/ Прочитано:

1.590

СУДОТ ГО ОДОБРИ ОБВИНЕНИЕТО ЗА „ПУЧ“: Заев ќе седне на обвинителна клупа

Вторник, 30 јуни 2015 – Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 кој постапуваше во постапка за оценка на обвинителниот акт за случајот „Пуч“, каде четвртообвинет е лидерот на опозицијата Зоран Заев, ги отфрли  како несоновани приговорите поднесени од страна на одбраната и донесе одлука со која обвинителниот акт се одобрува во целост. Од Судот за Академик велат дека за терминот за стартот главна расправа, јавноста ќе биде благовремено информирана.

„Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 – Скопје кој постапуваше во постапка за оценка на обвинителниот акт КО. Бр. 25/15 поднесен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 30.04.2015, по одржано рочиште за оценка на обвинителен акт на 01.06.2015, како и детална анализа на сите приговори поднесени од страна на одбраната и ценење на доказите врз кои се заснова обвинителниот акт, донесе одлука со која обвинителниот акт се одобрува во целост, а приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани.

Советот во одлучувањето утврди дека делата кои се предмет на обвинителниот акт се кривични дела предвидени во Кривичниот законик и приложени се докази во прилог на обвинението.

Воедно советот имаше предвид и дека одбраната поднесе обемна листа на докази, а усното образложение на приговорите претставува и делумна одбрана на обвинетите што за советот претставува уште еден аргумент во прилог на одлуката да се закаже јавна, главна и усна расправа на која во контрадикторна постапка ќе се решаваат прашања што се предмет на испитување и оцена на главна расправа.

По распоредување на обвинителниот акт кај надлежен судија за постапување ќе биде закажан термин за главна расправа за која јавноста ќе биде благовремено информирана“, информираат од Основниот суд Скопје 1.

Заев обвинет за насилство спрема претставници на највисоките државни органи

Со обвинителниот акт за случајот „Пуч“ се опфатени пет лица. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како четвртообвинет, се товари за „насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Првообвинет е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, кој се товари за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и за помагање во насилство спрема претставници од највисоки државни органи.

Второобвинетиот, Ѓорѓи Лазаревски, техничар во УБК  е обвинет за поттикнување неовластено прислушување и тонско снимање и помагање при делото шпионажа.

Сопругата на Верушевски, Соња Верушевска е обвинета за помагање при шпионажа. Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, кој е четвртообвинет, се товари за насилство спрема претставници на највисоките државни органи од чл.311 в.в чл.24 од Кривичниот законик, односно за кривично дело сторено во обид.

Петтообвинетиот, Бранко Палифоров, вработен во Општина Струмица е обвинет за помагање при кривичното дело насилство спрема највисоките државни органи.

Сите обвинети се во притвор, освен Заев, на кого привремено му беше одземен пасошот, но потоа му беше вратен.

На јавната седница за оцена на обвинителниот акт за „Пуч“ што се одржа на 1 јуни, одбраната го оцени обвинението како паушално и правно неиздржано.

Барањето за техничка влада е политичко барање, а не загрозување на уставниот поредок и безбедноста на земјата, беше истакнато во приговорите на одбраната.

„Хипотетички, дали постои закана ако еден политичар му каже на друг дека ќе објавува компромитирачки докази за него. Според обвинението, одговорот би бил потврден. Во обвинителниот акт се констатира дека Заев се бидел да го присили Груевски за формирање техника влада и распишување предвремени избори. Во согласност со Уставот, единствено надлежно за распишување на предвремени избори е Собранието. Јасно е дека овие барања не се упатени кон Никола Груевски како претседател на Владата на РМ, туку како Никола Груевски лидерот на ВМРО“, рече адвокатот Филип Медарски.

Обвинителот Златко Биковски, кој заедно со неговата колешка Лиле Стефанова го застапува обвинителниот акт за овој случај, пак, истакна дека по завршување на истражната постапка се утврдило дека постојат доволно докази од кои може да се очекува осудителна пресуда.

Советот за оцена на обвинението постапуваше во состав од судиите Горан Бошевски, Верка Петковска и Огнен Ставрев.

>> „ПУЧ“: Обвинителството бара судење — за одбраната обвинението е правно неиздржано  Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk