/ Прочитано:

1.412

Судија Крешимир Девчиќ: Развојот на демократијата доведува до намалување на бројот на судските спорови и вршењето на кривичните дела

За разлика од многумина негови македонски колеги, овој судија нè изненади со својата непосредност и отвореност за разговор. Крешимир Девчиќ е претседател на Одделот за истрага во Жупанискиот суд во Загреб, но во исто време задолжен е да ја задоволи љубопитноста на јавноста во врска со настаните од судница. Неговото име деновиве е често присутно во Хрватските медиуми, земајќи предвид дека Хрватска е земја која моментално пишува историски судења. Горд на своето потекло од приморското градче Сењ, познато по Ускоците (воено организирани ајдуци кои некогаш се бореле против Венецијанците и Турците), со истражниот судија и портпарол Девчиќ, меѓу другото, разговаравме за Хрватското правосудство, патот на Хрватска кон ЕУ од аспект на судството, новиот ЗКП (по својот концепт сличен на новиот македонски ЗКП, чија што примена се уште не стартувала).

 Ајде малку за Вас, како Крешимир Девчиќ стана судија?

  • Роден сум 1958 година, во Риека. Училиште завршив во Загреб, каде се преселивме подоцна со моето семејство, а по завршениот Правен факултет волонтирав во Жупанискиот суд во Загреб (тогашен: Окружен суд). Во моето семејство немаше традиција на правници, така што мојот пат во правосудството се случи спонтано. Сакав да стекнам знаења и искуство во правната професија, што ми се овозможи преку волонтирањето во судот, за потоа, во 1988 година да бидам избран и за судија. Најпрвин работев како кривичен судија во Општинскиот суд во Загреб, потоа едно  време бев граѓански судија, а за време на војната бев преместен во Воениот суд. По завршувањето на војната бев избран за судија во Жупанискиот суд во Загреб, каде денеска сум претседател на Одделот за истрага, а истовремено работам како портпарол на судот.

Колку како хрватски истражен судија имате одврзани раце при водење на судската постапка? 

  • Целосно. Никогаш не сум имал какви било притисоци при донесување на одлука. Факт е дека судство во Хрватска се наоѓа под лупа на јавноста, а во исто време присутен е и мониторингот на ЕУ. Ова допринесува за независност на правосудство во целост, но и чувство на сигурност при постапувањето и одлучувањето на секој судија поединечно. Сè повеќе се зајакнува свеста за правосудството како трета независна власт, што пак политичката (законодавната и извршната власт) се повеќе го почитува. Се разбира, секогаш има исклучоци, но истите подлежат на неодобрување од оние кои разочарани од политиката и политичарите, во правосудство ја гледаат светлата точка за функционирањето на еден систем.

Хрватска е земја која е веќе на прагот на влезот во ЕУ. Она на кое што меѓу другото инсистира Европа, како и во Македонија, така и во Хрватска се реформите во правосудството. Може ли да ни го пренесете хрватското искуство во овој правец?

  • Па тука секако влегува рационализацијата на бројот на судовите, односно воведувањето на управни судови како судови од I степен, воведувањето на Вишиот управен суд, но и Вишиот кривичен суд кој треба да почне со работа од 1 јануари 2015 година. Потоа донесувањето на пакет кривични закони – Закон за кривичната постапка, Закон за судовите за малолетници и Кривичниот законик што ќе стапи на сила 1 јануари 2013 година. Тука се и други законски прописи, како на пример Законот за судовите со кој изборот на судиите и претседателите на судовите (со исклучок на претседателот на Врховниот) сега го прави Републичкиот судски совет, така што ова веќе не е во ингеренција на министерот за правда. Законот за УСКОК, со кој се прошири надлежноста на ова Одделение за одредени кривични дела, па Законот за условна казна во чија изработка со своите искуства ни помогнаа англиски експерти. Значајно е и донесувањето на Законот за мирење и Законот за арбитража како вонсудски начини за решавање на споровите.

Колку еден суд треба да е материјално и технички спремен за спроведување на овие реформи?

  • Точно дека за спроведување на овие реформи е потребна соодветна материјално-техничка поддршка, која што во овој момент е оптимална со оглед на глобалната рецесија. Во тој дел можам да кажам дека дел од средствата беа обезбедени преку соодветни програми на ЕУ, преку твининг проектите, развојни програми на УНДП (на пример организацијата на Управата за поддршка на сведоци и жртви), беа организирани обуки од страна на странски експерти, како и донации, сè  ова помогна да бидеме тука кај што сме, пред официјалниот влез во ЕУ.

Го споменавте новиот Закон за кривична постапка (ЗКП), чија што целосна примена во Хрватска стартуваше 1 септември 2011 година, многу сличен на оној што во Македонија се надеваме наскоро ќе ја види светлината на денот. Како течеше  спроведувањето на овој закон во Хрватска?

  • Новиот Закон за кривична постапка  (ЗКП/08) во еден свој дел веќе беше во примена уште од 1 јули 2009 година, во врска со предметите по кои постапува УСКОК (Одделението за сузбивање на корупција и организиран криминал). Постапувајќи по тие предмети, се стекнавме со одредено искуство во примената на новиот ЗКП, така што на 1 септември 2011 година бевме спремни за неговата целосна примена, земајќи предвид дека во меѓувреме беше спроведувана и континуирана едукација.

 Колку се промени улогата на истражниот судија со овој закон?

