/ Прочитано:

3.038

Судиите бараат од министерот за правда да се реши проблемот со платите на судиите

Претседателот на Здружението на судиите на Република Македонија, д-р Џемали Саити, придружуван од потпретседателката - судија Емилија Шопар Јованова и членот на Управниот одбор - судија Шпенд Деваја, оствари средба со министерот за правда, Валдет Џафери.

На средбата, велат од Здружението на судии на Република Македонија, соговорниците разговараа за моменталните состојби во судството и тековните активности на ЗСРМ. Претседателот Саити го пренесе незадоволството на судиите за состојбата со платите и нивното неусогласување, а поттикнато од последните зголемувања на платите во Јавното обвинителство, имајќи ги предвид уставната и законската поставеност на судството.

„Во овој контекст, претседателот Саити ја изрази својата загриженост за платите на судиите и судската администрација и побара министерот Џафери, во согласност со своите надлежности, да преземе соодветни активности за надминување на ваквата состојба. По кратко запознавање на претставниците на Здружението со текот на овој процес, министерот Џафери изрази подготвеност да се заложи за поставување на ваквите барања на судиите во агендата на Владата, со цел изнаоѓање на соодветни решенија. Во продолжение, министерот беше информиран за текот на проектот Денови на правосудството, кој се одвива овој месец, а ќе се финализира на 31 март, со централната манифестација за одбележување на Денот на правосудството, за што министерот даде конкретна поддршка“, истакнуваат од Здружението на судии на РМ.

М.В