/ Прочитано:

2.838

„Судиите треба да избегнуваат претеран формализам во постапувањето“– интервју со Костадин Богданов, директор на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП

Генерален е впечатокот дека македонските судии сè повеќе прибегнуваат кон реферирање на праксата на ЕСЧП во своите пресуди, особено во парнични постапки за надомест на штета предизвикана со клевета или навреда. Ова е, впрочем, резултат и на мноштвото обуки и советувања кои беа организирани од страна на различни субјекти, вклучително во голем дел и од Академијата за судии и јавни обвинители, а во кои свое учество зедоа и претставници на Бирото за застапување со пренесување на сопствените сознанија и искуства во однос на стандардите и на праксата која се однесува на слободата на изразување регулирана со членот 10 од Конвенцијата. Токму континуираните обуки кои се реализираат во изминативе години треба да придонесат кон почесто и посоодветно повикување на судската пракса на ЕСЧП во домашната судска пракса, вели во интервјуто за Академик, Костадин Богданов, владин агент и директор на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

akademik foto

Што говорат податоците, каква е статистиката годинава за Македонија во поглед на пресуди со кои Судот во Стразбур утврдил повреда на правата загарантирани со Конвенцијата?

Досега во текот на 2016 година Европскиот суд  за човекови права (ЕСЧП) има донесено вкупно 12 пресуди против Република Македонија, при што значајно е да се спомене дека Судот во Стразбур не утврди во сите пресуди повреда на некое од правата и слободите загарантирани со Европската конвенција за човековите права. Имено, од овие 12 пресуди, ЕСЧП утврди повреди на одредени права од Конвенцијата во 8 предмети, додека во 4 пресуди не е констатирана повреда на ниту едно од правата и слободите загарантирани со Конвенцијата. Истовремено, треба да се нагласи дека освен неколкуте одлуки со кои во стандардна и вообичаена процедура Судот констатираше дека меѓу државата и апликантите, а на предлог на Судот, било постигнато пријателско спогодување, односно во два од нив била изјавена унилатерална декларација и било им исплатено правично обесштетување на апликантите, ЕСЧП годинава донесе и неколку значајни одлуки во кои, по детална анализа на меритумот на наводите на апликантите, утврдено е дека нивните апликации треба да бидат прогласени за недопуштени од различни причини. Со тоа, во предметите на Кочевски, Новески и Милошевски Судот не прибегнал кон донесување пресуда, туку по пат на одлука констатирал неисполнување на критериумите за допуштеност на апликациите предвидени со Конвенцијата и, оттука, не констатираше постоење на каква било повреда на правата од Конвенцијата.

akademik foto 1

Би можеле ли да ни посочите некои примери?

Почетокот на годината ја одбележаа 3 пресуди донесени по поднесени 5 различни апликации во кои беше утврдена повреда на членот 6 од аспект на отсуството на непристрасност во составот на Судскиот совет кој одлучувал за разрешување на судиите Попоски и Дума, односно отсуство на непристрасност и независност при разрешувањето на судиите Геровска-Попчевска, Јакшоски и Трифуновски. Дополнително, во пресудата која се однесува на поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, ЕСЧП констатира неправичност на постапката за негова лустрација, што довело до повреда на членот 6, а истовремено Судот во Стразбур констатирал и дека таквата постапка водела кон нарушување на приватниот живот на апликантот во спротивност со членот 8 од Конвенцијата. Во предметот Митров беше утврден недостиг на објективна непристрасност во постапувањето на кривичниот совет кој го осудил апликантот за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, од чиешто сторување починала ќерката на претседателот на истиот суд. Во предметот на Василевски против Македонија, ЕСЧП констатираше повреда на правото на сопственост од членот 1 од Протоколот бр. 1 кон Конвенцијата, која се состоела во прекумерниот, диспропорционален товар кој му бил нанесен на апликантот со одземањето на неговиот камион со кој тој превезувал стоки и остварувал приходи за егзистенција, а кој бил одземен од неговиот претходен сопственик во контекст на кривичната постапка која се водела против него. Во последната пресуда донесена во 2016 година, во случајот на Китановска-Станојковиќ и други, 18-месечното одолжување во извршувањето на затворската казна спрема трето лице било утврдено дека претставува прекршување на процедуралната обврска од членот 2 од Европската конвенција за човекови права.

