/Прочитано:

446

Повторно се одложи рочиштето за насилствата пред Општина Центар

Судијката Татјана Михајлова го одложи рочиштето поради неисполнети процесни претпоставки за негово одржување. Следното судско рочиште за овој случај е закажано за 3 мај.

Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје каде што требаше да се одржи судското рочиште за насилните протести пред Општина Центар, денеска не се појави ниту еден од обвинетите, поради што судијката Татјана Михајлова го одложи рочиштето. Имено, во судот не дојдоа поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште единаесет други обвинети.

Адвокатот на Груевски изјави дека однапред знаеле дека не се исполнети процесните претпоставки за одржување на рочиштето, пред сѐ, поради тоа што нема одлука од овој случај да се изземе обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, а што е препорака на Советот на јавните обвинители, поради прекршување на Етичкиот кодекс во судницата.

„При непостоење на процесни претпоставки, кога однапред се знае дека нема услови обвинети да доаѓаат само поради тоа што нема услови да се одржи рочиштето, би било злоупотреба на правата, процесното време и постапката, ако некого доведете во суд само за да се појави и да си отиде“, нагласи денеска Додевски.

Според специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, денешното одложување на рочиштето не е нова опструкција на нејзината работа, нагласувајќи притоа дека во моментов се најважни предметите што тие ги отворија непречено да се одржуваат во судот.

„Мислам дека најважно сега е предметите да тргнат во судот. Најважно е судот да почне да работи, најважно е ние да почнеме да расправаме за нашите предмети пред судот. Година и половина нашето обвинителство нема ставено ниту еден збор во записник на Кривичниот суд. Ниту еден збор, во ниту еден предмет на главна расправа. Тоа нам ни е најголемиот проблем во овој момент“, изјави Јанева.

Следното судско рочиште за овој случај е закажано за 3 мај.

Инаку, според обвинението, Никола Груевски во овој случај е нарачател на насилствата пред Општина Центар, а Миле Јанакиески прифатил преку партиски членови да го спроведе насилството врз градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и членовите на Општинскиот совет.

А. Б.