/Прочитано:

411

„МОНСТРУМ“: Завршен збор на бранителот Насер Рауфи за Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Сами Љута

Случај: „МОНСТРУМ“

Завршен збор: Насер Рауфи, бранител на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Сами Љута.


Петкратното убиство што се случи на 12.04.2012 година во вечерните часови во м.в.”Смилковски езера” ја потресе не само македонската туку и пошироката јавност. При овој навистина грозоморен и крајно нечовечки чин, животите ги загубија петте невини жртви од македонската национална припадност Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Накевски, Филип Славковски и Борче Стевковски. Кривично правниот настан се случи во вечерните часови поточно помеѓу 19 и 40 и 19 и 50 часот па истата вечер, веднаш по овој настан месното население од Радишани од кај што потекнуваа четирите момчиња како и месното население од с.Црешево од кај што потекнуваше рибарот одржаа протести и веднаш уште таа ноќ за овој невиден злостор на нашите простори беа обвинети припадниците на албанскиот етникум. Веднаш потоа многуте неумесни изјави од разни политички субјекти и сосем погрешната и непрофесионалната медиумска експлоатација за настанот, со исклучок на мал број на медиуми, доведе да од тогаш па се до ден денес да биде нарушен институтот на презумпција на невиноста. Оваквата состојба резултираше со една обемна специјална полициска акција кодирана како “Монструм” и тоа на 01.05.2012 година при што беа притворени повеќе од 20 лица од албанската национална припадност помеѓу кои и обвинетите Фејзи Азири, Агим Исмаиловиќ, Сејди Рами и Хаки Азири.

Сметам дека е неопходно да споменам дека на обвинетите им беше определен притвор во траење од 30 дена додека пак на сите други им беше определен краткотраен притвор во траење од 48 часа а помеѓу нив имаше и жени, девојки па дури и една стара баба и врз овие лица како впрочем и спрема сите обвинети беше крајно грубо постапувано од страна на припадниците на МВР односно специјалните единици од разно разни омаловажувања, навреди па дури и до физички повреди и на најекстремен начин се повредени основните човекови права.  Притворените беа обвинети како радикална исламистичка група што го извршиле петкратното убиство односно чинот на тероризам. A limite – односно самиот почеток на приведувањето односно притворањето на сите овие лица им беше нарушена презумпцијата на невиност која е загарантирана во членот 2 од Законот за кривичната постапка која е една стара цивилизациска придобивка па на тој начин овие обвинети веќе беа огласени за виновни пред да им се започне да им се суди и тоа нешто се рефлектираше во самите изјави од претставниците на Судот, Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство а кои изјави беа во стилот: “фатени убијците”, “уапсени се монструмите”, “фатени виновниците на масакрот” па таквите изјави кулминираа со изјавата на Јавниот обвинител на Македонија дека наводно постоеле цврсти докази дека притворените се сторителите на грозоморното петкратно убиство па дури и со барање на истиот да на обвинетите им се изрече најстрогата казна доживотен затвор што е спротивно на одредбата од чл.332 од ЗКП. Обвинетиот Хаки Азири беше со статус на заштитен сведок се до 7 мај па наводно од истиот се откажал но под какви околности за тоа подоцна, а пак на мое големо изненадување како на бранител на петмина обвинети, по подолг временски интервал беше пронајден “сурогат” и тоа во кодираниот како Е-1 заштитен сведок и тоа на крајот на месец септември 2012 година што ќе рече повеќе од пет месеци од “откажувањето на првобитниот заштитен сведок”. Обвинителниот акт од страна на Основното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција КО.бр.36/2012 беше поднесен на 26.10.2012 година односно последниот работен ден од истекот на шест месеци кои претставува краен рок за поднесување што според мое длабоко убедување е резултат на недостигот на доказите односно очигледната дилема кај Јавното Обвинителство. До стадиумот на поднесување на овој обвинителен акт во истражната постапка беа сослушани помеѓу другото и четворица свидетели кои биле присатни на местото на настанот tempore criminis односно во времето на извршувањето на кривично правниот настан и тоа лицата Ахмет Беќир, Несим Ќемал, Несим Денис и Бајрам Мемедов, како и други свидетели но никој од бранителите на обвинетите воопшто и не беше запознаен ниту известен за било кое сослушување, па со самото тоа и не присаствуваа на сослушувањата а пак јас како бранител на петмина обвинети сосем случајно дознав истиот ден и за реконструкцијата која беше закажана патем кажано на верски празник Курбан Бајрам односно на неработен ден.   При првиот контакт на кодираниот сведок Е-1 со истражниот судија на 28.09.2012 година на истиот му се доставени 48 фотографии во боја, означени со редни броеви од 1 до 48, а на задниот дел од нив е напишано името и презимето на фографираното лице. Помеѓу тие фотографии се наоѓале и фотографиите на обвинетите вклучувајќи ја и фотографијата на обвинетиот Агим Исмаиловиќ. Сите тие фотографии на позадината имаат име и презиме од лицата како и редните броеви, па кодираниот сведок Е-1 изјавил дека фотографиите означени со реден број 2, 11, 17 и 29 се лица што ги има видено лично на “Смиљковското езеро” во периодот од 09.04.2012 година до 12.04.2012 година. Лицето што кодираниот сведок го посочува под реден број 2 е лицето Абдуљ Јашари кои патем кажано беше и предложен подоцна како сведок, но судот имаше проблем со неговата достапност, а тоа исто лице Јавниот Обвинител за цело време го третира како “непознат”, а инаку тоа е лицето што на главниот претрес го опишуваме како “со коса како еж”, лицето под реден број 17 е лицето Сами Љута, лицето под број 29 е обвинетиот Фејзи Азири, а пак лицето под број 11 сигурно Вие сите очекувате дека ќе кажам дека е обвинетиот Агим Исмаиловиќ но не, тоа е фотографијата на лицето Алмир Дрпљанин. Сметам дека е важно да напоменам дека ова лице и обвинетиот Агим Исмаиловиќ воопшто не си личат, па дури посочениот Алмир Дрпљанин е со долга кафена брада така наречена “брада на јарец” долга дури 10 см. При ова истражно дејствие за идентификација по фотографии од страна на загрозен сведок, заштитениот сведок појаснува дека на 12.04.2012 година лицето под реден број 17 што ќе каже обвинетиот Сами Љута, го видел околу 18 часот од непосредна близина, со цигара во рака. При тоа, наведените лица се наоѓале во непосредна близина на кривината што оди кон нас.