/ Прочитано:

1.898

Судиите да го применуваат начелото „Чесно да се живее, никому да не му се наштети и секому да му се даде она што му припаѓа“

Во рамките на одбележувањето на десетгодишнината од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Академијата и Здружението на судиите на Република Македонија, во соработка со ИПА-проектот 2010 – „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и унапредување на пробациската служба“, го презентираа Кодексот за судиска етика на судиите во Република Македонија.

???

Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и шеф на Делегацијата на Република Македонија во Комитетот ГРЕКО, говорејќи за препораките на ГРЕКО во 4 Круг на оцена во однос на Република Македонија, истакна дека ГРЕКО препорачал да се воспостави сет од јасни стандарди и кодекс на професионално однесување.

Во препораките се вели дека ГРЕКО е задоволен што гледа дека е усвоен нов Кодекс за судиска етика во 2014 година и дека се применува за сите судии во земјата, како што било препорачано. Во таа насока, подвлече Арнаудовска,  ГРЕКО препорачува да се развијат правила и водичи за судиите во однос на прифаќањето на подароци и други предности и примената на овие правила соодветно да се следи.

Шпенд Деваја, член на Управниот одбор на Здружението на судии на РМ, судија на Врховниот суд на Република Македонија, посочи дека Кодексот им дава насоки на судиите и обезбедува структура за регулирање на однесувањето манифестирана на високо ниво на одговорност и етика, што се очекува од ваква важна позиција во судството. Правилата содржани во овој кодекс ги искажуваат стандардите што го одредуваат однесувањето на судиите, притоа воспоставувајќи и одржувајќи високи стандарди на стручно однесување.

???

Јордан Апостолски, адвокат, главен правен експерт на ИПА-проектот 2010 за „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и промоција на условната казна и алтернативните мерки“ истакна дека сите професионалци од правосудната фела мора во своето работење да ги почитуваат принципите на етичноста, особено изразени низ Улпијановата максима и начелото дека потребно е чесно да се живее, никому да не му се наштети и секому да му се даде она што му припаѓа.

 На настанот беше потенцирано дека етиката е универзална вредност на чии постулати се заснова и Кодексот за судиската етика чии принципи подразбираат воспоставување на стандарди за етичко однесување на судиите.

Овие принципи им даваат насоки на судиите и креираат рамка за регулирање на однесувањето на судиите. Освен тоа целта е да им се помогне на членовите на извршната и законодавната власт, на правниците и на пошироката јавност подобро да го разберат и да го поддржат судството.

Принципите претпоставуваат дека судиите се одговорни за своето однесување пред соодветните институции воспоставени за одржување на судиските стандарди, кои се независни и непристрасни и кои имаат за цел надополнување, а не отстапување од постојните законски прописи и правила на однесување кои судиите мора да ги почитуваат.

akademik foto 1

Во Кодексот се истакнува дека стручноста и совесноста се предуслови за соодветното извршување на судиската функција. Независноста на судството е предуслов за владеењето на правото и претставува основна гаранција за правично судење.

„Интегритетот е атрибут на чесност и праведност. Судијата секогаш, а не само во извршувањето на службените должности, постапува чесно и на начин кој е од корист за соодветно вршење на судиската функција“, се вели во Кодексот за судиската етика.

Нина Бетето, судија на Врховниот суд на Република Словенија и Ѓуро Сеса, судија на Врховниот суд на Република  Хрватска, во врска со судиската етика истакнаа дека судиите мора да остават добар впечаток кај јавноста за да ги отстранат сите сомнежи во донесувањето на незаконити и неетички одлуки.

akademik foto

„Судиите не смеат да бегаат од стручните критики, но треба да бегаат од давањето на подароци и од судирот на интереси. Добар судија не е само судија кој добро ги знае правните правила, туку оној кој ги познава и кој се однесува спрема етичките правила, и тука веќе доаѓаат оние карактерни особини кои судијата треба да ги има. Додека судиите ја вршат својата должност, за нив не треба да постои друга визура. Значи, судијата треба  да се држи до законот и до фактите и тоа треба да се однесува за секој случај. Пријателствата не смеат да влијаат. Не случајно се вели  дека службата е служба, а дружбата е дружба“, истакнуваат судиите Бетето и Сеса.

М.В