина на нафта од реално источената; давал напатствија како да се употребат кантарните белешки со невистинита содржина, а и самиот управувал товарно моторно возило што источувало помала количина на нафта од онаа што била назначена во испратниците.

Вака дадените дејствија на извршување се општи, паушални, непоткрепени со докази и многу наивни за едно сериозно обвинение, а од друга страна не претставуваат дејствие на законското битие на предметното кривично дело.

За ЉУПЧО ТЕМОВ Јавното обвинителство тврди дека всушност тој му помагал на Ангел Пецов при извршувањето на ова кривично дело со тоа што ставал средства на располагање. Кои средства можел да ги стави на располагање Љупчо Темов? Тој немал ништо негово. Работел со туѓи средства кои нему му биле ставени на располагање, односно доверени во вршење на работите и работните задачи кои произлегувале од неговото работно место. Тој бил возач и возел цистерна. Требало да ја вага полна и празна и тоа и го правел. Источувал нафта во присуство на членови на комисија формирана за таа цел и сочинета од повеќе лица, кои мереле, споредувале и внимавале и сето тоа било според стандардните и вообичаени процедури, пропишани не од Љупчо Темов или од Ангел Пецов, туку од субјектите кои ја вршеле набавката на нафтата. Љупчо Темов немал негови лични протокомерачи, туку тие биле дел од товарното возило-цистерна која ја управувал. Тој како возач немал обврска да ја баждари но и да не била баждарена тоа не е елемент на кривично дело. [то ќе се случеше ако цистерните не беа регистрирани? Дали тогаш ќе се сметаше дека воопшто не однеле нафта, а фактурирале? Веројатно ќе беше така, бидеејќи како не регистрирани не смееле да учествуваат во сообраќајот. Дали некој проверил дале се регистрирани?

Во однос на подведувањето на опишаните дејствија со кои се терети Љупчо Темов, а кои се однесуваат на кривичното дело Злосторничко здружување и кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување врзано за помагање постои значителна противречност и нелогичност, а од следниве причини:

За да постои злосторничко здружување, основно е дека треба да постои план за извршување на кривични дела. Планот го прават создавачите на злосторничкото здружение односно организаторите, а во случајов според Јавното обвинителство тоа е меѓу другите и Љупчо Темов.

За да постои помагање треба да постои умислен придонес во извршувањето на кривичното дело, откако извршителот претходно донел одлука за извршување на кривично дело. Треба да постои каузалитет на дејствијата што ги превзел извршиотелот со дејствијата што ги превзема помагачот.

Овде доаѓаме во еден ќорсокак на правната квалификација. Имено, произлегува дека Љупчо Темов создал група, го создал планот за вршење на

кривични дела, што значи учествувал активно во донесувањето на одлуката за вршење на кривично дела, а потоа помогнал откако решиле да го извршат кривичното дело.

Организаторот на злосторничкото здружение не може да одговара за помагање, ниту помагачот во извршувањето на кривичното дело не може да одговара како организатор на злосторничко здружение.

Претходно ги опи[ав дејствијата што му се стваат на товар на Ангел Пецов и тие немаат никаква допирна точка со дејствијата што му се стваат на товар на Љупчо Темов. Помагачот треба претходно да му даде ветување на извршителот на кривичното дело. Какво ветување и кога Љупчо Темов му дал на Ангел Пецов. [то можел да му вети тој кога бил само вработен како возач кој можел да добие и отказ.

Покрај ова, за да конфузијата во правното подведување на дејствијата под одредбите на КЗ биде уште поголема, Љупчо Темов, како организатор на злосторничко здружение, покрај тоа што за кривичното дело од чл. 353 од КЗ помагал во извршувањето, во кривичното дело Давање поткуп бил соизвршител. Организатор на злосторничко здружение, помагач и соизвршител во вршење на кривичните дела од планот на групата, претставува невозможна правна квалификација која е во спротивност со правната теорија и логика.

Ако не може да има помагање на страната на организаторот на злосторничкото здружение во извршување на кривичните дела од планот на тоа здружение, тогаш Љупчо Темов нема својство за да биде извршител на кривичното дело од чл. 353 од КЗ. Тој е само возач.

Љупчо Темов со обвинителниот акт обвинет е и за кривично дело Давање поткуп од чл. 358 ст. 4 вв со ст. 1, а вв со чл. 22 од КЗ. Фактичкиот опис на дејствијата во точката под римско 4, алинеја прва воопшто не соодветствува со правното подведување на дејствијата под одредбите на КЗ. Имено, дадениот опис на дејствијата во оваа точка содржи тврдење дека обвинетиот Драган Гиновски, побарал парични средства од обвинетиот Љупчо Темов, а по претходен договор со обвинетиот Љупчо Пецов, кои му биле ветени како награда и тн. Од ваквиот опис на дејствијата произлегува дека претходно постоела комуникација и договор меѓу Драган Гиновски и Љупчо Пецов, дека тие се договориле, а немало никаква комуникација со Љупчо Темов. Ако било така зошто Драган да бара пари од Љупчо Темов кога со него не се договарал. Воопшто не е јасно кој од кого побарал, што побарал, зошто побарал, кој дал, а кој зел.

Во ваквиот фактички опис на дејствијата не се содржани елементите на кривичното дело Давање поткуп од чл. 358 од КЗ за обвинетиот Љупчо Темов како соизвршител, а не ни може да се содржат. За кривичното дело опишано во оваа точка обвинет е и Љупчо Пецов, а како Љупчо Темов може да биде соизвршител на ова кривично дело, ако не договарал, ниту од него било барано, ниту тој ветил, останува навистина нејасно. Затоа тврдам дека нема опис на кривично дело за обвинетиот Љупчо Темов. Впрочем и јавното обвинителство тврди дека Љупчо Темов не договарал.

Од друга страна во контекст на целиот обвинителен акт и тезата за сторените кривични дела, прашање за дискусија е дали може обвинетите меѓу кои и Љупчо Темов воопшто да бидат обвинети и за кривично дело Давање поткуп. Тие се обвинети за Злоупотреба на службената положба и овластување, па затоа не може да постои реален стек меѓу овие две кривични дела. Следејќи ја тезата на обвинителниот акт, кривичното дело Давање поткуп е само средство на извршувањето на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и затоа ова второво во себе ги консумира дејствијата кои Јавното обвинителство сака посебно да ги издвои како посебно и самостојно кривично дело се со цел обвинетите да бидат ставени во потешка позиција што е спротивно на интенцијата на Законот за кривичната постапка, односно е незаконито однесување.

И при изготвувањето на обвинителниот акт треба да се има предвид дека целата кривична постапка треба и мора да се води на начин по поволен за обвинетото лице. Во оваа постапка тоа не е така како со давањето на правните квлификации и издвојувањето на едни исти дејствија и подведување под други одредби од материјалното право, така и со примената на мерката притвор.

Со основниот обвинителен акт на обвинетиот ЉУПЧО ТЕМОВ му се ставаше на товар меѓу другото и кривично дело Фалсификување исправа од чл. 378 ст. 3 вв со ст. 1 од КЗ и при тоа се тврдеше дека го сторил со тоа што употребувал кантарни белешки со невистинита содржина, сочинувал испратници со невистинита содржина и ги потпишувал, а вршел и промена на регистарски таблици односно употребувал јавни исправи со невистинита содржина. За вака опишаните дејствија Јавното обвинителство во изменетиот обвинителен акт и покрај тоа што во описот останаа, прифати дека истите се консумирани во кривичното дело Злоупотреба на службената положба од чл. 353 и дека неможе да постои реален стек меѓу тие две дела па изврши правна преквалификација така што нема повеќе обвинение за ова кривично дело. Правно гледано ваквиот став на јавното обвинителство е правилен, но идентична е состојбата и по однос на кривичното дело Давање поткуп од чл. 358 од КЗ, а тука тоа не е направено. Ова уште еднаш ја потврдува недоследноста во примената на материјалното право која Јавното обвинителство ја прави во ова обвинение.