Бутел. Ова лице било заедно со лицата под реден број 2, 11 и 29, како и во претходните денови. Бил облечен во тексас облека – јакна и панталони. Понатака кодираниот сведок Е-1 појаснува дека лицето под број 11 во тој период бил специфичен – ќелав, без коса, и со “брада како на јарец” исто како на фотографијата. Лицето под реден број 17 на една страна од неговото лице имал црвена флека. Овие четири лица ги гледал во периодот од 09.04.2012 година до 12.04.2012 година наутро и кога се враќал попладне. Ова беше истражното дејствие спроведено со идентификација по фотографии од страна на загрозениот сведок од 28.09.2012 година. На 19.10.2012 година загрозениот сведок со псевдоним Е-1 доаѓа втор пат во контакт со судот, но овој пат – прв пат на сослушување во истражна постапка, па истражниот судија го повика да стане обвинетиот Агим Исмаиловиќ и при тоа го запраша загрозениот сведок – Дали ова е лицето кое го видел три дена по ред пред настанот и на самиот ден на настанот на “Смиљковско езеро”?, а на тоа загрозениот сведок одговори: “Да”, ова е лицето кое го видов три дена пред настанот и на самиот ден на настанот со тоа што имаше поголема брада тогаш кога го видов. Загрозениот сведок иако претходно на фотографија го посочува лицето Алмир Дрпљанин при овој распит воопшто не приметува дека обвинетиот Агим Исмаиловиќ не е воопшто лицето од фотографијата и за истиот е убеден дека е истото лице од фотографијата. При тоа загрозениот сведок воопшто не споменува “брада на јарец” туку вели: “тогаш кога го видов имаше поголема брада”. Инаку, од присатните во судницата обвинети Фејзи Азири, Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири и Сејди Рами загрозениот сведок изјавува дека од четворицата што ги видел на езерото во судницата гледа двајца па притоа ги посочува Фејзи Азири и Агим Исмаиловиќ. Во моите завршни зборови ќе продолжам со следните распити на заштитениот сведок, а поради континуитет, па така истиот при сослушување на 22.10.2013 година сеуште во истражна постапка а бидејќи е во меѓувреме притворен и обвинетиот Сами Љута, поточно притворен од 25.08.2013 година па само е присатен обвинетиот Сами Љута без другите обвинети, па на прашање од истражниот судија дали ова лице “мислам на обвинетиот Сами Љута” го видел на езерото одговори дека ова лице го видел на местото на настанот на земјениот пат во близина на езерото и имаше долга коса. Дистанцата односно одалеченоста од која го видел обвинетиот како што кажа заштитениот сведок при тоа сослушување изнесувала околу 50 м. Кога е запрашам за гардеробата во која бил облечен обвинетиот загрозениот сведок одговори дека бил во кожна црна јакна и тексас фармерки. Ќе забележите дека при првиот исказ на 28.09.2012 година кажа дека бил облечен во тексас јакна што подразбира сосем друг материјал и сосема друга боја. При овој распит на прашање на Јавниот обвинител сведокот да го опише колку долга коса имал обвинетиот истиот изјави дека: Кога го видов овој обвинет имаше долга коса и му беше виткана до раменици. Виткана коса како таласаста, а превиткана на врвовите. Заштитениот сведок изјавува дека обвинетиот Сами Љута го видел на денот на настанот односно на 12.04.2012 година и два дена пред настанот со тоа што два дена пред настанот го видел и сабајле во 6 часот и поручек околу 17,30 часот а пак на денот на настанот го видов само еднаш и тоа поручекта. На мое прашање кога го видел обвинетиот облечен во црна јакна и фармерки истиот одговори дека тоа е на денот на настанот, а пак на моето прашање како обвинетиот бил облечен два дена пред настанот истиот одговори дека не може да се сети. При понатамошниот распит загрозениот сведок кажа дека “ќелавиот со брада” мислејќи при тоа на Агим Исмаиловиќ беше понизок од другиот обвинет и тоа за 10 см (мислејќи при тоа на Сами Љута) што е уште една од многуте грешки и заблуди од причина што и сите Вие присатни можете да го уочите тоа визуелно. При овој распит заштитениот сведок уште еднаш запрашан одговори дека и во првиот и во вториот наврат обвинетиот Сами Љута го видел на одалеченост од 50 м. На мое прашање кои лица заштитениот сведок ги видел на 09.04.2012 година заштитениот сведок изјави: “Не можам да се сетам кои беа пошто ги видов од далеку”. Следниот распит на овој заштитен сведок се случува на главен претрес и тоа на 18.12.2013 година – прв пат пред судкиот совет а четврт пат во судот а тоа е негово четврто појавување пред судот. При ова сослушување загрозениот сведок изјави дека на 12.04.2012 година во 6 часот наутро го видел само возилото – црниот голф но не видел лица што се е во колизија со претходно дадените изјави на овој сведок па истиот во продолжение изјавува дека истиот ден околу 18 часот видел три лица а не четири како што претходно изјавувал. Во понатамошниот тек на распитот загрозениот сведок изјавува дека критичниот ден во 18 часот на езерото имало и други лица поконкретно имало рибари што не само што и тоа нешто исто така е во спротивност со неговите дотогашни искази но и со исказите на сведоците кои биле критичниот ден на местото на злосторот – веќе споменатите Ахмет Беќир, Несим Ќемал, Несим Денис и Бајрам Мемедов – кои како што веќе истакнав се единствените сведоци кои ги виделе физиономиите на убијците и се друго освен самата егзекуција. При неговото понатамошно излагање, загрозениот свидетел истакнува дека обвинетиот Фејзи Азири бил облечен во бела кошула со долги ракави и фармерки и повеќе од јасно е дека сведокот ја посочува гардеробата на обвинетиот при неговото приведување на 01.05.2012 година бидејќи тоа го прикажаа сите македонски медиуми. Ова се однесува кога е во прашање и гардеробата на сообвинетиот Агим Исмаиловиќ па и ова е еден од сегментите на околноста за каков сведок всушност станува збор. При понатамошните прашања од страна на судот а во смисол дали сведокот може да каже дали обвинетите сите денови биле облечени во исто, слично или различно истиот одговори дека: – “Не можам да се сетам за сите денови буквално, дали биле облечени исто или различно, но на 12.04.2012 година на самиот ден на настанот се сеќавам многу убаво како беа облечени”. Овој негов исказ дефинитивно укажува на тоа дека според мое длабоко убедување, загрозениот сведок дава опис соодветен на снимците кои се прикажани по медиумите во денот на притварањето па одтаму и неговата неможност “да се сети” на гардеробата на обвинетите која ја носеле претходните три дена. На моето прашање дали загрозениот сведок се сеќава за црвенилото на лицето што го видел кај обвинетиот Сами Љута, а што порано го изјавил, истиот одговори дека било на десниот образ на обвинетиот а пак на моето прашање дали обвинетиот Агим Исмаиловиќ е лицето што го посочил на фотографија пред истражниот судија при неговиот прв контакт со судот и тоа на 28.09.2012 година истиот одговори потврдно па по оваа навистина нелогичност и крајна контрадикторност може да се заклучи дека или овој загрозен сведок е во голема заблуда или пак истиот не ја кажува вистината. Трета опција нема. Ова