/ Прочитано:

1.749

Судот во Амстердам одлучи во корист на Украина

Овој случај мораше да се решава по судски пат бидејќи договорот за размена на вредните артефакти меѓу холандскиот музеј и неколку музеи на Крим се случи на почетокот на 2014 година, а само два месеци подоцна, односно во март, Русија го анексираше овој стратешки полуостров од Украина. Во меѓувреме, музејот „Алард Пирсон“ во Амстердам ја отвори изложбата со наслов „Крим – златото и тајните на Црното Море“, а посетителите имаа можност од февруари до мај 2014 година да ги погледнат златните предмети кои датираат од 4 век пред нашата ера, кога античка Грција го колонизирала Кримскиот Полуостровот. Според судот во Амстердам, Крим не е суверена држава, па поради тоа колекцијата не може да се смета за национално и културно богатство. Во оваа насока, судот смета дека бесценетите артефакти ѝ припаѓаат на Украина.

Крим златни артефакти

Судот во Амстердам, според одредбите на УНЕСКО, одлучи античкото бесценето богатство колекцијата од златни артефакти од Крим, која му беше дадена на холандскиот музеј „Алард Пирсон“ за изложба, да ѝ биде вратена на Украина.

Овој случај мораше да се решава по судски пат бидејќи договорот за размена на вредните артефакти меѓу холандскиот музеј и неколку музеи на Крим се случи на почетокот на 2014 година, а само два месеци подоцна, односно во март, Русија го анексираше овој стратешки полуостров од Украина. Во меѓувреме, музејот „Алард Пирсон“ во Амстердам ја отвори изложбата со наслов „Крим – златото и тајните на Црното Море“, а посетителите имаа можност од февруари до мај 2014 година да ги погледнат златните предмети кои датираат од 4 век пред нашата ера, кога античка Грција го колонизирала Кримскиот Полуостровот.

Според судот во Амстердам, Крим не е суверена држава, па поради тоа колекцијата не може да се смета за национално и културно богатство. Во оваа насока, судот смета дека бесценетите артефакти ѝ припаѓаат на Украина, и властите во Киев треба да одлучат по прашањето кој е вистинскиот сопственик на бесценетото античко богатство.

Освен одлуката да ѝ биде вратено богатството на Украина, судиите ѝ издадоа и наредба на Владата на Украина да ѝ исплати на управата на холандскиот музеј „Алард Пирсон“ 110 илјади евра за грижата околу артефактите во изминатите две и пол години.

Владата во Украина изрази огромно воодушевување од ваквата одлука на судот во Амстердам, а заменик-министерката за култура Светлана Фоменко рече дека Украина конечно ја добила правдата. Претседателот Петро Порошенко истакна дека златната колекција не му припаѓа само на официјален Киев, туку и на Крим, бидејќи, како што вели, никој во светот не ја признава анексијата на Крим од страна на Русија.

Истовремено, по објавувањето на одлуката на судот во Амстердам, се огласи и археологот Валентина Мордвинцева од Крим, која беше вклучена во целиот процес на организирање на изложбата, од начинот на транспорт на артефактите до изложувањето на поставката. Таа порача овој случај да биде над политиката.

„Со оваа одлука како да се откинати неколку страници на посебна книга. Златните артефакти потекнуваат од нашата земја и тие мора да бидат вратени во музеите на Крим“, изјави Мордвинцева.

Осуда и критика пристигна и од Министерството за култура на Русија кое смета дека холандската пресуда грубо ги крши принципите на меѓународната размена меѓу музеите и правото на луѓето на Крим да имаат пристап до своето културно наследство.

Инаку судот во Амстердам соопшти дека златната колекција нема веднаш да биде испратена во Киев бидејќи музеите на Крим имаат рок од три месеци да поднесат жалба против одлуката.

А. Б.