Во ставот под римско 3 од обемниот обвинителен акт на обвинетиот Ангел Пецов му се става на товар кривично дело Даночно затајување од чл. 279 ст. 2 вв со ст. 1 од КЗ.

Јавното обвинителство, поставувајќи ја тезата за извршување на кривичното дело Даночно затајување од чл. 279 од КЗ повторно тргнува од претпоставка за наводно превземени дејствија кои ги квалификува како кричвично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 од КЗ. При ова Јавното обвинителство тврди дека биле прибавени 2.840.967 литри нафта за домаќинство, па со оглед на тоа што истата се појавила книговодствено како вишок, за да можат повторно да ја внесат и да ја пуштат во промет обвинетиот Ангел Пецов одобрил да се користат фактури со невистинита содржина, а кои биле фактурирани од обвинетата Мариче Пецова како да наводно оваа нафта била набавена од Друштвата Балшој Крик; Ерма Транс и Глобал Транс, и ако овие друштва немале претходно набавено нафта за да можат да ја продадат, а потоа дал лажни податоци за факти кои се од влијание за утврдување на данокот за додадена вредност во смисла што прикажал невистинит влезен промет во вкупен износ од 121.399.956,50 денари за кој незаконски прикажал влезен ДДВ во износ од 18.518.415,00 денари и тоа за 2012 година па истиот наместо да го плати во буxетот на РМ го пребил со пресметан ДДВ за кој износ го оштетил буxетот на РМ. На идентичен начин постапил и за 2010 година прикажувајќи невистинит влезен промет од 13.289.859,00 денари за кој незаконски прикажал влезен ДДВ од 2.027.267,00 денари кој не го уплатил во Буxетот на РМ туку го пребил, а исто и во 2011 и 2012 година прикажал невистинит влезен промет во износ од 10.830.375,00 денари за кој незаконски пресметал влезен ДДВ во износ од 1.652.092,00 денари кој наместо да го плати во Буxетот на РМ го пребил.

Од ваквиот опис на дејствијата кој го дава Јавното обвинителство, а кои се нелогични и непоткрепени со докази, единствено со сигурност произлегува дека незаконски прибавената количина на нафта преку вршење на кривично дело од чл. 353 од КЗ преку издавање на фактури со невистинита содржина во кои целата содржина е фиктивна и тоа количините, цените и искажаниот данок, преку кривично дело Давање поткуп, според Јавното обвинителство и покрај фиктивноста требало да подлежи на реално оданочување, па заради тоа што обвинетиот Ангел Пецов и другите тоа го прикажале како реално, според Јавното обвинителство дале лажни податоци со што го оствариле законското битие на кривичното дело Даночно затајување од чл. 279 од КЗ.

Ваквото тврдење на Јавното обвинителство е нелогично и најблаго речено наивно.

Почитувани судии, како е возможно зделка која не постоела, која не била реална да биде предмет на оданочување. Нели основното правило е за да настане обврска за плаќање на данок прво треба да настане промет на стоки и услуги. Ако немало промет, а така тврди Јавното обвинителство, како може да се тврди дека настанала обврска за плаќање на данок и да се тврди дека истиот бил лажно прикажан и затаен, од кривично правен аспект зборувам.

Кривичното дело Даночно затајување од чл. 279 од КЗ може да се изврши само по однос на оние приходи кои се на законит начин стекнати. Неплатен данок на приходи кои не се на законит начин стекнати не може да биде подведен под одредбата од чл. 279 од КЗ. Ова кривично дело неможе да биде извршено во однос на приходи кои се стекнати на незаконит начин. Во случајов од описот во диспозитивот јасно произлегува дека Јавниот обвинител тврди дека приходот од нафтата бил стекнат со вршење на кривично дело Злоупотреба на службенат положба и овластување од чл. 353 од КЗ и Давање поткуп .

Заради сето ова и по однос на ова кривично дело сметам дека погрешно е применето материјалното право, однсоно дејствијата кои му се ставаат на товар погрешно се подведени под одредбите од КЗ.

Покрај погрешната примена на материјалното право имајќи ја предвид содржината повеќе од очигледно е дека на претпоставките во овој обвинителен акт нема крај. Не постои ниту еден доказ од кој може да се потврди изнесеното тврдење дека Друштвата Балшој Крик; Ерма Транс и Глобал Транс, немале набавено нафта па затоа и неможеле истата да ја продадат.

Во утврдувањето на овој факт вештите лица тргаат од одредени формално правни недостатоци во фактурите и извлекуваат заклучок дека заради тоа не бил воспоставен должничко доверителски однос, што значи дека и фактурите биле фиктивни.

Покрај сите неправилности и противречности во овој обвинителен акт се поставува и прашањето како може АЛМА КОМЕРЦ ДОО Неготино да има обврска за плаќање на ДДВ по однос на влезни фактури? Согласно одредбите од чл. 41 и чл. 43 од Законот за данокот на додадена вредност обврска за плаќање на ДДВ е на страна на издавачот на фактурите. Во случајов АЛМА КОМЕРЦ не е издавач на фактури. За Алма Комерц сите фактури од друштвата Балшој Крик; Ерма Транс и Глобал Транс, се влезни фактури.

Законот за данокот на додадена вредност во одредбата од чл. 35 го предвидува исклучувањето на правото на одбивка на претходниот данок, така што таксативно ги наведува основите кога субјектот, односно даночниот обврзник нема право на одбивка на претходниот данок, но Друштвото Алма Комерц не е во редот на тие друштва што немаат право на одбивка.

При постоење на целосна и комплетна финансиска и книговодствена документација во Друштвото Алма Комерц ДОО за извршените набавки на нафтата од погоре наведените трговски друштва погрешен е заклучокот на Јавното обвинителство, па и на Вештите лица дека не постоел должничко доверителен однос.

За обвинетиот Ангел Пецов како управител на Друштвото Алма Комерц ДОО Неготино, постои законска обврска да се грижи за уредно и ажурно водење на книговодството во тоа трговско друштво, но не постои таква обврска да води сметка за финансикото работење на другите трговски друштва со кои влегува во деловни односи. Во конкретниов случај од финансиската докуменатција неспорно произлегува дека нафтата е набавена од наведените субјекти, доставените влезни фактури уредно се прокнижени, искажаниот влезен ДДВ е во согласност со Законот за данокот на додадена вредност, трите субјекти од кои е извршена набавка се регистрирани даночни обврзници за целите на данокот на додадена вредност од кои според Законот за ДДВ субјектот Алма Комерц има право на одбивка на ДДВ.

Имајќи го предвид ова согласно чл. 41 и чл. 43 од Законт за додадена вредност не е обврска за плаќање на Друштвото Алма Комерц туку на другите три друштва од кои е извршена набавката како регистрирани даночни обврзници за целите на Данокот на додадена вредност.

Во контекст на примената на материјалното право се наметнува и прашањето дали може да постои реален стек меѓу кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 од КЗ и кривичното дело Даночно затајување од чл. 294 од КЗ. Лично сметам дека не може да постои од причина што кривичното дело Даночно затајување може да биде извршено само преку злоупотреба на службената положба, така што ако постои подведување на превземените дејствија под кривично дело од чл. 353 од КЗ, не може да има и кривично дело Даночно затајување. Ова е уште една причина повеќе заради која не може на обвинетиот да му се става на товар и кривично дело Даночно затајување.