го велам првенствено од причина што кога е во прашање обвинетиот Агим Исмаиловиќ овој сведок првобитно го опишува со брада со големина од 4-5 прста за да потоа затекнат во крајна конфузна состојба го опишува дека имал брада “како на јарец” а пак во понатамошниот тек на моите завршни зборови со сигурност ќе докажеме дека овој обвинет немал никогаш ниту брада “како на јарец” ниту пак 4-5 прста долга туку од секогаш а посебно од темпоре цриминис имал брада со големина и берберски кажано со должина од 0,5 односно пола сантим. Конфузијата кај овој сведок продолжи и понатака бидејќи при овој негов распит на 18.12.2013 година веќе и не паметеше дали обвинетиот Сами Љута го видел еднаш или пак двапати. Како што кажав претходно за да има континуитет во исказите на овој заштитен сведок ќе го изложам и неговиот петти исказ даден пред судот и тоа на ден 28.03.2014 година. Имено на овој последен распит на заштитениот сведок на моето прашање за тоа дали знае каква боја му била брадата на обвинетиот Агим Исмаиловиќ истиот одговори дека била кафеава што е исто така контрадикторно со неговиот претходен исказ кога го опиша со долга брада со големина од 4-5 прста, но всушност ние сите тука присутни можеме да ја уочиме бојата на брадата кај обвинетиот Агим Исмаиловиќ.        На овој последен распит загрозениот сведок а по однос на дистанцата од која го здогледал обвинетиот Сами Љута го смени првобитно дадениот исказ дека го видел од 50-тина метри и повеќе па така кажа дека овој обвинет на 12.04.2012 година го видел сосем одблиску и дека имал со него непосреден контакт поточно Сами Љута му побарал упаљач, па така бил доближен, како што самиот вели на 25 см што за воља на вистината не само што е во спротивност со дотогашните негови искази туку една неможна позиција бидејќи ако ова навистина се случило во тој случај би бил сосем разоткриен идентитетот на загрозениот сведок бидејќи секој некого би запаметил ако од некого среде нива побара од некого запалка. Ако се направи една дигресија на изјавите на овој заштитен сведок односно кога ќе се прочитаат записниците од петте негови искази лесно ќе се утврди дека загрозениот сведок изјавува дека обвинетиот Сами Љута го гледа како пуши цигара што значи дека имал запалка а во прилог на ова мое тврдење дека сведокот како што самиот кажа веќе и не се сеќаваше дали го видел двапати или само еднаш. Кон овие моменти што ги истакнав а по однос на веродостојноста на исказот на загрозениот сведок постојат уште многу други кои сигурен сум, судот ќе ги утврди при анализа и оцена на доказите, како на Пр.сосем погрешните описи по однос на географката ориентација што ја дава овој загрозен сведок, поставеноста на самото лице место на обвинетите, местоположбата на ПМВ “Голф 3” на лице местото и многу, многу други контрадикторности, нелогичности и слободно ќе кажам: чисти лаги. Ова беше делот што се однесува на загрозениот сведок па сега со моите завршни зборови ќе продолжам со една моја оцена и анализа на наводните докази по овој кривично правен настан односно предмет. Поради недостапноста на прво и второ обвинетите односно Алил Демири и Африм Исмаиловиќ – а кои се на издржување на затворски казни во Р.Косово не беше можен нивен распит но јас како нивен бранител и покрај тоа ќе ги истакнам следните моменти: – Првообвинетиот Алил Демири се обвинува дека сторил кривично дело – Тероризам по член 394-б став 1 в.в со член 22 од Кривичниот законик, како впрочем што се обвинуваат четворицата мои штитеници – односно како соизвршители. Наводите на Основното Јавно Обвинителство дека наводно овие двајца обвинети биле лицата кои пукале во момчињата и рибарот и тоа така што првообвинетиот Алил тоа го сторил со употреба на огнено оружје – пиштол со муниција со калибар од 9 мм Пара познат како долга деветка, а пак обвинетиот Агим Исмаиловиќ употребил автоматска пушка со муниција и со калибар 7,62 мм па на тој начин ги лишиле од живот петте лица од македонска национална припадност а пак со намера за загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните на Република Македонија не се со ништо поткрепени: со никаков материјален ниту пак вербален доказ. Како знае Јавното обвинителство кои какво оружје поседувал и употребил при состојба кога ниту е оружјето пронајдено, ниту е истото вештачено, ниту е земена парафинска ракавица па е повеќе од очигледно дека станува збор за една гола претпоставка или пак е можеби поадекватен зборот “видовитост”. Ова го велам од причина што, за жал, нема директни очевидци на оваа грозоморна егзекуција ниту пак материјален доказ на местото на злосторот, како на пр.ДНК и сл. кај отпушоците од цигари пронајдени на лице место како и други земени предмети затекнати на лице место. Пронајдениот ДНК профил добиен од трагите од биолошко потекло “под, епителни клетки” подигнати од површината на наслонот за глава на десната страна на задното седиште при што било Утврдено совпаѓање на алелите во испитуваните локуси со ДНК профил земени од лицето Демири Алил. Во истото ова вештачење извршено од страна на Одделот за криминалистичка техника при МВР на РМ од 30.04.2012 година  се истакнува дека ДНК профилите од ракофатот од внатрешната страна на предната лева врата, рачката за отварање од внатрешната страна на задната лева врата и ракофатот од внатрешната страна на предната десна врата НЕ е утврдено совпаѓање со досега внесени ДНК профили. Најпрвин сакам да истакнам дека не само јас туку и останатите бранители “ан блооц” од самиот почеток се противевме да било кое вештачење биде извршено од Министерството за Внатрешни работи поточно од Одделот за криминалистичка техника од причина што вештачењата што ги извршува подносителот на кривичната пријава не можат да бидат објективни, посебно не во ваков сензитивен, сериозен и специфичен настан односно предмет па мислам дека сме биле апсолутно во право првенствено од причина што е крајно нејасно вештачењето на ДНК профилот од обвинетиот Демири Алил од причина што билошките траги издвоени од тврдите површини од внатрешноста на ПМВ “Опел омега” не потекнуваат од првообвинетиот туку потекнуваат биолошките траги издвоени од наслонот на задното седиште што е всушност единствениот дел од внатрешноста на возилото кои се монтира односно демонтира а пак немавме можност како одбрана да провериме дали наслонот на седиштето имал или пак немал навлака, од следните причини:  –        Првата причина е што вештото лице при неговиот непосреден распит пред овој судски совет не можеше да ми даде одговор на прашањето дали наслонот имал навлака или не и –        Втората причина, од уште покруцијална важност за правилно и целосно утврдување на фактичката положба е неможноста бранителите на обвинетите и самите обвинети да извршат увид на ПМВ “Опел