/ Прочитано:

2.171

СУДСКАТА ПРАКТИКА Е ГАРАНТ НА ПРАВНАТА СИГУРНОСТ: Прaктични искуства нa ЕСЧП vis a vis домашните практични искуства

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи, организираше и спроведе советување на тема „Споделување на практични искуства на ЕСЧП vis a vis практичните искуства на одделите за судска пракса во Република Македонија“.

Советувањето беше наменето за лица одговорни за судската практика, како и за раководителите на кривичните и граѓанските оддели од Врховниот суд на Република Македонија, четирите апелациони судови и на Основниот суд Скопје I и Основниот суд Скопје II Скопје, како судови со најголем обем на предмети. Исто така, советувањето беше наменето и за судските соработници од овие судови што работат на предметната материја.

На советувањето свое излагање имаа: д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, поранешен судија на Европскиот суд за човековите права и  Велимир Деловски од Министерството за правда.

Со поздравни говори пред присутните се обратија: директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска и Жарко Хаџи-Зафиров од Центарот за правни истражувања и анализи.

Во поздравното обраќање, директорката на Академијата, Арнаудовска, го нагласи значењето на судската практика, а особено значењето што ѝ го придава Консултативниот совет на европските судии (ССЈЕ).

„Судската практика е моќна алатка за судиите во системите со common law и civil law, а унифицираната примена на законите ја зајакнува јавната перцепција за правдата и довербата при спроведувањето на правдата“, истакна Арнаудовска, додавајќи дека концептот на унифицирано спроведување на законите е релевантен за сите три столбови на една држава: законодавната, извршната и судската власт.

Честото носење нови и менување на постојните закони, истакна понатаму Арнаудовска, би можело да биде пречка во оформувањето на судската практика. Во таа насока, важна е улогата на Врховниот суд во случаите кога е потребно да разрешува контрадикторности во судската практика и да обезбеди доследна и унифицирана примена на законите.

Иако највисокиот суд би требало да е одговорен за судската практика, беше подвлечено на настанот, тој не треба премногу често да се меша во работата на пониските судови, а исто така, тие треба да бидат способни да се справат со товарот што го носи судската практика.

На првиот работен ден од советувањето, Лазарова-Трајковска како поранешен судија во Европскиот суд за човековите права, детално ја претстави работата на судот во Стразбур, а и накратко напомена во каков состав се одлучува по предметите кои доаѓаат пред судот.

Потоа во согласност со агендата според која се одвиваше советувањето, на настанот се говореше и за значењето на судската практика во работата на Европскиот суд за човековите права, судската практика како гарант на правната сигурност и вовед во методологијата на Европскиот суд за човековите права за користењето на судската практика.

Во овој дел, Лазарова-Трајковска посочи и неколку релевантни пресуди, кои се однесуваат на различни аспекти во однос на нашето законодавство, односно пресуди што може да укажат на судската практика на Европскиот суд за човековите права, во врска со конзистентноста на судската практика, недоволно образложени одлуки со кои таа се менува, неусогласеност на судската практика, случаи каде што се среќаваат контрадикторни пресуди итн.

„Судската практика во еден правен систем треба да се креира од највисоката инстанца па надолу и тука се огледа важноста на улогата на Врховниот суд во овој случај“, нагласи Лазарова-Трајковска, посочувајќи неколку примери на добра структура и функционирање на судовите низ Европа, а како особено функционални ги истакна Уставниот суд на Босна и Херцеговина и Федералниот уставен суд на Германија.

Во делот на дискусиите, присутните посочија дека долго време во Република Македонија имало аверзија кон судската практика, но дека тоа со тек на време се менува. Во овој дел беа истакнати заложбите на Академијата за судии и јавни обвинители и Центарот за правни истражувања и анализи за промовирањето на користење на судската практика.

M.В