Од сите досега изложени причини му предлагам на судот обвинетите Ангел Пецов и Љупчо Темов да ги ослободи од обвинение согласно одредбата од чл. 368 ст. 1 т. 1 од ЗКП бидеејќи кривичните дела за кои се обвинуваат не се кривични дела за кои се гони по Закон.

Но доколку овој суд има поинаков став од мојот и се впушти во анализа на изведените докази, тогаш пред да направам кратка анализа на доказите, материјални и вербални, веднаш му предлагам на судот да донесе пресуда со која обвинетите Ангел Пецов и Љупчо Темов, ќе ги ослободи од обвинние согласно одредбата од чл. 368 ст. 1 т. 3, односно бидеејќи нема докази дека ги сториле кривичните дела.

Јавното обвинителство, со поднесувањето на овој обвинителен акт достави голем број материјални докази, како и докази прибавени врз основа на примена на Посебни истражни мерки, вештачење како и предлог за сослушување на поголем број лица во својство на сведоци.

Начинот на кој се доставени материјалните докази вклучувајќи ги и оние прибавени со примената на посебните истражни мерки укажува само дека и на Јавното обвинителство му е позната состојбата со доказите врзани за обвинетите и предметот на обвинувањето, па затоа истите ги доставува во голем број и без да посочи кои факти и околности и за кое од обвинетите лица кој од мноштвото на докази се однесува. Јавното обвинителство, преку голем обем на неселектиран материјал се обидува да ја прикаже докажаноста на наводите во обвинителниот акт, но во суштина тоа не е така.

Во оваа смисла предметите од водените постапки за јавни набавки кои претходеле на склучувањето на Договорите по кои е вршено доставување на нафта за греење само ја потврдуваат законитоста на постапките, односно законитоста на извршениот избор. Ова се потврдува и од наодот и мислењето на вештите лица, кои и покрај тоа што сите ги анализирале не утврдиле незаконски дејствија.

Налозите, испратниците, фактурите и кантарните белешки се сочинети во согласност со предвидените стандарди, а и ако во некој недостасува некој од елементите кои согласно законот треба да ги има, како што е рег. бр. на товарно моторно возило, име и презиме на возачот кој извршил испорака и слично, само по себе не значи и дека испораката на нафта не е извршена односно дека наведената количина во испратницата не е точна.

Ваквите материјални докази во корелација со вербалните докази, односно исказите на сослушаните сведоци не дава никаква основа да се тврди дека при испораките на нафта била источувана помала количина од онаа што била наведена во испратниците врз основа на кои се изготвувани фактурите. Сите сведоци, со исклучок на неколкумина, на јасен, категоричен и недвосмислен начин потврдуваат дека при испораките била испорачана количина на нафта колку што било запишано во испратницата. Сведоците тврдат дека при секоја испорака на нафта биле присутни повеќе лица од страна на нарачателот, дека вршеле мерење и контрола на квалитетот и на количината на нафтата која се источувала и дека откако ќе ја констатирале вистински источената нафта во резервоарот ја потпишувале испратницата.

Ниту еден сведок кој е предложен од страна на Јавното обвинителство не го потврди тврдењето дека биле менувани регистарските таблици на две идентични цистерни од кои едната со мала ознака ,,Волво,,. Не се потврди ниту од лицата кои вршеле мерење на тежината на цистерните на вагите.