омега” иако тоа од мене е најмалку десетина пати побарано а што е уште позагонетно овој наш предлог еднаш дури беше прифатен но не знам од која причина дојде до премислување. Дубиозата односно моите сомневања се уште поосновани ако се земе предвид бројот на оѕемените ПМВ по овој кривичен предмет помеѓу кои се и сите возила на самите обвинети. ПМВ “Опел омега” е материјален доказ на кој се повикува Основното Јавно Обвинителство во него е содржан наводно и друг доказ а тоа е земјата пронајдена на блатобраните на возилото како и во самата внатрешност на возилото што претставува причина повеќе дека истото моравме да го видиме “во живо” а не само на фотоалбум каде што патем кажано јас не приметив ни наслони па дури ни фотографија на задното седиште, а јас лично мислам дека тоа возило постои само на фотографија. Што се однесува пак до вештачењето извршено повторно од подносителот на кривичната пријава а на ПМВ “Фолсваген пасат” односно трагите од папиларни линии означени со бр.3 лл 20 кои потекнуваат од палецот на десната рака на прво обвинетиот а кои биле на хартија – документ сметка на име Исмаиловиќ Африм а која била лоцирана во касетата пред совозачкото седиште јас не гледам потреба истото да го коментирам бидејќи е неспорно дека овие двајца обвинети се знаат па е многу нормално да некој го вози пријателот во својата кола, при што е многу природно дека тој одредени предмети во возилото и ќе допира. Сметам дека е неопходно да се напомене дека дистанцата од “Смиљковски езера” односно конкретно од самото место на извршување на кривично правен настан па до место до каде е пронајдено ПМВ “Опел омега” а тоа е местото викано “Вражин Вир” изнесува повеќе од 15 км а ова нешто го потенцирам бидејќи Јавното Обвинителство смета дека ова “фантомско возило” е употребено за да се изврши злосторот. Вештачењето на земјата што го изврши се разбира повторно подносителот на кривична пријава а по однос на пронајдената земја на блатобраните како и на внатрешноста на возилото воопшто не докажува дека предметното возило гравитирало на локацијата “Смиљковско езеро” ниту пак вештото лице успева да убеди дека земјата најдена на блатобраните потекнува од местото на злосторот бидејќи таквото тврдење едноставно се коси со законите на логиката бидејќи е неможно – кажано хипотетички да на блатобраните биде пронајдена земја од стартната позиција ако притоа возилото измине дистанца од 20 км. Сакам да кажам дека при ова волку долго движење на предметното возило не постои теоретска можност на било кој начин да биде издвоена токму земјата од местото на злосторот ако притоа се земе поготово во предвид не само текстурата на земјата туку и гранулацијата како и елементарниот состав а првенствено на фактот дека тој дел од мар – шутата опфаќа значаен дел на земјен пат па одтаму според мене и конфузијата кај вештото лице Снежана Николовска која ни презентираше првобитен наод и мислење без да воопшто притоа земе примерок од земја од месноста “Вражји вир” па од кога тоа го стори по предлог на одбраната се воспостави дека вештото лице воопшто и не знае каде било ПМВ “Опел омега” а истакна дека зела примероци од повеќе локации но дека истите се разликувале по составот на минералите со земјата од “Смиљковски езера” а оваквиот вид на вештачења вам ви е сигурно повеќе познато претставуваат најсложен вид на експертизи кои по современите лаборатории во светот наидуваат на проблеми при извршувањето на истите иако ги прават со посовремени методи од таа што ја прави криминалистичката техника при МВР која вештачењата на земја ги реализира согласно на каталогот на Мунселл што ќе каже по метода на компарација односно споредба на нијансите на обоеност. Впрочем како и за сите други експертизи и за оваа одбраната предложи да ги извршат поопремените лаборатории за експертизи покрај и претходно спомената причина по однос на објективноста на истите. Ова беа поважните моменти и тоа на кратко бидејќи по овој кривичен предмет имаше обемен квантитет на рочишта а кои според мене укажуваат на тоа дека прво и второ обвинетите на кои им се суди во отсаство не се извршители на кривично правниот настан и дека се обвинуваат паушално и се се сведува на претпоставки дури би рекол инсинуации. Истото се однесува и на трето обвинетиот Агим Исмаиловиќ кои исто така се обвинува за кривичното дело Тероризам а во врска со членот 22 од Кривичниот законик односно соизвршителство за која квалификација ќе се осврнам подоцна во моите завршни зборови, а пак за трето обвинетиот Агим ќе го истакнам следново: Во сите пет искази пред овој суд загрозениот сведок е категоричен дека трето обвинетиот Агим Исмаиловиќ го гледа на местото на петкратното убиство и тоа секогаш, како впрочем и сите други обвинети и тоа секогаш во исто време во 06 часот наутро и во 18 часот попладне и тоа секој ден започнувајќи од 9,10,11 и на самиот критичен ден на 12.04.2012 година па ако се земе предвид изјавата на “поранешниот заштитен сведок” – сообвинетиот Хаки Азири кои во својот исказ пред истражен судија, изјавува: “јас го земав Агим Исмаиловиќ од Сингелиќ на 12.04.2012 година и го однесов околу 18 часот и 30 минути во Топанско поле на автобуска станица крајна 9-ка за да го земе возилото, јас бев со моето возило марка “Мазда” и јас го однесов Агим Исмаиловиќ во Топанско поле. Неминовно, се поставуваат две прашања: Прво, како е тогаш можно загрозениот сведок – кодираниот Е-1 да го видел обвинетиот Агим Исмаиловиќ на местото на деликтот во 18 часот кога согласно изјавата “на поранешниот заштитен сведок истиот го зел од Сингелиќ па согласно законите на физиката едно лице не може истовремено да биде на две различити места и Второ, кои од нив двајцата не ја зборува вистината?, според моето размислување и двајцата не ја зборуваат вистината, причината за тоа кај загрозениот сведок Е-1 е најверојатно некој негов личен интерес а пак кај обвинетиот Хаки Азири причина за таквата изјава е таа што тој самиот ја истакна на главен претрес: тортурата која е извршена врз него. Обвинетиот Агим Исмаиловиќ никогаш во својот живот немал брада како таа што ја опишува заштитениот сведок – голема 4,5 прста и тој факт го докажавме не само со вербални докази односно пред овој судки совет беше предложен и му се изврши распит дури и на берберот – лицето Муамет Арифи чии исказ беше прецизен, концизен и јасен а во смисол дека трето обвинетиот повеќето години наназад од кога тој му врши берберски услуги никогаш немал голема брада односно истата му била најповеќе 0,5 см а пак многуте фотографии што и самото Јавно обвинителство ги приложи како доказ пред се фотографиите во неговиот оѕемен мобилен телефон го потврдуваат тоа а уште помалку пак истиот некогаш во животот имал кафеава брада ниту пак “брада на јарец” туку таква брада има токму лицето што го посочил кодираниот сведок Е-1 и тоа при првиот контакт со истражниот судија при што е и сочинет записник за идентификација. Околноста што обвинетиот поседува верска литература која му е во целост оѕемена за никој со здрав разум не значи дека е тој радикален исламист, а јас пак во мојата триесет годишна адвокатска пракса не сум видел кривичен предмет во кој е оѕемена библијата – светото писмо и навистина ми е тешко да ги сватам побудите на таквото оѕемање како што е во случајот со овој обвинет на кој му е покрај верската литература оѕемен и куранот а за кое нешто како што и самиот изјавува при неговиот распит се нашол навреден и јас лично мислам апсолутно со право. Агим Исмаиловиќ е семеен човек, ниту против него се води друга кривична постапка ниту пак е порано осудуван, се до 2009 година престојувал во СР Германија, неговата сопруга поседува германско државјанство а пак тој е лице без државјанство – апатрит. Тоа нешто се должи на фактот што неговите родители не потекнуваат од Република Македонија. Колку ми е мене познато не е кривично дело ако е некој верник како што е во случајов со овој обвинет и ако се отпоздравува со зборовите “Селам Алејкум”. Ниеден материјален, ниеден вербален доказ не ни е презентиран од страна на Јавното Обвинителство дека трето обвинетиот Агим Исмаиловиќ е со било што инволвиран во грозоморното петкратно убиство на “Смиљковското езеро”, никаков доказ дека истиот со било кого од сообвинетите се договорил односно дека е соизвршител не постои, па најверојатно од таму потекнала и потребата за улогата на заштитениот сведок Е-1. Најдобра поткрепа на оваквите наводи се токму и исказите на четворицата присатни свидетели на местото на настанот кои ги виделе сторителите на грозоморниот чин а кои категорично, недвосмислено и едногласно изјавија дека Агим Исмаиловиќ не е лице кое го виделе на местото на настанот како што впрочем изјавија и за сите други сообвинети до еден дека тоа не се лицата кои ги виделе на времето на деликтот. Овие свидетели беа предлог на Јавното обвинителство, припадници се на ромскиот етникум, чесни луѓе кои при исказите изјавија категорично дека тоа не се лицата што тие ги виделе и тоа од кога секој од обвинетите еден по еден по наложение на судскиот совет застанаа визави свидетелите, па дури дадоа и коментари во смисол: “да не ги земеме луѓето на врат”. Сакам да напоменам дека некој од овие свидетели убијците ги опишаа како лица со исти тегет или црни униформии, со панцири, со автомати, некои од нив изјавија дека беа тројца – четворица, немаскирани и дека визуелниот контакт бил на растојание од едвам десетина метри. Воопшто не се согласувам со идејата односно наводот на Јавното обвинителство дека животите на овие лица биле поштедени единствено поради околноста што не биле православни, таквиот навод е претпоставка која со ништо не е аргументирана. Правосудната пракса покажува дека е многу тешко да се разоткрие мотивот ако притоа не се фатат вистинските сторители и тоа се случува токму во овој кривичен предмет и според мене прашањето за мотивот е сеуште отворено. Вие сите сигурно се сеќавате на изјавата на уважениот Г-дин Драгиша Милетиќ кој непосредно пред самиот овој масакр изјави дека на пролет во Македонија ќе се случи егзекуција за што колку ми е мене познато дури беше и повикан од страна на нашите безбедносни структури а во смисол да го објасни ова “пророштво” а пак можеби и не било тоа туку нешто поконкретно – можеби мотив, меѓутоа само можеме да нагаѓаме токму исто како што тоа го чини и Јавното обвинителство.   Четврто обвинетиот Фејзи Азири е уважен стопанственик, повеќе пати наградуван и одликуван не само од нашите институции туку дури и од Американската Амбасада а за својот придонес во развојот на земјоделството и сточарството кој речиси сите деловни односи ги реализира со македонци и во текот на доказната постапка со сигурност се утврди дека токму кај припадниците на македонската нација ужива голем углед. Каков е овој соизвршител при кривичното дело Тероризам кога тој никого од сообвинетите и не познава со исклучок на обвинетите Алил и Хаки а причина за тоа е што истите му се внуци. Во истражната постапка односно на записник пред истражниот судија ИИИ КИОК.бр.26/12 од 02.05.2012 година четвртообвинетиот Фејзи Азири воопшто и не е распрашуван за кривично правниот настан од причина што воопшто и не е осомничен за истиот видно од прашањата поставени од страна на Јавниот обвинител кои прашања се однесуваат за тоа дали обвинетиот има роднини на Косово односно дали му е познато каде се наоѓа неговиот внук Алил Демири како и другиот негов внук ]езмедин Демири како и за лицата на кој во постапката им беше определен краткотраен притвор па е евидентно дека сомнението на Јавното обвинителство во стартот било дека овој обвинет помогнал да лицата на кои им се суди во отсаство пребегнат во Република Косово. Тој записник содржи едвам петнаесет реда, а Јавниот обвинител поставил само четири прашања и тоа на таа тема што ја споменав.       На 12.04.2012 година обвинетиот Фејзи јас би рекол за негова среќа имал неколку поводи поради кој неговата меморија за критичниот ден беше беспрекорна, а имено го опиша денот од неговото станување – кога Оxата пее па се до неговото заспивање. Во овие завршни зборови нема да навлезам во деталите како впрочем и тоа не го сторив и за другите обвинети бидејќи за тоа во доказната постапка која навистина траеше долго многу прецизно овој судки совет ги испита, анализира, па не сакам да ме сватите погрешно но главниот претрес наликуваше на водење истрага, ова не е никаква критика туку напротив – се работи за сериозен, сензитивен и крајно комплексен предмет односно обвинение и навлегувањето во детали како што е сторено јас апсолутно го оправдувам. Во текот на доказната постапка утврдивме дека обвинетиот Фејзи Азири многу ретко облака одела првенствено што неговата професија е главно сточарството како и земјоделието и тоа не го дозволува поготово што обнвинетиот како крајно трудољубив човек самиот тој учествува во работата на фармата во Белимбегово подеднакво како и самите овчари па слободно може да се каже и повеќе од нив. Критичниот ден обвинетиот фејзи дури имал и два повода за да биде во одело, првиот е што имал обврска да се јави пред Основен суд Скопје 1 Скопје, а втората е што бил поканет на промотивен повод во Општината Илинден, а покрај тоа имал и две неизбежни обврски едната е да врати износ кој го долгувал, а другата да прими износ кој му долгувале па овие прилики во целост се потврдија и утврдија во текот на доказната постапка по пат на многубројните свидетели, лицата кои биле критичниот ден заедно со него, неговиот листонг на појдовни и дојдовни повици кои со прецизност ги поткрепуваат неговите наводи односно состојбата кога и каде се наоѓал – т.