/ Прочитано:

1.008

Судиите ќе се обучуваат за примена на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната

Понеделник, 5 јануари 2015 – Судиите ќе имаат половина година да се обучат како да го применуваат Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, кој ќе стапи на сила на 7 јануари, а ќе почне да се применува од 7 јули годинава.

„Во следните шест месеци од страна на Академијата за судии и јавни обвинители се очекува да се организираат обуки за судиите за начинот на примената на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Исто така ќе се пополнуваат и работните листови. При засметување на отежнувачките и олеснувачките околности, како и при одредување на видот и одмерувањето на висината на казната, судиите ќе ги користат работните листови кои се составен дел на овој закон. До примената на овој закон, преку активните обуки судиите  во целост ќе се запознаат со одредбите и со начинот на одредување на видот и одмерување на висината на казната“, велат од  Одделението за односи со јавност при Основниот суд Скопје 1.

Од Судот се на став дека ова законско решение во корелација со новиот ЗКП ќе даде еден нов квалитет на судиската функција.

„Во фазата на одмерување на казните по утврдена вина од страна на Судот преку оваа моќна алатка ќе се стимулираат странките во постапката да ги имаат предвид и да ги истакнат сите објективни околности кои влијаат за одмерување на казната, како што се: личноста на обвинетиот, неговиот поранешен живот, околностите под кои е сторено делото, влијанието на делото кон микросредината и макросредината, кои се битни за одмерување на казната. На Судот му се дава дефиниран систем со кој судијата, врз основа на утврдени и вреднувани параметри за виновниот сторител на кривичното дело, ќе ја одмери и ќе ја индивидуализира казната, при што на тој начин се избегнуваат сите појави на субјективизам и дискрециони права на Судот при неговото одлучување“, истакнуваат оттаму.

Посебна комисија ќе ја мониторира казнената политика

Во согласност со измените на Кривичниот законик, во меѓувреме ќе продолжи да се применува Правилникот за начинот на одмерување на казните, кој, пак, при донесувањето  не беше дочекан со воодушевување од стручната јавност и беше мета на бројни негативни критики од правосудната фела.

Што се однесува на новото законско решение, најмногу забелешки одат на сметка на Комисијата за утврдување на критериумите за одмерување на висината на казната, советодавно тело составено од седум члена што ги избира Собранието на Република Македонија со право на повторен избор,  кое ќе ја следи казнената политика на судовите.

Наспроти изнесените сомнежи за објективноста на Комисијата и за можноста таа да го суспендира авторитетот на Врховниот суд, а со тоа да врши притисок врз судиите и да го загрози правниот поредок во државата,  од Министерството за правда посочуваат дека независноста на судството и на Врховниот суд е уставна категорија со своја надлежност, додека Комисијата е предвидена како оперативно тело.

Во согласност со законските одредби, два члена на Комисијата се избираат по предлог на Јавниот обвинител на Република Македонија, од редот на јавните обвинители со најмалку 10 години работно искуство во кривичната материја; два члена се избираат по предлог на Судскиот совет на Република Македонија, од редот на судиите со најмалку 10 години работно искуство во кривичната материја; еден член се избира по предлог на Адвокатската комора на Македонија, од редот на адвокатите со најмалку 10 години работно искуство во кривичната материја; еден член се избира по предлог на министерот за правда, од редот на редовните или вонредните професори по предметите од казнената област и еден член се избира по предлог на Владата на Република Македонија, од редот на редовните или вонредните професори по предметите од казнената област.

Комисијата, која ќе се ќе се формира во рок од три месеци од денот на влегување во сила на Законот и која ќе има седиште во Министерството за правда, ги има следниве надлежности: 

  • ја следи и ја анализира казнената политика на судовите во Република Македонија, во смисла на целите на казнувањето (т.е., утврдената казна, запретената казна, способноста за вина, превенцијата и рехабилитацијата, како и пресудите донесени врз основа на спогодба меѓу јавниот обвинител и обвинетиот); 
  • предлага мерки за обезбедување на сигурност и правичност во исполнувањето на целите на казнувањето, заради избегнување на неоправдан диспаритет меѓу сторителите на кривични дела со слични карактеристики осудени за исти или слични кривични дела (според објективната категоризација на кривични дела согласно овој закон), со почитување на диспозицијата на судот при оцената на отежнувачките и олеснувачките околности; 
  • доставува предлози до Министерството за правда на Република Македонија за изменување и дополнување на Кривичниот законик и на овој закон; 
  • доставува годишен извештај до Собранието на Република Македонија; 
  • до Министерството за правда доставува шестмесечни извештаи за прашањата од нејзина надлежност, за што Министерството ја известува Владата на Република Македонија и 
  • доставува известувања до Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавни обвинители, до Врховниот суд на Република Македонија и Јавниот обвинител на Република Македонија за примената на овој закон по судови и дава предлози и укажувања за начинот на воедначување на казнената политика.