/Прочитано:

1.000

Инфо за предметот

Надлежен суд: Основен суд Скопје 1

Бр. на предмет: КОК.Бр 80/12

СУДЕЊЕ

Почеток: 20 декември 2012г.

Судија: Судија - Ивица Стефановски

Обвинител: Гордана Гешковска

Обвинети:

  • Алил Демири
  • Агим Исмаилоиќ
  • Африм Исмаиловиќ
  • Фејзи Азири
  • Сејди Рами
  • Хаки Азири
  • Сами Љута

„Монструм“

Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута со правосилна пресуда на Апелациониот суд Скопје се осудени на доживотна казна затвор за петкратното убиство што на 12 април 2012 година, Велики Четврток, се случи кај Смилковското езеро. Единствено oбвинетиот Сејди Рами беше ослободен од обвинение бидејќи Судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот. 

Обвинетите се осудени за кривичното дело Тероризам од член 394-б став 1. Мотивот за свирепото убиство кое ја потресе целата македонска јавност, според Обвинителството, е предизвикување чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Во обвинението се наведува дека Смилковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото, па нему му бил познат теренот. Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште 3 непознати лица, како што се наведува во ОА, пред 12.04.2012 година го разгледувале теренот осносно регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото. Како што се навеува во ОА, директни извршители на петкратниот масакр што се случи на Велики четврток се Алил Демири и браќата Исмаиловиќ кои истовремено од пиштол и автоматски пушки на растојание до 1,5 метри во телата на младите момчиња – Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Накевски и Филип Славковски испукале проектили кои биле кобни за нив.

Понатаму во обвинението се додава дека на само 50 метри случајно се затекнал рибарот Борче Стефковски, обвинетите го забележале, во него пукале со 5 куршуми додека тој бегал кон своето возило. Тројцата пукачи, според ОА, биле заедно со уште 2 непознати лица и со возило „Опел омега“ веднаш се дале во бегство, освен Агим Исмаиловиќ кој избегал со друго возило и други 2 непознати лица. Обвинителството тврди дека обвинетиот Сејди Рами бил логистика на случувањата, односно што да се прави пред и по ликвидацијата и како најдобро тоа да се изведе.

Рами наводно контактирал и со другите лица, засега со неутврден идентит кои биле на местото на убиството и веднаш по ликвидацијата се упатил кон фармата на Фејзи Азири во селото Белимбегово. Азири, според ОА, го организирал бегството на Демири и Исмаиловиќ, односно со нив се сретнал кај хотел „Белви“ и заедно со уште 2 лица успеале да ги пренесат во Косово.

 Хаки Aзири, лицето коешто доброволно се откажа од статусот на заштитен сведок и стана шестообвинет за тероризам, со своето возило ги чекал обвинетите кај Качаначки пат и потоа ги возел до нивните домови, се посочува во обвинителниот акт.

Седмообвинетиот Сами Љута, обвинителството го товари дека бил логистика во случајот и дека чувал стража на местото на убиството. Постапка против него беше покрената подоцна, по што дојде до проширување на обвинителниот акт и со неговото име.

Основниот суд Скопје 1 на 30 јуни 2014, година и пол стартот на судскиот процес,  ги прогласи за виновни и ги осуди на доживотна казна затвор обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ,  Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено обвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда бидејќи судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот.

„Се работи за настан од кој беше згрозена целата македонска јавност, настан во кој пет млади луѓе прерано го завршија својот живот, настан кој ќе остане врежан кај сите граѓани без оглед на нивната верска, етничка или било каква друга  припадност. И покрај различната етничка припадност на жртвите и на обвинетите, оваа постапка не треба да ги доведе во прашање меѓучовечките односи и соживотот во Република Македонија, како што некој тоа сакаше  да го прикаже во јавноста. Oвде, во оваа судница, се суди за сторени, конкретни кривични дела, за конкретно преземени дејствија и се суди врз основа на докази според кои се одредува вина. Не се водевме според емоциите што се искажуваа во судницата, туку се водевме едноставно по тоа што како суд сме должни да се водиме, а тоа е законот“, истакна судијата Ивица Стефановски при објавата  на пресудата.

Стефановски дозволи камерите да го снимаат целосното изрекување на пресудата што е ретка пракса во македонското судство.

Во декември 2015 година, Апелационот суд Скопје, одлучувајќи по жалбите на Јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и обвинетите, ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1.

Тек на судењето