н. институт алиби. Овој  “de jure” обвинет “соизвршител” на кривичното дело Тероризам од самиот опис на неговите наводни дејствија од страна на Јавното обвинителство во прецизираниот обвинителен акт е ” de facto” – а согласно на теоријата на Јавното обвинителство – лицето кое тобоже пружа логистика па така другите соизвршители на делото одат по масакрот кај неговата фарма во Белимбегово па дека го организира бегството за другите сообвинети – соизвршители во Косово и разно разни голи претпоставки од страна на Јавниот обвинител. Многуте свидетели кои дадоа искази а првенствено по однос на движењето на обвинетиот Фејзи Азири на критичниот ден во потполност ја потврдуваат одбраната на четврто обвинетиот. Како свидетели на главен претрес се појавија: Фекри Азири, Бедри Ајдари, Неxмедин Азири, Исуф Азири, Алије Азири, Горан Алексовски, Xеват Азири, Таип Азири, Јонче Ивановски, Драги Ивановски, Рамадан Мурати, Феми Стафа и Зоран Димитровски. Благодарејќи на исказите на овие свидетели, практично беше “покриен” секој секунд а по однос на тоа каде и со кого бил овој обвинет и тоа не само за критичниот ден туку и за деновите кои кодираниот загрозен сведок Е-1 наводно го видел четврто обвинетиот односно од 09.04. па се до 12.04.2014 година.      Самата професија на овој обвинет довела до тоа да истиот гравитира кон с.Брест, Малино и Кодрафура и тоа токму во месец Април поради една едноставна причина а тоа е движењето на јагњината и тоа нешто обвинетиот Фејзи Азири го чинел секоја Пролет во континуитет па тоа намеравал да го стори и на Пролет 2012 година. Вештачењето на чаурата пронајдена при кривичниот настан во фармата на обвинетиот Фејзи Азири во Белимбегово а која чаура наводно испукана е од автоматска пушка која е употребена и при петкратното убиство на “Смиљковското езеро” според мое длабоко убедување не претставува никаков доказ бидејќи дури и да е тоа така, велам дури бидејќи и овој пат вештачењето е извршено од страна на подносителот на кривичната пријава а покрај тоа пронајдена е една единствена чаура од околу двестотини пронајдени на лице местото и кој знае колку не пронајдени чаури што веднаш фрла сомнение. Ова го велам од причина што и при кривичниот настан – кривичното дело Предизвикување на општа опасност – во Белимбегово не е идентификувано лицето а за жал не се идентификувани ниту лицата – убијците на петте невини жртви на “Смиљковското езеро”.  Не ја исклучувам можноста дека истата автоматска пушка е употребена и на фармата Белимбегово и на “Смиљковското езеро” меѓутоа тој податок воопшто не го лоцира лицето што истата ја употребува. што се однесува пак до петтообвинетиот Сами Љута кој е притворен на 27.08.2013 година и тоа со Решение III КИОК.бр.64/13 од страна на истражниот судија интересно а да се напомене дека против него е определен краткотраен притвор и тоа во траење од 48 часа, а пак истиот ден е донесено уште едно Решение од страна на истиот истражен судија овој пат под III КИОК.бр.65/13 и тука е определена мерката притвор во траење од 30 дена а пак што е уште поинтересно и во двете решенија на истражниот судија определената мерка притвор е изречена сметано од 25.08.2013 година од 20,45 часот. Зарем ова не е доволен доказ за крајната несигурност а можеби е поадекватен зборот несериозност оставам на вас да цените. На денот на притварањето на другите обвинети односно на 01.05.2012 година специјалните единици на полицијата влегле и во куќата на петто обвинетиот но воопшто и не го барале туку барале лице со генералии Селим Демири а видно од транскриптите на телефонските разговори телефонскиот број иако е во сопственост на обвинетиот Сами Љута и тоа бројот 070/736-026 на транскриптите се води како број на лицето Селим Демири. Можам да приметам дека и ова е една од многуте конфузии во овој кривичен предмет, а пак зачудува и фактот што против обвинетиот пред неговото притварање не била распишана потерница па дури и истиот во месец Декември 2012 година дури си вади своја патна исправа планирајќи да си замине во Италија кај неговата сопруга која е со Италијанско државјанство. Петообвинетиот воопшто и не знае каде се наоѓа “Смиљковското езеро” а камоли да бил некогаш таму. Обвинетиот при неговиот распит објасни за тоа каде се бил на критичниот ден односно на 12.04.2012 година а таа изјава покасно и ја поткрепивме и со свидетели но поткрепена е и со листинзите со појдовни и дојдовни повици па така на тој ден петтообвинетиот бил кај деверот на неговата сестра Деса кој девер живее кај што е мажена неговата сестра во Бутел 2 на ул.”Алекса Думиќ” каде што петообвинетиот работел на фасада бидејќи истиот по професија е фасадер –  кнауф мајстор, па дента работел од 9 до 17 часот па откако завршил со работните обврски обвинетиот отишол кај Интернет кафето на неговиот зет каде што работел како дополнителна работа. Значи, обвинетиот кај неговиот зет работел во втора смена и останал до доцните часови односно се до 03 часот. Оваквите негови наводи се поткрепуваат и од листинзите за неговите телефонски разговори, па видно од нив обвинетиот тој ден комуницира телефонски со својата сестра Беса и со својот зед Мамер и тоа во 15:51:51, 16:48:44, 17:48:15, 18:51:42, 19:14:07, 19:29:34 и 19:54:26 што ќе каже токму во времето на извршувањето на кривичното дело. Исказот што го дава петообвинетиот во неговиот распит на 02.12.2013 година во целост кореспондира со листингот од неговите телефонски разговори – појдовни и дојдовни повици односно базните станици поточно ќелиите на истите. Во месец Април 2012 година петотобвинетиот на прашање на судот колку му била долга косата истакна дека истата му била 2 до 3 см и дека долга коса имал до 2011 година пред неговата веридба. На главниот претрес при неговиот распит петообвинетиот објасни дека и кога имал долга коса истата никогаш не достигнувала до рамена, како и дека никогаш во животот на образите немал црвена флека или било какво црвенило. Јас претходно објаснив за изјавите на кодираниот загрозен сведок Е-1 односно овој обвинет, а пак од распитот на свидетелите – сестрата на обвинетиот Беса Љута како и свидетелите Сенад Буши и Валдете Демири а пак сето тоа во корелација со од страна на одбраната на приложените ЦД-а можеше со сигурност да се утврди следнава фактичка положба: На 19.02.2012 година петообвинетиот бил на свадбата која се одржувала во Гази Баба и тоа во ресторанот “ЕРБИ” а тоа е свадбата на свидетелите Сенад Буши и Валдете Демири која токму тогаш и се одржа и тоа сите ние го видовме на ЦД односно видео запис па дури самите видовме дека на истата присаствуваа голем број на гости помеѓу кои и верски лица – оxи дури јас лично на таа свадба ги приметив и некој од моите пријатели како на пр.го видов лицето Назим Буши како и Беким Незири инаку многу видни личности би рекол личности од нашиот политички живот и тоа на иста маса со петообвинетиот и дека таа свадба токму тогаш и таму се оджувала околу тоа навистина нема никаво сомнение. Забелешката на Јавниот обвинител во нејзините завршни зборови на кој подоцна ќе се осврнам а во смисол на кој младожењата изјавил дека свадбата се одржала во 2011 година е според мене во најмала рака несериозна бидејќи тоа беше очигледен лапсус. Не само од исказот на неговата сопруга Валдете Демири, неговата сестра Беса туку и од самите снимци односно датумот на видео приказот ЦД-то е очигледен тајмингот на одржување на свадбата. А пак наводот на вештото лице дека датумите можат  да се вметнуваат е само теорија бидејќи таквото евентуално вметнување секоја лабораторија – вештачење а посебно таа на Крим техника при МВР ќе го приметило. Јас на главен претрес предложив и трето ЦД видео запис – од трета камера кој не беше прифатен но убеден сум дека причина за тоа е дека нема никакво сомнение дека свадбата се одржала токму таму и токму тогаш. При распитот самите младоженци многу прецизно ја опишаа церемонијата, а покрај тоа и точниот опис за петообвинетиот по однос на тоа каква му беше должината на косата па ја опишаа исто така како што и сите ние на видео записот  ЦД -то ја видовме: петообвинетиот беше со кратка коса. Околноста што бракот помеѓу сенад Буши и Валдете Демири е формално склучен подоцна е многу вообичаена состојба а ние Изводот од МК на венчани го приложивме во функција односно доказна вредност на околноста дека тие двајца се брачни другари. Во доказната постапка на главниот претрес исто така се докажа дека петообвинетиот пуши цигари од марката Родео а не Лаки Страјк како што тоа го изјави загрозениот сведок а пак сакам да истакнам дека и свидетелите – присатните на местото на злосторот и за петообвинетиот како впрочем и за обвинетите: Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Сејди Рами и Хаки Азири – при нивно соочување со петообвинетиот беа категорични и сигурни во тоа дека ниту ова лице не го виделе на инкриминираното место и на инкриминираниот датум.  Петообвинетиот Сами Љута не само што е неосудуван и против него не се води друга кривична постапка туку е и врвен спортист и тоа по карате спортот наградуван за неговите резултати на Европско првенство и репрезентативец на Република Македонија во тој спорт. Дека сите обвинети при нивниот распит на главен претрес ја збореа вистината по однос на временскиот интервал за кој беа прашувани од страна на судкиот совет а по однос на тоа каде биле во одредени временски интервали имаме целосно совпаѓање од листинзите на телефонските разговори, појдовните – дојдовните повици, смс пораките. Многуте транскрипти кои беа слушнати, прочитани и преведени на главен претрес исто така укажуваат дека ова не се сторителите на овој грозоморен злочин, не само што не произлезе еден единствен збор кој би бил бар сомнителен туку од истите видовме дека се работи за чесни и беспрекорни луѓе. Не слушнавме ништо, а имаше многу за слушање, ниеден збор што овие обвинети би ги поврзал со кривично правниот настан, ништо што истите ги инкриминира. Ова тврдење се констатира и со известувањата од Т – Мобиле, Секторот за корпоративна безбедност па и од тие известувања произлегува дека телефонските разговори се опфатени во базните станици – ќелите на истите и во потполност кореспондира со исказите на самите обвинети како и на многуте сведоци по овој кривичен предмет. Многубројната верска литература која е оѕемена од обвинетите како и други фотографии како на пр.во униформа на ОНА немаат никаква допирна точка со прецизираниот обвинителен акт, оѕемени се стотина мобилни апарати – попрецизно кажано во секој од домовите каде што е извршен претрес оѕемена е комплетната електронска опрема од компјутери, лаптопи и тоа не само од обвинетите и нивните членови од семејствата туку оѕемена е сета електронска опрема од интернет кафињата, од локацијата ^енто-Арачиново за која Јавното обвинителство без никаков основ смета дека потекнуваат соизвршителите на петкратното убиство. Согласно на одредбата од член 334 т.1 од ЗКП ќе го искористам правото да се осврнам на наводите – завршните зборови на Основниот Јавен обвинител па на почетокот сакам да истакнам дека Јавниот обвинител не може да стави определен предлог за височината на казната, но во завршните зборови од 30.05.2014 година Јавниот обвинител токму тоа го стори кога истакна дека бара судот обвинетите да ги огласи виновни за стореното и казни со најстрогата казна за да биде задоволена правдата. Ова е во спротивност со одредбата на членот 332 од ЗКП а воедно сакам да посочам дека ова барање од страна на Јавниот обвинител е “деја ву” веќе видено и тоа од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија кога прв пат е побарана најстрогата казна иако постапката по овој предмет не беше ни започната. Јавниот обвинител во завршните зборови изврши прецизирање на диспозитивот на обвинителниот акт КО.бр.36/2012 од 26.10.2012 година и тоа под т.1 од истиот и диспозитивот на обвинителниот акт КО.бр.36/2012 од 08.11.2013 година бидејќи по двата обвинителни акти се води единствена постапка. Така, со прецизираниот диспозитив на обвинителниот акт: откако обвинетите Фејзи Азири, Алил Демири, Сами Љута, Рами Сејди, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ со намера за загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните на Република Македонија на точно неутврден ден пред 01.04.2012 година СЕ ДОГОВОРИЛЕ да извршат повеќе дела на убиства на лица од македонска национална припадност во атарот на с.Смиљковци – Скопско во м.в.”Смилковски езера” на кое фактичко владение – концесија имал обвинетиот Фејзи Азири, обвинетиот Рами Сејди во функција на логистичка подршка за брзо и ефективно извршување на убиствата и давање во бегство од местото на настанот, во периодот од 02.04.2012 год., до 12.04.2012 год., го разгледувал теренот околу м.в.”Смиљковски езера” како и патиштата кои водат од ова место кон фармата на обвинетиот Фејзи Азири која се наоѓа во с.