  • ЗКП/08 донесе нов концепт во истрагата, со оглед на тоа што сега обвинителот ја води истражната постапка, додека истражните судии одлучуваат за уставните и човековите права на обвинетиот. Истражниот судија  сега е „гарант за праватa и слободите“, кој одлучува за притворот, предлозите на обвинителот за претресување на домови, примената на посебните истражни мерки (следењето, прислушкувањето и др.), итн.

Од досегашното искуство, можете ли да кажете кои се недостатоците, а кои позитивните страни на новиот ЗКП?

  • Со примената на ЗКП/08 веќе се забележуваат некои недостатоци, кои треба да бидат отстранети со нови дополнувања и измени, за таа цел е формирано и работно тело кое веќе работи на истите. Исто така, Уставниот суд треба да донесе одлуки по неколку претставки за оцена на уставноста на ЗКП/08, што сигурно ќе служат како упатство за понатамошната доработка на овој закон. Мене лично, одредени законски измени не ми „легнаа“. Пример, сметам дека не требаше да се напушти традиционалниот концепт на главна расправа, кој е заменет со англо-саксонскиот концепт на вкрстено испрашување. Тоа е сепак традиција, а истовремено правата на обвинетиот не се донесени во некоја подобра позиција, ниту пак оваа промена беше потребна во поглед на усогласувањето со европското право.  Меѓутоа за овој закон и неговата примена во пракса, односно за една квалитетна дискусија за истиот, сигурно дека треба да помине еден подолг временски период за да се направи една студиозна анализа заради проценка на новите решенијата што овој закон ги предвидува.

Хрватска покажа голема зрелост со пренесување во живо на дел од судењето против поранешниот премиер Иво Санадер, а со ова и Жупанискиот суд во Загреб. Колку овој чекор говори за транспаретноста на судот?

  • Жупанискиот суд во Загреб, но и други судови во Хрватска работат на сопствената транспарентност, значаен чекор за судовите беше воведувањето на портпароли во 2006 година. Медиумите добија човек со кој можат да комуницираат, односно тие веќе не мораат да го ловат судијата по ходници и да го молат за конкретна информација. Портпаролите во исто време преземаат одговорност за организација на сложени и медиумски експонирани предмети, што допринесува за отвореноста и достапноста на настаните во судот. Таква е ситуацијата и со поранешниот премиер, предмет кој е континуирано следен од страна на сите медиуми.

Предметот за случајот Фими медиа претставува најобемниот во историјата на хрватското правосудство, истовремено на клупата за обвинети за прв пат седна политичка партија, во случајов до неодамна владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Вие бевте задолжен за водење на истражната постапка. Предизвик ли е да се постапува по еден ваков предмет?

  • Судење на една политичка партија секако претставува преседан за овие простори и предизвик на свој начин, но сигурно дека постапката  против ХДЗ ќе биде спроведена во согласност со стандардите усвоени со „новото“ законодавство.

Кога Ви било најтешко да судите?

  • Никогаш не е лесно да се суди. Како што понекогаш тоа се толкува или стекнува впечаток во јавноста. Една од задачите на судијата е да не потпаѓа под влијание на никого, па и на јавноста, т.е. да не донесува одлуки во согласност со некакви очекувања на јавноста. Начелно можам да кажам дека судењета против нашите генерали и другите учесници во војната на извесен начин се најмногу обоени со емоции и сигурно дека претставуваат професионален предизвик за секој судија. Јас лично немам судено во ниту еден ваков предмет, но редовно сум ја известувал јавноста и медиумите за истите. Баш во времето кога станав портпарол на судот, почна судењето против поранешниот генерал Бранимир Главаш, тоа беше предмет што го обележи тој период, а како што знаете „опашките“ од тоа судење се провлекуваат и денеска.

Што е она што според Вас не „штима“ во хрватскиот правосуден систем?

  • Тешко е да се каже, што јас или дали  би менувал нешто во овој правосуден систем. Првенствено треба да се растоварат судовите, што е цел зададена уште од порано, преку промовирање на медијацијата и арбитражата како начин за решавање на споровите. Во принцип треба да го јакнеме целиот систем, сите сегменти на власт, како и демократијата. Довербата во системот, зголемувањето на степенот на граѓанските и работните одговорности, т.е. развојот на демократијата во целост доведува до намалување на судските спорови и вршењето на кривичните дела. Правосудството е резултат на општествените услови и сигурно дека ако ние ја зголемиме граѓанската одговорност преку развојот на толеранцијата во сите форми, потоа работната одговорност (уредно извршување на работните обврски, плаќање на данок и сл.) тоа ќе се одрази на правосудството. Јасно дека правосудниот систем во сето ова има улога и дека односот е реципрочен, односно дека добро организирано правосудство допринесува пак за напредување на наведеното.

Во сите извештаи на ЕУ за Македонија, болна точка е судството и тоа секогаш извичникот е ставен на должината на постапките, независноста на судството и сл. Дали можеби сте запознаен со македонското судство, или ги следите овдешните случувања?

  • Морам да признаам дека немам информации за функционирањето на правосудството и судските постапки во Македонија. Прашањето кое ми го поставувате е секогаш актуелно (времетраењето на постапката, независноста на судството, политичкото влијание итн.) Тоа се работите кои ги мачат сите системи на ова географско подрачје, можам да кажам дека треба голема упорност и политичка волја  за на тој план да се достигнат стандардите на развиена демократија. За ова се разбира треба и многу време, бидејки напредокот доаѓа споро. Правото и правдата се идеал за секое оштество, тоа уште во дамнешни денови е искажано во староримската максима ‘Fiat iustitia, pereat mundus’.

Разговараше: Елена Павловска Oбјавено: 04.07.2012