/ Прочитано:

3.827

Судницата од Хераклеја Линкестис – сведоштво за почетоците на античкото судство

Ретки се настаните кои можат да ја распламтат страста на јавноста како што се судските процеси. За време на римското владеење една од основните забави на населението било да присуствуваат на судските процеси.

Портикот на судницата, статуи на Немеза и Тит Флавиј Орест

Стратешки центар подигнат од Филип Втори

На сето тоа во голема мера влијаело делувањето (судењето) на магистратите и судиите на отворен простор, пред кој се простирал доволно простран плоштад, каде можело да се собере многу народ. На тој начин била задоволена љубопитноста на граѓанинот за судската норма и нејзината правилна примена и не било реткост на ваквите собири младите луѓе да имаат можност да ги видат големите претставници на земјата.

Токму еден ваков објект од почетокот на вториот век е Портик судницата ископана во древниот град Хераклеја кај Битола.

Heraclea Lyncestis бил град подигнат од Филип Втори како стратешки центар на северозападната граница на македонската област Линкестида. Надмоќноста на Хераклеја во древниот свет лежи во едно среќно совпаѓање на историјата и географијата.Сместена во плодната рамница, северно заштитена од Баба Планина и реката Сива Вода од јужна страна, низ неа од памтивек водел пат кој во времето на римското владеење го заменил најпознатиот пат на класичната епоха Via Egnatia, спојката на Јадранското со Егејското крајбрежје.

Набргу по римската окупација, 168 г.с.е., Македонија е претворена во римска провинција распарчена на четири области со забрана за меѓусебна трговија и женидба со една цел, да биде што можно повеќе разделена. Хераклеја влегува во четвртата мерида, при што ќе добие постојан римски намесник и римска војска, а градот ќе биде официјален економско -политички центар.

Својот славен период и најголем процевет Хераклеја го доживува кога зачекорува на „патот на крстот“ и станува еминентно епископско седиште. За тоа најдобро сведочи поменот на епископите за нивно учество на црковните Собори и ансаблот на неповторливо убавите архитектонски градби, Мала базилика, Голема базилика, Епископска резиденција и Градска чешма подигната од епископот Јован по повод 35 години од владеењето на енергичниот Јустинијан.

Портикот на судницатанајвпечатлив објект на правдата

Еден од највпечетливите објекти од римско време во Хераклеја преставува Портикот на судницата. Станува збор за трем отворен на јужната страна кој преку комуникација со неколку градби во негова близина создавале една целина која била дел од просторот наменет за јавни собири.

Објектите диктираат еден правец на движење и на некој начин го оградуваат источниот дел од форумот. Стилските обележја на најраните статуи во тремот говорат дека тој бил изграден во почетокот на вториот век, а врз основа на натпис од постамент со посвета на Богот на правдата се претпоставува дека е судница. Имено, споменичниот потенцијал на оваа просторија е таков, што придонесува во расветлувањето на низа моменти од значење за римскиот период од животот на Хераклеја, посебно за судството. На запад од тремот, на самиот влез од Форумот се наоѓа една просторија со ниво пониско од останатите, која веројатно преставувала еден вид субструкција, односно визбен дел.

Немеза, Божица на правдата и Судбина на градот

Статуа Немеза е приказ на младо и складно женско тело со хармонични пропорции и вообичаените атрибути (терезија и лак) кои ја навестуваат маркантноста на божицата на правдата и судбината. Десната рака која до лактот е залепена на телото, под прав агол се испружува во положба која прикажува дека статуата држела некој предмет (терезија). Левата рака слободно паѓа надолу. Облечена е во лесни сандалки на нозете. Натписот открива дека статуата е дар од хераклејската граѓанка Јулија Терила.

Справедливоста, освен според бог (Зевс) е персонифицирана во статуа на божицата Немеза квалификувана како Судбина на градот – синкретизам типичен за римскиот период. Претходно споменикот стоел на друго место (храм, гимназион Немезион). Подоцна кога истиот е преместен во судницата, крајните букви  х во 2 и 3 се внимателно бришани, со што има промена на падежот место првичниот акузатив, се добил датив, како што е натписот на постаментот за статуа на богот Зевс во судницата. Така, оваа статуа ни покажува дека Немеза од местото каде бил одржуван нејзиниот култ, кога е ставена во судницата добива статус на симбол на правдата.

„Дела и дни“

Посебно значење за утврдување на улогата на овој објект е постаментот врз статуа каде во рамка врежан е двореден текст, два стиха од спевот на Хесиод, „Дела и дни“:

„Правдољубивите луѓе никогаш не ги стигнува гладта, ниту пак несреќа, бидејќи со напор си работат вредно. Според бога справедливост“

Голема е веројатноста дека овој постамент  носел статуа на Зевс, судејќи според посветата, а и според пеењето посветено на Зевс и Правда во споменатиот спев. Овој споменик му бил посветен на Зевс како врховен судија, што би било во согласност со комплетната атмосфера на Портникот.

Со тоа уште еднаш се потврдува неговата значајна функција – Судница на градот Хераклеја. Зевс како врховен судија (или врховниот бог како врховен судија) е мошне позната хипостаса на индоевропско тло. Само да се потсетиме на познатите сцени од Илијада во кои Зевс се прикажува со терезија во раката, потоа во митологијата од Тројанскиот циклус на Парисовиот суд – Парис просудува која е најубава божица откако Зевс се откажал од таа тешка задача. Сето ова зборува за еден висок степен на образованост, култура и правосудство кај жителлите на Хераклеја од првата половина на вториот век, време кое се врзува и со големата градежна активност на цар Трајан.

Магистратите се востановени во времето на кралот Касандар

Неопходно е да се спомене дека долго време во науката се мислело дека магистратите се востановени од Римјаните, но врз основа на еден напис од крајот на третиот век в.н.е., се потврди дека магистратите се востановени во времето на кралот Касандар, од кога е и македонската гробница во Аминта (Плоче). Од изворите, конкретно дознаваме за судството во времето на Филип Втори односно во времето кога е основана Хераклеја.

Општо е познато дека покрај религиската и воената функција, градот имал и судска, вид јавен обвинител за престапи кога казната била смрт (de capitalibus rebus) за што судело македонското собрание. На ова место би можеле да напоменеме еден настан кога Фили Втори ја платил казната на осудениот на осудениот бидејќи за време на судењето заспал. Очигледно се работело за некој вид апелација, а не за обично судење, затоа што во толку голема држава како Македонија, кралот не можел да суди за се што требало да се реши судски, па морало да има судии кои би ја извршувале таа дејност. Секако, според правилата и древните обичаи, кралот бил вклучен во судења од посуштинско значење.

Судницата на Хераклеја егзистирала три века, при што доживеала извесни преправки во доцниот трети век, веројатно по разурнувачкиот поход на Готите и Херулите и подоцна со разрушувањето од земјотрес, но останува силна рефлексија на историските текови , со непроценливо значење за развојот на судството на ова тло и неговиот континуитет.

(Извор: Монографии „Адвокатурата и адвокатите во Битола“, „Судството во Битола“)

М.B / veljanoskim@akademik.mk