/ Прочитано:

3.127

Судиите и професорите дискутираа за кривичното законодавство во светло на реформата на правосудството

Кривичното законодавство и казнената политика на судовите во светло на реформата на правосудството, реформата на казнената политика на судовите и нормативните и практични претпоставки за практична примена на Законот за пробација во светло на реформата на правосудството, беа темите на вториот ден од стручна расправа во организација на Здружението на судии.

Во вчерашните завршни излагања од првиот ден на расправата, покрај претседателот на Здружението на судии Џемали Саити, американскиот судија Рикардо Хинохоса и судијката Тања Милева, свои обраќања имаа и судиите Илија Трпков и Емилија Шопар-Јованова, кои го нагласија значењето од активноста на судиите, како и Влатко Самарџиски од Судскиот совет и Никола Прокопенко од Министерството за правда, кои се осврнаа на прашањето за судските реформи кои мора да се спроведат на основани анализи со кои ќе се надминат констатираните слабости.

На почетокот од денешната расправа во контекст на кривичното законодавство и казнената политика, судиите во своите дискусии најголем акцент ставија на прашањето за одмерувањето на казните, судската пракса и прашањето за одредувањето на притворот. Своите искуства за овие прашања ги пренесоа и судијата Рикардо Хинохоса, судија во окружниот суд на САД во Јужниот Дистрикт на Тексас и Џон Мекнил, правен советник во Амбасадата на САД во РМ. Американските експерти дискутираа со македонските судии за тоа со какви проблеми со соочиле во примената на сега веќе укинатиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Во таа смисла, Судиите и експертите нагласија дека укинувањето на Законот за видот и одмерувањето на казните било позитивен чекор бидејќи Законот предизвикувал проблеми во практиката.  Овој закон, беше истакнато на расправата, беше противуставен и судиите ги ставаше во подредена позиција во однос на другите две власти. Таквиот начин на одмерување на казните не требаше да биде подигнат на ниво на закон, туку можеше да има консултативна улога која ќе им помогнеше на судиите.

Според судиите, Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната не само што не бил конзистентен со кривичното законодавство, туку бил и во колизија со низа прописи. Во овој закон проблематично беше и постоењето на Комисијата за воедначување на казната. Професорката Беса Арифи посочи дека според Уставот на Република Македонија Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Во таа смисла, професорката посочи на одлуката на Уставниот суд со кој се укина постоечкото одмерување на казните, во која се говори и за Комисија за воедначување на казнената политика, чии членови ги избира Собранието на Република Македонија.Ваквото востановување на надлежност на Комисијата, да влијае во процесот на одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната, според Судот, значи мешање на законодавната власт во судската власт, што е спротивно на уставно загарантираното начело за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Пренесувајќи ги хрватските искуства, доц. д-р Александар Маршавелски, доцент на Правниот факултет – Загреб, истакна дека хрватското кривично законодавство претрпело повеќе измени во однос на неговата модернизација и усогласување со клучните меѓународни акти на Советот на Европа, Европската Унија и Обединетите нации.

За реформите и модернизацијата, рече Маршавелски, беше формирана комисија која имаше задача да ги приспособи законите и да ги направи применливи во однос на европското законодавство. Комисијата, додаде Маршавелски, особено внимание посвети и на праксата на Европскиот суд за човековите права.

„При креирањето на реформите многу значајна беше транспарентноста. Секој граѓанин можеше да прати имејл со коментар за конкретен предлог. Таквата транспарентност беше пример за донесувањето на понатамошните закони во Република Хрватска“, рече Маршавелски, кој посочи и на интересен податок дека Кривичниот законик од поранешна Југославија бил моделиран по швајцарскиот.

Причините за тоа, нагласи Маршавелски, беа политички бидејќи Швајцарија е неутрална земја. Понатаму, додаде професорот, многу решенија кои ги прифативме од тој закон Швајцарците ги променија. Клучно во сите понатамошни измени, беше законодавството да се осовремени, особено во поглед на барањата на Европската Унија.

М-р Андреј Божиновски, правен советник во Здружението на судии на РМ, говореше за анализа на казнената политика на судовите во Република Македонија.Потребата за реализирање на една ваква Анализа, образложи Божиновски, произлезе од суштината на овој закон, особено што со него за прв пат се воведуваат објективни критериуми за одредување и одмерување на видот и висината на казната.

„Анализата треба да понуди одредени толкувања за дилемите на експертската јавност (судиите, обвинителите и адвокатите) при примената на Законот за одмерување на казната имајќи ги предвид предлозите и препораките од анкетираните целни групи, разговорите со релевантните претставници кои работат на оваа материја, како и разгледаните пресуди од судовите“, истакна Божиновски.

 Проф. д-р Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, рече дека во Македонија не е само проблем брзината на реформите, туку е проблем и пасивизираноста на судството.

„Не треба судиите да бидат објект на реформа, туку да бидат активен субјект и да бидат вклучени во реформите. Судиите не смеат да бидат објект на реформа на политичарите. Потребни се повеќе гаранции за непристрасноста, отсуствуваат и нови пристапи за транспарентност. Останува впечатокот дека главните работи остануваат под влијание на политиката“, нагласи професорот Калајџиев, кој во својот критички осврт кон реформите во правосудството, додаде и дека Здружението на судии треба да има проактвина улога и таа да биде прифатена како неопходност.

Претседателот на здружението на судии, Џемали Саити подвлече дека Здружението на судии има и треба да има клучна улога во реформите за судството, за што најдобар доказ е дека најголемиот дел од заклучоците на расправите се внесени во Стратегијата за реформи.

Над  350 судии поминале низ овие средби, работилници, настани и ги искажале своите забелешки. На овие настани се говорело токму за реформите. Како Здружение вклучени сме и  во разговорите во Брисел за прашањето за реформите“, рече судијата Саити.

Судија Бетим Јахја, судија во Основниот суд – Тетово, на денешната расправа говореше за практичната примена на Законот за пробација.  Јахја се осврна на европските пробациски правила и пробацијата од аспект на Советот на Европа, кои за пробацијата ја нагласуваат ресоцијализацијата, што е една од целите на воведувањето на пробацијата во Република Македонија. Иако, додаде Јахја, Законот обезбедува нормативен основ за примена на алтернативните мерки, неговата имплементација е проследена со слабости и во таа насока потребно е преземање на институционални и реформски мерки за успешна имплементација.

Во врска со пробацијата Фросина Тасевска, од Министерство за правда на РM, нагласи дека треба да преставува и е приоритет во реформските насоки за правосудството. Во таа смисла, Тасевска подвлече дека интензивно се спроведуваат активностите во поглед на пробациската служба, секторот за пробација и отворањето на пробациските канцеларии.

Научна и стручна расправа за пристапот до правдата и реформите во судството, во организација на Здружението на судии

M.В