Чекан правда

Што се однесува до предметите во кои не била утврдена повреда на ниту едно право од Конвенцијата, вредно е да се спомене пресудата во предметот Нешкоска против Македонија со која беше констатирано дека не дошло до повреда на членот 2 од Конвенцијата со кој се гарантира правото на живот. Освен тоа, во предметот на Спаска Митрова и Савиќ, ЕСЧП утврди дека нема повреда на членот 8 во поглед на правото на почитување на приватниот и семејниот живот на апликантките, а во предметот Сулејмани ЕСЧП не утврди повреда на членот 1 од Протоколот бр. 1 со кој се штити правото на сопственост. Во Полетан и Азировиќ не е утврдена повреда на ниту еден аспект од правото на правично судење по членот 6 од Конвенцијата на кои се жалеле апликантите во однос на неприсуството на сведоци врз чиишто искази се засновала пресудата на рочиштето на судечкиот суд, што довело до наводна повреда на правото на одбрана на апликантот, ниту пак во однос на наводно нарушување на принципот на еднаквост на оружјата кое би произлегло од начинот на кој било изведено вештачењето во дадениот случај. Истовремено, со оваа пресуда отпаднале како неосновани и жалбените наводи на вториот апликант кои се однесувале на наводна повреда на пресумпцијата на невиност. Овие неколку пресуди, во кои не е утврдена повреда на конвенциските права, односно одлуките на ЕСЧП со кои е констатирана недопуштеност, укажуваат на тоа дека во значителна мера е зголемен бројот на успешно одбранети предмети пред ЕСЧП од страна на државата, односно Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП.

Во оваа пригода треба да се спомене и дека во текот на 2016 година до владиниот агент, односно до Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП беа доставени поголем број апликации поднесени против Република Македонија кои третираат различни правни прашања и во кои апликантите истакнуваат жалбени наводи по различни одредби од Конвенцијата.

akademik foto

Меѓу нив, како позначајна би ја споменале апликацијата во предметот Бекир и други против РМ, каде што 53 апликанти, македонски државјани од ромско етничко потекло, се жалеа до Судот во Стразбур дека биле изложени на нечовечко и деградирачко постапување со наводното демолирање на нивните живеалиште во дивоформираната населба на локација под скопското Кале, во акција спроведена на 1 август 2016 година, како и дека со тоа бил повреден и членот 8 (право на приватен и семеен живот), и воедно била сторена повреда на членот 13 со кој се гарантира правото на ефективен правен лек.

Треба да се спомене и предметот на Л. Р. против РМ кој беше доставен до Бирото по поднесена апликација од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права во името на малолетното лице Л. Р. за кое се тврди дека било изложено на нечовечко и деградирачко постапување спротивно на членот 3 од Конвенцијата, со оглед на неговото сместување во институција во која тоа наводно не добивало адекватна нега и третман. Во истата апликација, за која државата допрва треба да се произнесе со поднесување на нејзини писмени опсервации, содржани се и наводи за повреда на процедуралниот аспект на членот 3, како и за немање на ефективен правен лек во однос на наводите од членот 3, а спротивно на членот 13 од Конвенцијата.

Според вашите сознанија, колку ја применуваат праксата на Европскиот суд  за човекови права македонските судови и дали се повикуваат на пресуди за случаи од Стразбур во образложенијата на пресудите?

Генерален е впечатокот дека македонските судии сè повеќе прибегнуваат кон реферирање на праксата на ЕСЧП во своите пресуди, особено во парнични постапки за надомест на штета предизвикана со клевета или навреда. Ова е, впрочем, резултат и на мноштвото обуки и советувања кои беа организирани од страна на различни субјекти, вклучително во голем дел и од Академијата за судии и јавни обвинители, а во кои свое учество зедоа и претставници на Бирото за застапување со пренесување на сопствените сознанија и искуства во однос на стандардите и на праксата која се однесува на слободата на изразување регулирана со членот 10 од Конвенцијата. Токму континуираните обуки кои се реализираат во изминативе години треба да придонесат кон почесто и посоодветно повикување на судската пракса на ЕСЧП во домашната судска пракса.

akademik foto

Како Биро, што им препорачувате на македонските судови, на што посебно треба да внимаваат во контекст на она што значи почитување на Европската конвенција за заштита на човековите права?

Во принцип, за македонските судови е корисно редовно да ја следат праксата на Судот во Стразбур, особено во контекст на новодонесените пресуди во кои е констатирана повреда на некои права загарантирани со Конвенцијата, како и да ги познаваат стандардите и начелата воспоставени низ мноштвото пресуди против РМ кои се однесуваат, пред сè, на членот 6, но и на членот 3, членот 5, членот 1 од Протоколот бр. 1 и другите одредби од Конвенцијата. Од особено значење е судиите да избегнуваат претеран формализам во постапувањето кој неретко може да биде на штета на апликантите, доведувајќи до тесно толкување на одделни законски одредби и нивна примена во насока која доведува до повреда на Конвенцијата, каков што е примерот во некои од случаите во кои на апликантите им бил оневозможен пристапот до судовите преку отфрлање на нивните правни лекови токму како последица на ваквото постапување, а истото било констатирано како повреда на членот 6 од Конвенцијата при постапувањето по нивните апликации поднесени до Судот. Понатаму, би укажал на потребата од што потемелно образложување на одлуките на судовите зашто токму во изнесувањето на соодветни и целосно образложени причини за донесување на определена одлука понекогаш лежи и суштината на остварувањето на правото на правично судење. Не помалку важно е да се настојува одлуките на различните судови, односно различните совети во рамките на еден ист суд да бидат меѓусебно усогласени и конзистентни, кога станува збор за одлучување по исти правни прашања, со тенденција да се постигне воедначена судска пракса, во што голема улога има Врховниот суд, но не треба да се занемари и значењето на четирите апелациони судови во земјава.

Со воедначувањето на судската пракса, секако, ќе се придонесе и кон зголемување на правната сигурност како основна претпоставка за владеење на правото.

Минатиот месец Европскиот центар за уставни и човекови права објави дека осуммина бегалци од Сирија, Ирак и од Авганистан ја тужат Македонија за прекршување на човековите права? Што може да се каже за овој случај?

Со исклучок на случајот на Љатифи против Македонија, предмет кој ни беше доставен од страна на ЕСЧП на произнесување и кој сè уште се наоѓа во фаза на постапување, а покренува жалбени наводи по членот 1 од Протоколот бр. 7 со кој се утврдуваат процедурални гаранции против протерувањето на странците, до Бирото за застапување не се доставени на разгледување и натамошно постапување други предмети кои би задирале во проблематиката на правото на азил и бегалското право. Споменатиот случај на кој се осврнувате го немаме добиено на произнесување, така што не би можеле да дадеме какви било дополнителни коментари во однос на овој случај.

slika

Бирото за застапување на РМ пред Стразбур е особено активно во делот на едукацијата на судиите во рамките на Академијата за судии и јавни обвинители. Колку обуки и советувања имате реализирано заедно со Академијата и, во таа насока, дали се забележливи едукативните придобивки за судиите, адвокатите и обвинителите, од аспект на судската пракса?

Да, како што веќе споменав, покрај основните надлежности врзани за застапувањето на државата во предмети доставени до него од страна на ЕСЧП преку поднесување писмени опсервации, како и за извршувањето на веќе донесените пресуди во кои е констатирана повреда преку известување на Комитетот на министри за преземените општи и поединечни мерки за нивно извршување, Бирото во рамките на своите можности настојува да биде активно вклучено и во едукацијата на судиите. За тоа сведочат и бројните обуки и советувања реализирани во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители кои третираат различни прашања врзани за Европската конвенција за човекови права и праксата на ЕСЧП. Во текот на измината година посебен фокус беше даден на советувањата за јавните обвинители во однос на потребата од спроведување на ефикасна истрага во наводите од членот 3 од Конвенцијата (забрана на тортура), а во светлина на неколкуте пресуди во кои е констатирана повреда на процедуралната обврска на државата за спроведување на соодветна истрага, особено кога станува збор за наводи за полициска бруталност. Претходно акцентот беше ставен на членот 10 од Конвенцијата, при што големиот број обуки, како и издадените публикации со збирки на преведени пресуди од Судот во Стразбур од различни субјекти, како што споменав и погоре, придонесоа кон подобрување на домашната судска пракса во овој сегмент, особено по декриминализацијата на клеветата и навредата.

