/ Прочитано:

1.750

СУДИИТЕ ПОСТОЈАНО ДА ИМААТ НА УМ: Правото на слобода и безбедност има најголемо значење во демократските општества

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ организираше советување во врска со Практичниот водич за судиите, судскиот персонал, обвинителите и адвокатите за тековната судска пракса на Европскиот суд за човекови права во поглед на членот 5 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

foto akademik

Практичниот водич служи како референтен документ за судиите, обвинителите, и службениците за спроведување на законот, потоа за бранителите и за правниците во врска со стандардите од членот 5 на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи онака како што ги толкува ЕСЧП. За прашањата што се однесуваат на членот 5 од Конвенцијата, на денешниот настан говореа: Костадин Богданов, владин агент пред Европскиот суд за човековите права, Кристина Лице, претставник на Латвија пред Европскиот суд за човековите права, Дражен Кевриќ, виш советник во Врховниот суд, судија во Општинскиот суд во Загреб и Емилија Плаксинс, заменик-раководител на канцеларијата на претставникот на Латвија пред меѓународните организации за човекови права.

foto akademik

Што се пропишува во членот 5 од Конвенцијата?

Во членот 5 од Конвенцијата кој се однесува на правото на слобода и безбедност, се пропишува дека секој човек има право на слобода и на безбедност. Никој, се вели во членот 5, не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон, во следните случаи: ако издржува казна затвор по пресуда на надлежниот суд; ако бил уапсен или ако бил притворен поради противење на законскиот налог на судот или со цел да се обезбеди извршување на обврската пропишана со закон; ако е уапсен или ако е притворен поради приведување пред надлежна судска власт кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело или кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело или по извршувањето на кривичното дело да побегне; ако се работи за притвор на малолетник врз основа на законска процедура заради воспитување под надзор или заради приведување пред надлежна судска власт; ако се работи за притвор на лице за да се спречи ширење на некоја заразна болест, на лица со душевни растројства, лица зависници од алкохол и наркотици и скитници, и ако се апси или ако се притвора лице врз основа на закон со цел да се спречи илегално да влезе во земјата или лице против кое е во тек постапка за протерување.

foto akademik

Според членот 5 од Конвенцијата, секое уапсено лице веднаш се известува на јазикот што го разбира за причините за апсењето и за обвиненијата против него и секое лице уапсено или притворено според одредбите на овој член мора веднаш да биде изведено пред судија или пред друго судско лице овластено со закон да врши судска власт.

Тоа лице мора да има право на судење во разумен рок или на пуштање на слобода во текот на судската постапка. Пуштањето може да се услови со давање гаранција дека тоа лице ќе се појави на судењето. Исто така, секое лице лишено од слобода со апсење или со притворање има право да вложи жалба до судот кој во кус рок треба да ја разгледа законитоста на тоа лишување од слобода и ако тоа не било законски, да нареди негово ослободување.

Секое лице, се пропишува во членот 5 од Конвенцијата, кое било жртва на апсење или на притворање спротивно на одредбите на овој член, има право на обесштетување.

foto akademik

Важноста на правото на слобода и безбедност

Според Европскиот суд за човековите права, членот 5 од Конвенцијата заштитува основно човеково право чијашто основна цел е да се гарантира заштитата на индивидуалната физичка слобода против своеволно притворање.

Како што се посочува во Практичниот водич за судиите, судскиот персонал, обвинителите и адвокатите за тековната судска пракса на Европскиот суд за човекови права во поглед на членот 5 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, правото на слобода и безбедност е во првиот ред на основните права што ја заштитуваат физичката безбедност на поединецот.

slika

„Личната слобода е основен услов што треба генерално да го уживаат луѓето. Правото на слобода и безбедност е исто така од најголемо значење во демократското општество според значењето на Конвенцијата. Лишувањето од слобода е нешто што може да има директно и негативно влијание врз уживањето на многу други права, од правото на семеен и приватен живот преку правото на слобода на собирање, здружување и изразување до правото на слобода на движење“, се вели во Прирачникот.

Судиите, се нагласува во Прирачникот, треба постојано да имаат на ум дека за да има значење гарантирањето на слободата, кое било лишување од слобода треба секогаш да биде исклучително, објективно оправдано и да не трае подолго отколку што е неопходно.

M.В