/Прочитано:

2.277

Инфо за предметот

Надлежен суд: Основен суд Скопје 1

Бр. на предмет: К.бр 2164/14

СУДЕЊЕ

Почеток: 3 септември, 2014г.

Судија: Моника Бахчованска

Обвинител: Лиле Стефанова

Обвинети:

  • Златко Видески
  • Софка Кушовска - Сафитли
  • Перо Јосифовски
  • Часлав Кузмановиќ
  • Јован Кондијанов
  • Дарко Кржовски
  • Андреј Ежов

„Музеј на Македонија“

Предметот за кражбата на 162 артефакти од Музејот на Македонија се води против седум лица, од кои речиси сите се вработени во музејските установи. Битно да се напомене е дека обвинението за овој предмет во суштината говори за наводно несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија од страна на обвинетите, поради кое, како што се наведува, дошло до одземање/кражба на артефактите од непознати лица. Дел од обвинетите, пак, како  членови на  Комисијата за откуп на музејски материјал при НУ Музеј на Македонија, се товарат за  противзаконски откуп на монети. Со првостепената пресуда донесена на 20 март 2015 година, сите обвинети беа прогласени за виновни и казнети со затвор, што предизвика негативни реакции, освен од самите обвинети и нивните семејства, и од Македонското археолошко научно друштво. Сторителите на кражбата и предметите до денес не се најдени.

Исчезнувањето на артефактите беше обелоденето во ноември 2013 година. Според обвинението, програмскиот директор на Археолошкиот музеј при НУ Музеј на Македонија и кустос Златко Видески и второобвинетата, ракувачот на депото во Музејот, Софка Кушовска-Сафитли биле задолжени за клучевите од депоата  и другите простории во кои се чуваат музејските предмети, но постапувале несовесно  на начин што во ракувањето со депоата и клучевите од истите постапувале спротивно на член 17 од Правилникот за заштита на движното културно наследство и користење на музејскиот материјал, музејските предмети и музјската документација на НУ Музеј на Македонија.

Обвинителството тврди дека Видевски клучот го давал на надворешни соработници и други вработени со цел да ракуваат со музејските предмети и збирки. Во обвинението исто така се наведува дека, пак: „Кушовска-Сафитли отклучувањето и влегувањето на депоата го вршела без присуство на кустосот задолжен за музејските предмети и збирки, дозволувала во депоата да влегуваат лица кои биле заинтересирани за увид и ракување со музејските предмети и збирки за кои не биле овластени и изнесувањето на предметите да се врши без претходно одбрување на раковдителот на одделот, а во депојната книга не внесувала податоци за идентификација на предметите кои биле предмет на земање или ракување поради кое очигледно несовесно постапување од депоата на НУ Музеј на Македонија од непознати лица биле одземени вкупно 162 предмети“.

Сведоци на Обвинителството, пак, во судница тврдеа дека Видески совесно си јавршел работата и дека не им ги давал клучевите.

  • Софка Кушовска-Сафтили за несовесно работење во службата неправосилно е осудена на 3 години затвор.

Во однос на третообвинетиот Перо Јосифовскиексдиректорот на Музејот на Македонија и четвртообвинетиот, златарот Часлав Кузмановиќединственото лице од седуммината обвинети кое не е вработено музејска установа, во обвинителниот акт се наведува:

