/ Прочитано:

3.815

Судијката Оља Крстиќеска – првиот доктор на науки од редот на завршените кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители

Како завршен кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители, д-р Оља Крстиќеска од пред два месеци е судија во Основниот суд Скопје 2 Скопје. Крстиќеска е авторка на книгата „Ne bis in idem во казненото право“, што воедно беше и темата на нејзиниот докторат одбранет на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Од Академијата за судии и јавни обвинители нагласуваат дека научно-истражувачката работа на д-р Крстиќеска ќе биде пример и поттик за сите кандидати на Академијата да ги преточат во вредно четиво своите стекнати знаења и своите истражувања, што ќе значи признание за вложениот труд и напорната работа.

akademik foto

Оља Крстиќеска е првиот доктор на науки од редот на завршените кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители. Нејзината книга „Ne bis in idem во казненото право“  претставува самостојно и корисно истражување, а изработката на темата на овој труд е плод на повеќегодишната научна работа.

„Мотивацијата да се посветам на истражувањето на оваа тема, сега преточено и во докторска дисертација и книга, беше  нагласувањето на значајноста на принципот ne bis in idem преку темелно проучување на одредбите што се однесуваат на забраната за двојно судење и забраната за двојно казнување, кои постојат во меѓународните и во европските документи, како и преку проучување на ставовите што ги заземаат европските и меѓународните судови во однос на ова прашање“, вели д-р Оља Крстиќеска.

akademik foto 1

Додавајќи дека во книгата се обработува прашањето за принципот ne bis in idem од домашен правен аспект, Крстиќеска посочува дека во книгата се обработуваат повеќе тематики во врска со принципот ne bis in idem, кои се однесуваат на поимната определба на принципот, изворите на принципот, причините, обемот и примената на елементите на принципот, како во домашното законодавство така и во меѓународните документи и во инструментите на Европската Унија.

Работата на научниот труд, вели судијката, е започната во периодот кој следува веднаш по донесувањето на одлуката на Големиот совет на Европскиот суд за човекови права во случајот Золохутин против Русија, во која конечно се искристализираа ставовите на овој суд по бројни прашања поврзани со значењето и со примената на принципот ne bis in idem во кривичното право, поради и што го добива карактерот на референтна најцитирана одлука во оваа смисла.

akademik foto

По оваа одлука, посочува судијката Крстиќеска, следуваат и низа одлуки на Европскиот суд за човекови права во случаи против држави од регионот кои имаат ист, односно заеднички историски развиток со Република Македонија, па оттаму имаат исти или многу слични дефиниции за правните поими и стандарди.

„Една од основните цели на кривичното законодавство е низ правично спроведена кривична постапка да се утврдува дали едно лице сторило кривично дело, и доколку се докаже тоа, да се изрече соодветна санкција за виновниот сторител. Несомнено, причините за справедливост и хуманост го нагласуваат барањето за отстранување на можноста за двократно казнување на сторителот на кривично дело за истото дело. Оттаму, се забележува практиката на голем број национални системи да го вбројат принципот ne bis in idem помеѓу општите принципи на кривичното законодавство, а во некои од нив тој е кренат на ранг на уставно загарантирано право“, вели Крстиќеска.

akademik foto 1

Суштината на принципот, додава судијката, се изразува преку двете негови компоненти: никој не може да биде кривично гонет двапати за истото дело и никој не може да биде казнет двапати за истото дело.

„Принципот ne bis in idem претставува еден од основните и најзначајните принципи на кривичното право. Терминот ne bis in idem своите корени ги има во римското граѓанско право и претставува скратена форма од изразот bis de re ne sit actio, кој во буквален превод значи – двапати за иста работа не може да се поднесе тужба“, истакнува д-р Крстиќеска.

Во меѓународното право, вели судијката, не постои едно општо задолжително правило кое предвидува обврска за државите да го применуваат овој принцип во нивните меѓусебни односи, што произлегува и од самата договорна природа на овие односи.

akademik foto 1

„Најважните причини за принципот, кои се посочуваат во одделните држави, се дека принципот подразбира заштита на основните слободи и права, заштита на поединецот од злоупотреби на државата, правдата, правичноста, пропорционалноста, правната сигурност, процесната ефикасност,  почитувањето res judicata“, образложува судијката.

Во кривичното законодавство на Република Македонија, посочува Крстиќеска, на принципот ne bis in idem му се признава голема важност, што се гледа од фактот дека принципот е издигнат на степен на уставно загарантирано право. Исто така, овој принцип е предвиден и во Законот за кривичната постапка, во Законот за прекршоците, како и во Кривичниот законик каде што се содржани бројни одредби кои се од значење за овој принцип, како што се на пример одредбите за стек на кривични дела, продолжено кривично дело, кривична одговорност на правните лица, одредбите за просторно важење на кривичното законодавство и сл.

Во оваа насока, Крстиќеска подвлекува дека во книгата што произлезе од нејзината докторска дисертација дава конкретни предлози и решенија за дополнување и изменување на одделни законски одредби во функција на надминување на состојбите кои низ истражувањето се покажале како не толку добро усогласени во контекст на природата, обемот на примената и содржината на принципот ne bis in idem, како во меѓународните документи и инструменти, така и во домашното законодавство.

akademik foto 1

„Во внатрешното македонско законодавство нужни се промени. Во смисла на определување на обемот на примената на принципот ne bis in idem во внатрешното право, решението би требало да биде прифаќање на ставот на Европскиот суд за човекови права за изедначување на кривичните дела и прекршоците, во смисла на прифаќање на единствен пристап кон принципот, така што да забранува поведување на втора постапка за исто дело, независно дали прво е поведена кривична или прекршочна постапка“, е една од препораките на д-р Оља Крстиќеска во книгата „Ne bis in idem во казненото право“, за која вели дека претставува корисен труд за стручната и за пошироката јавност, а во насока на зајакнување на едукацијата и свеста за ова круцијално прашање од доменот на казненото право и човековите права.

М.В / veljanoskim@akademik.mk