Билимбегово – Скопско во близина на Хотел Белви, а обвинетите Сами Љута, Фејзи Азири и Агим Исмаиловиќ заедно со друго лице со точно неутврден идентитет на 09.10.11 и 12.04.2012 година го разгледувале теренот околу железарското езеро кое е во непосредна близина на надвозникот од Обиколницата кои води на тоа езеро и регистрирале колку лица од која националност и на која возраст доаѓаат на тоа место и кога го напуштаат истото, а сето тоа со цел организирање на брзо и ефективно извршување на убиствата и давање во бегство од местото на настанот, по кое обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ на големиот христијански празник Велики Четврток на 12.04.2012 година, во време од 19,40 до 19,50 часот, постапувајќи по договореното, со намера за загрозување на животот и телото и создавање на чувство на несигурност и страв кај граѓаните на Република Македонија на свиреп и подмолен начин со умисла лишиле од живот пет лица од македонска национална припадност. Наводно, со овие дејствија обвинетите сториле кривично дело – Тероризам од чл.394-б ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик. Обвинетиот Хаки Азири пак се обвинува дека сторил кривично дело Тероризам од член 394 ст.1 в.в. со член 24. Значи Јавниот обвинител шесторица од обвинетите ги обвинува дека делото Тероризам го сториле в.в. со чл.22 што подразбира  соизвршителство а пак обвинетиот Хаки Азири го обвинува дека делото Тероризам го сторил в.в. со чл.24 што подразбира помагање. Но претпоставки односно услови за соизвршителството се: Прво, ДА ПОСТОИ ДОГОВОР ЗА ЗАЕДНИЧКА АКЦИЈА Втор, ДА ПОСТОИ ПОДЕЛБА НА УЛОГИТЕ и Трето, ДА ПОСТОИ ПРЕВЗЕМАЊЕ НА ОПРЕДЕЛЕНО КОНКРЕТНО ДЕЈСТВИЕ ВРЗ ОСНОВА НА ЗАЕДНИЧКИОТ ДОГОВОР ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ДЕЛОТО.  Тоа се основните услови за соизршителството, и тоа во секој правен систем во светот, а пак за да постои соизвршителството – член 22 од КЗ – дејствието МОРА да е превземено во Време на извршување на делото, и тоа дејствие мора да претставува особен придонес кон извршувањето на делото. Сакам да напоменам дека ако дејствието е превземено Пред или По довршувањето на делото тогаш е во прашање помагање односно членот 24 од КЗ. Наводниот договор Јавниот обвинител само го споменува како збор меѓутоа очигледно е дека недостига кое е образложението, кој е тој договор за заедничка акција: Кога, Каде е сочинет, Кој го сочинил, како прв предуслов, односно каква е поделбата на улогите, кои каква задача имал, а воедно недостига и неопходниот предуслов а тоа е недостатокот на превземање на определено односно на конкретно дејствие а врз основа на таквиот претходен и заеднички договор а за реализација на деликтот. Описот што го дава Јавниот обвинител во диспозитивот што го цитирав воопшто не кореспондира со овие услови кои се неопходни за да постои соизвршителство ниту пак Јавниот обвинител докажува дека дејствијата на соизвршителите се превземени во време на извршувањето на деликтот ниту пак образложи особен придонес на некои од наводните соизвршители. Самиот Јавен обвинител дава опис на дејствија кои се наводно превземени од страна на обвинетите многу пред односно многу по довршувањето на делото. Наводите на Основниот Јавен Обвинител се претпоставки, наводи кои со ништо не се поткрепени, наводи за кои не може да се разбере од каде Јавниот Обвинител извлекува заклучоци, како на пр.Јавниот Обвинител знае кои од обвинетиот какво оружје употребил – при ситуација кога немаме директен очевидец на деликтот, како на пр.знае дека токму првообвинетиот Алил Демири пукал со пиштол а не некој друг, зарем е доволно некој да биде суден во друг предмет а за поседување на таков калибар на пиштол за да биде обвинет?, ќе потсетам уште еднаш дека четворицата свидетели предложени од Јавниот обвинител највеќе одат во прилог на одбраната: тие се присатни за целло време на местото на злосторот но не го гледаат самиот злостор – гледаат наоружани лица – физиономии кои не се маскирани а категорични се во своите искази: “Овие не беа лицата кој ги видовме на езерото”, па се прашувам како може Јавниот Обвинител да овие сведоци ги користи како главен доказ против обвинетите. Навистина “нон сенс” и нешто екстремно апсурдно. Обвинението изобилува со паушални наводи, така на пр.ПМВ “Опел омега” кое е пронајдено 20 км од местото на настанот, а кое нема никаква врска со самиот настан, никој па дури ни загрозениот сведок Е-1 не го видел на местото на настанот, крајно сомнителната локација на пронајдениот ДНК профил на првообвинетиот, хипотетичко прашање: Дури и да бил Алил Демири во возилото зошто тоа докажува дека тој пукал во невините жртви? Уште еднаш ќе потсетам зборуваме за растојание кое јас лично го измерив со моето возило: тоа се точно 19,6 км или попластично кажано од овој суд па се до Катланово. Зарем би имало тоа возило на своите калници земја од позицијата од каде што тргнало. Ова не се сите апсурди и нелогичности со такви изобилува обвинението. Слободно ќе истакнам дека таквите наводи се во доменот на видовитоста. Дури и околноста што обвинетите го негираат злосторот а не изразиле сочуство Јавниот обвинител ни го презентира како доказ, што е навистина крајно апсурдно и слободно ќе речам крајно несериозно. Се работи за крајно сериозен кривично правен настан покрај тоа и крајно чуствителен, обвинение за кривично дело Тероризам зарем не изразувањето сочуство ќе ни ги лоцира извршителите на деликтот? Во случајов се утрдија времето, начинот  местото на сторувањето на петкратното убиство но не за жал и извршителите како ни мотивот. Наводите на Јавниот Обвинител дека е мотив уништување на христијанската вера односно уништување на македонската нација нема никаква поткрепа ниту пак овие обвинети претставуваат радикална исламистичка група како што обвинителството сака да ни ги претстави, се сеќавате сигурно на шпекулациите дека овие обвинети биле по Авганистан, Пакистан и дека се дури поврзани со Ал Ка Еда – Среќа што ниту еден од обвинетите не отпатувал во ниту една Арабска земја инаку сигурен сум дека и тоа ќе ни беше презентирано како доказ. Што се однесува до фејсбук профилите на некој од обвинетите, односно статиите споменати во обвинението а во типот “Слободна палестина” или “Еден народ, една татковина, еден јазик, едно знаме”, фотографии на Адем Јашари или пак други косовски патриоти или пак написот Не ме викај ФИРОМ кажи ИЛИРИДА како и цитати на песни со екстремни односно националистички призвук на кој патем кажано никој од обвинетите и не ја компонирал, а која всушност фрекфентно се експлоатира по социјалните мрежи и се продава во изобилие по пазарите, но јас како бранител на обвинетите не би дал посебен коментар, првенствено од причина што е тоа тема на коментар па и критики од страна на невладини организации како и други субјекти – актуелна деновиве. И на крајот ќе завршам со една стара латинска правна изрека од познатиот правник Публилиј Сиријски а која гласи:  Non facile de innocente crimen fingitur   или во превод: Не е лесно на невин човек да му се измисли вина! Поради тоа ПРЕДЛАГАМ да судот: За обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Сами Љута согласно на одредбата од Законот за кривична постапка донесе Пресуда со која обвинетите се ослободуваат од обвинението бидејќи не е докажано дека обвинетите го сториле делото за кое се обвинуваат.