Дали протокомерачите на цистерната биле баждарени или не само по себе не значи дека истите мерат поголема количина од стварно источената. Напротив небаждарените мерачи, може да мерат точно, помалку или повеќе при источувањето на нафтата, но фактот дали се или не се баждарени не е елемент на кривично дело туку претставува прекршок за правниот субјект кој е сопственик на Товарното моторно возило и евентуално за одговорното лице во правното лице, а тоа не е Алма Комерц ДОО Неготино и Ангел Пецов како управител во тоа Друштво, а исто така не е и Љупчо Темов. Како и да е тоа не повлекува кривично правна одговорност. Од друга страна во текот на оваа постапка никој не ги провери протокомерачите за да утврди како тие мерат. Исто така не е направена соодветна проверка на резервоарите во институциите во кои се источувала нафтата во смисла на нифната пропусност, а не бил испитан и системот на греење за да се утврди неговата исправност и потрошувачката на нафта. Ова било потребно особено заради тоа што се работи за стари резервоари без атести и стари системи за греење.

При источувањето на нафтата постоела можност количината во резервоарот да се мери и со шипка и да се прави споредба со она што било евидентирано на бројчаникот. Според исказите на сведоците тоа и се правело и немало никакви забелешки, што значи дека бројчаниците давале точен податок за количината која се источувала.

При присуство на комисии за прием на нафта, во кои секогаш имало најмалку три лица, при ситуации кога вагањето на цистрната се вршело исто така во присуство на членови на комисијата за прием на нафта, се поставува прашањето како може Јавното обвинителство да тврди дека се правеле замени на регистарски таблици на две цистерни. Секако дека некој тоа ќе го забележел и ќе реагирал.

Заради ова сметам дека за ваквите тврдења Јавното обвинителство на дестави соодветен правно релевантен доказ, а пак уште помалку доказ дека во таквите дејствија има било каква инволвираност обвинетиот Ангел Пецов како управител на Друштвото Алма Комерц ДОО Неготино.

Како доказ за ова во завршниот збор јавното обвинителство посочува искази на одредени лица, хаузмајстори, кои наводно забележале разлика, приметиле дека тука има нешто или знаеле дека општо било познато дека на пумпите се краде гориво. И покрој ова тие се потпишувале на испратниците. Ваквите нивни искази може да бидат само чаршиски муабети, а не и доказ во ваков сериозен предмет.

Во текот на главниот претрес се изведоа докази прибавени со примена на посебни истражни мерки, за кои сметам дека се прибавени спротивно на одредбите од ЗКП од кои причини истите не може да бидат доказ во оваа постапка, а кое нешто произлегува од одредбата од чл. 142 д ст. 4 од ЗКП, согласно која ако посебните истражни мерки од чл. 142-б од ЗКП се превземени без наредба од истражен судија, односно без наредба од јавниот обвинител или се превземени спротивно на одредбите од ЗКП, доказите до кои се дошло со примената на тие мерки не може да се употребат во кривичната постапка.

Сметам дека овие докази се изведени спротивно на одредбата од чл. 142-д ст. 4 од ЗКП, односно истите се прибавени на начин со кој се повредени слободите и правата утврдени со Уставот, Законите и ратификуваните меѓународни договори.

Од друга страна изведените докази се неподобни за утврдување на битни факти и околности врзани за дејствијата што им се ставаат на товар со обвинителниот акт на обвинетите Ангел Пецов и Љупчо Темов, од причина што на ниту еден од гледаните видео записи на ДВД и на ЦД материјалите не се гледа обвинетиот Ангел Пецов, освен на една снимка во кафана. Меѓутоа, тој не е обвинет за седење и муабетење во кафана, што значи и оваа една единствена снимка не е во врска со обвинението.

Идентична е ситуацијата и по однос на обвинетиот Љупчо Темов, кој и покрај тоа што се појавува на некој од видео записите, снимките не може да се поврзат со дејствијата во обвинението затоа што најчесто е снимен покрај цистерна во моменти кога бил на вагање, односно на мерење, кое нешто не е спорно и е дел од неговите работни ангажмани.

Впрочем, доказите прибавени со примена на посебните истражни мерки предложени се од страна на јавното обвинителство не селектирани, онака како што биле снимени и без да се посочи од страна на јавното обвинителство кои факти треба да се докажат со тие снимки и према кој од обвинетите. Вака обемниот и неселектиран материјал без конкретно посочување која снимка на кое конкретно дејствие се однесува и на кој од обвинетите лица е без предметен и нема доказна вредност.