Во рамките на редовниот план за обука на АСЈО, а на инсистирање на Бирото, беа организирани и неколку советувања кои се однесуваа на извршувањето на пресудите донесени од страна на Судот во Стразбур, со посебен акцент на повторувањето на домашните граѓански, кривични и управни постапки како индивидуална мерка за извршување, а слични обуки се предвидуваат и за наредниот период.

akademik foto

Како компонента на проектот за зајакнување на владеењето на правото во Република Македонија, реализиран како твининг-проект со ИПА-фондовите на Европската Унија, а во партнерство помеѓу министерствата за правда на Република Македонија и Република Латвија успеавме да спроведеме неколку значајни обуки во однос на членот 5 (право на слобода и безбедност) и членот 10, а кон крајот на ноември претстојат слични такви обуки и за членот 1 од Протоколот бр. 1 кон Конвенцијата. Во рамките на обуките за членот 5 од Конвенцијата (право на слобода и безбедност), кои се одржаа на 26 и 27 октомври годинава, беше промовиран и Практичен водич за тековната судска пракса на ЕСЧП во поглед на членот 5 од Конвенцијата, кој беше изготвен во соработка со експертите од Латвија и Хрватска, како држави партнери на проектот. Водичот ќе биде вклучен во курикулумот на задолжителните обуки на АСЈО, наменет за судиите,  обвинителите и стручните судски и јавнообвинителски соработници, со што ќе придонесе кон ефикасна имплементација на јуриспруденцијата на ЕСЧП во оваа област и превенирање на идни повреди на членот 5 во апликации против РМ.

Треба да се спомене и дека во склоп на твининг-проектот беа организирани и други советувања, вклучувајќи ја и обуката за критериумите за допуштеност на апликациите пред ЕСЧП, која беше насочена кон потребите на адвокатите со цел зајакнување на нивните вештини и знаења за посоодветна подготовка на апликации, особено имајќи ги предвид строгите формални критериуми и високиот процент на отфрлени апликации, кои воопшто и не стигнуваат, односно не се доставуваат на произнесување до Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП.

Она што, исто така, е од особено значење е тоа што Бирото за застапување, во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка – ИРЗ, досега објави три изданија на Билтенот посветен на судската практика на ЕСЧП. Во овие билтени, кои излегуваат како периодични двојазични изданија (на македонски и албански), се дава кус сумиран приказ на најзначајните пресуди донесени од ЕСЧП во дадениот период против Република Македонија, како и релевантни пресуди донесени против други држави. Предвидено е Билтенот да се издава на секои 6 месеци и редовно се дистрибуира до судиите и обвинителите ширум земјата.

akademik foto

Треба да се спомене и дека од 2013 година Бирото е вклучено и во регионалниот проект на АИРЕ Центарот од Лондон, кој е фокусиран на креирање на регионална база на податоци на праксата на ЕСЧП (http://www.ehrdatabase.org/Index), која е воспоставена со пресуди и најзначајни одлуки донесени во предмети против државите од регионот на Западниот Балкан, како и пресуди против други држави преведени на јазиците од регионот.

Оваа база на податоци овозможува едноставно пребарување на релевантната судска пракса, со опции за општо и напредно пребарување, и беше презентирана и во рамките на неколку советувања реализирани во соработка со АСЈО.

Дополнително, Бирото зеде учество во неколку предавања на теми поврзани со Конвенцијата и ЕСЧП, кои беа реализирани во соработка со ЕЛСА и кои беа наменети за студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Како резултат на сите реализирани едукативни активности од страна на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП и од страна на Академијата за судии и јавни обвинители, значително е зајакната свеста на македонските судии за значењето на Конвенцијата и за праксата на ЕСЧП и унапредени се нивните познавања на стандардите и на принципите воспоставени со Конвенцијата и натаму развиени со пресудите на Судот во Стразбур во однос на различни правни прашања кои се релевантни за нивното постапување. Верувам дека кај добар дел од судиите, обвинителите и адвокатите во нашата земја овие обуки имаат позитивен ефект во смисла на унапредување на домашната пракса и подобро инкорпорирање на конвенциските стандарди и становиштата на Судот во Стразбур во домашната судска пракса.

Кои се новините во поглед на постапката за апликација пред Европскиот суд за човековите права?

Клучната новина се состои во скратувањето на рокот за поднесување на апликација од 6 на 4 месеци, со Протоколот бр. 15, кој е ратификуван и од страна на РМ, но сè уште не стапил во сила.

foto akademik

Истовремено, значително се заострени формалностите врзани за поднесувањето на апликацијата, односно прецизирани се правилата за тоа што сè треба да содржи образецот за поднесување на апликација и слично, а нивното непочитување може да доведе, и во праксата веќе доведе, до чести случаи на брзо, административно отфрлање на таквите поднесени апликации како недопуштени.

Истовремено, се размислува и за скратување на рокот во кој Европскиот суд  за човекови права (ЕСЧП) ќе мора да донесе пресуда, односно одлука по конкретна поднесена апликација и фиксирање тој рок на 3 години од моментот на поднесување на апликацијата во Судот, што досега не беше случај.

M.В