/ Прочитано:

1.326

СУДСКА МЕДИЦИНА: Тамара починала од бронхопневмонија

Вторник, 24 февруари 2015 – Институтот за судска медицина по извршената обдукција на телото на починатото девојче Тамара Димовска утврдил дека причината за нејзината смрт е бронхопневмонија.

„Во извештајот од обдукцијата утврдено е дека причината за смртта не е сколиоза, туку бронхопневмонија, односно акутно воспаление на респираторните органи, а утврдено е и присуство на емфизем во белите дробови“, се вели во денешното соопштение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат наведуваат дека ќе се испита дали Тамара воопшто била лекувана од оваа  дијагноза. „Првичните проверки и извршениот увид во електронскиот здравствен систем покажуваат дека девојчето не било третирано, односно воопшто не посетило лекар, ниту примало одредени лекарства за бронхопневмонијата“, се наведува во соопштението. Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе продолжи со испитување на случајот во рамките на своите овластувања и надлежности, се додава во соопштението.