Во недостаток на правно релевантни и валидни докази со соодветна доказна вредност Јавното обвинителство свесно за состојбата со доказниот материјал, се фокусира на телефонските разговори и преку нив сака да ги потврди наводите во обвинителниот акт. Тоа е очигледно бидеејќи во завршните зборови на повеќе од 200 страни цитира разговори или делови од раговори и прави свое толкување и анализа обидувајќи се да го убеди судот во точноста на неговите тврдења. Толкувањата на разговорите се не точни и погрешната интерпретација на тоа што се зборува дава погрешна слика за реалноста. Јас нешто посочив уште на почетокот на завршните зборови и сега нема да ги толкувам и анализиран разговорите но ќе посочам само дека тие такви какви што се не се подобни за докажување на битни факти и окоплности врзани за предметот на ова обвинение.

Не постои ниту еден разговор снимен или пренесен на транскрипт кој го водел обвинетиот Ангел Пецов со било кого со содржина во врска со обвинението. Нема телефонски разговор со инкриминирачка содржина нити за обвинетиот Љупчо Темов. Сосема логично е тој да разговара со другите возачи и да оди со нив на испорака на нафта, ако се има предвид фактот дека некој од возачите воопшто не ги знаеле локациите на објектите каде требало да се врши испорака на нафта за греење. Ако се има предвид дека некој од возачите биле вработени кратко време и немале никакво искуство, сосема нормално е на испратниците најчесто да се потпишувал токму обвинетиот Љупчо Темов. Љупчо Темов го видовме на повеќе снимки на ДВД ијата и на ЦД ејата па дури и таму каде што не го видовме тој самиот појасни дека бил присутен но ја кажа и причината поради која бил.

Не може врз основа на претпоставка да се измислува криминална причина за неговото присуство, а Јавното обвинителство токму тоа го прави во овој обвинителен акт.

Вештите лица поаѓаат од претпоставка дека испораката на нафтата била вршена во ист ден на повеќе места само со една цистерна и без дотур односно дополнување со нови количини на нафта, а пак сведоците на јасен и дециден начин кажуваат дека испораката се вршела со повеќе цистерни, односно некогаш со две, некогаш со три, а некогаш и се правело дополнување на една иста цистерна.

Всушност сведоците го опишуват реалниот начин на работење односно она што фактички се случувало на терен при испорака на нафта, а вештите лица изнесуваат претпоставка.

Со вака изготвеното вештачење вештите лица постапуваат спротивно на основните постулати за изготвување на вештиот наод и давањето на вештото мислење. Имено, наодот треба да се темели на сите сознанија до кои вештите лица дошле при анализата на доказите, материјални и вербални и врз основа на таквата реална анализа да се даде мислење кое ќе претставува конечен став за конкретниот случај. Со оглед на тоа што вештите лица во случајов поаѓаат од претпоставка, фактички изостанува наодот како претходно дејствие на мислењето, и тоа се темели само на претпоставка.

Заради ова вештачењето нема доказна вредност и не е подобно за утврдување на битни факти поврзани со дејствијата кои се предмет на обвинението.

Овој суд треба совесно да ги оцени секој доказ поединечно и во врска со другите докази и врз основа на таквата оцена да изведе заклучок дали некој факт е докажан. Ако постапи така сигурно ќе утврди дека оние факти што се наведени во обвинителниот акт не се докажани.

Од овие причини, му предлагам на судот да донесе пресуда со која обвинетите Ангел Пецов и Љупчо Темов ќе ги ослободи од обвинение по сите точки од обвинението и за сите кривични дела во смисла на одредбата од чл. 368 ст. 1 т. 3 од ЗКП, бидејќи не се докажа дека ги сториле кривичните дела.