„Во текот на втората половина на 2011 година, обвинетиот Перо Јосифовски искористувајќи ја службената положба како директор на НУ Музеј на Македонија, со умисла поттикнат од Часлав Кузмановиќ, трајно отуѓил културно наследство од особено значење во државна сопственост, во што со однапред ветено прикривање на трагите и предметите прибавени со кривично дело со умисла му помогнал обвинетиот Златко Видески, на начин што Кузмановиќ, златар од Скопје, откако претходно во депото на Музејот ги видел златните предмети од Исар Марвинци, а кои биле дел од збирката на Видески, од обвинетиот Јосифовски побарал да му дел од истите, по што обвинетиот Перо на 20.06.2011 од депоата го зел златниот накит што го барал обвинетиот Часлав за што составил реверс со кој како директор на Музејот на Кузмановиќ со други предмети заради изработка на музејски копии без да го наведе инвентарниот број и прецизно да ги опише предметите му ги предал и златните предмети кои Кузмановиќ ги присвоил и не ги вратил со што обвинетиот Перо истите како културно наследство од особено значење во државна сопственост трајно ги отуѓил, па за да истото го прикрие на 21.02.2012 направил реверс во кој навел дека обвинетиот Златко Видевски заедно со други предмети му ги предава и златните предмети, а Видевски, иако знаел дека овие предмети не му биле вратени, го потпишал реверсот, а фактот дека предметите не се вратени го криел до 06.11.2013, кога истите ги пријавил како украдени од непознат сторител“.

Важно е да се истакне дека на Кузмановиќ за изработка на музејски копии му биле дадени 27 предмети , а според Обвинителството тој не вратил 4. Во текот на првостепената постапка остана нејасно од каде Обвинителството го црпи тврдењето дека токму тие четири предмети не биле вратени на 21.02.2012, со оглед дека изведените докази го покажуваат спротивното.

Еден од овие четири предмети дури беше посочен како дел од каталошки единиц кои се изработувале во 2014 година. Обвинетите во своја одбрана исто така тврдеа дека предметите биле вратени, како и дека се работи за медиумски експонирани предмети кои безброј пати биле дел од музејски изложби. За овие четири предмети, судскиот совет на чело со судијката Моника Бахчованска и Лидија Петровска, како втор судија, ги прогласи овие тројца обвинети за виновни и за делото оттуѓување на културно наследство.

  • Златко Видески за несовесно работење во службата и за оттуѓување на културно наследство од особено значење во државна сопственост неправосилно е осуден на 6 години и 8 месеци затвор. 
  • Перо Јосифовски за оттуѓување на културно наследство од особено значење во државна сопственост и за злоупотреба на службената положба неправосилно е осуден на 8 години и 8 месеци затвор. 
  • Часлав Кузмановиќ за  оттуѓување на културно наследство од особено значење во државна сопственост неправосилно е осуден на 7 години и 8 месеци затвор. 

Во обвинителниот акт се вели дека последнообвинетите Јован Кондијанов, Дарко Кржовски и Андреј Ежов, како членови на Комисијата за откуп на музејски материјал вршеле откуп на монети од златарот Кузмановиќ, по претходно изготвено мислење од обвинетиот Перо Јосифовски, иако, како што се посочува: „знаеле дека тој немал доказ за потеклото на истите со што прибавиле корист за него и му нанеле штета на Музејот на Македонија во висина од 1.345.750,00 денари“, иако Музејот на судењето не пријави штета.

Спротивно на наводите во обвинението, вештаците предложени од обвинителството тврдеа дека нема ништо спорно во откупот на монетите, дека се се работи за многу флуиден материјал кој често ја менува сопственоста, дека истите се од огромно културолошко и научно значење и дека моментно се истакнати на посебно место во Археолошкиот музеј на Македонија, итн.

  • Јован Кондијанов за злоупотреба на службената положба неправосилно е осуден на 3 години затвор.
  • Дарко Кржовски за злоупотреба на службената положба неправосилно е осуден на 1 година затвор.
  • Андреј Ежов за за злоупотреба на службената положба неправосилно е осуден на 1 година затвор.

Видески, Јосифовски и Кузмановиќ се наоѓаат во притвор од нивното апсење во февруари,  2014 година. Кушовска-Сафитли беше пуштена да се брани од слобода при изрекувањето на првостепената пресуда, додека Кондијанов, Кржовски и Ежов беа пуштени да се бранат од слобода по 9 месеци минати зад решетки.

Тек на судењето: