/ Прочитано:

2.559

СУДСКАТА ВЛАСТ Е ТРЕТИОТ СТОЛБ НА ЕДНА ДЕМОКРАТСКА ДРЖАВА: Коалицијата „Сите за правично судење“ со препораки за судовите, обвинителите и адвокатите

Судската власт е третиот столб на една демократска држава. Додека законодавната и извршната власт функционираат преку таканаречениот систем на спреги и кочници, судската власт дејствува според Уставот и законите. За да постои владеење на правото, нужно е постоењето на независна судска власт, истакнуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“ во анализата „Судската ефикасност во справувањето со организиран криминал и корупција во ‘заробената држава’”.

akad 7

Политичкото мешање и зависноста на институциите од волјата на извршната власт, истакнуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“, не престанува само кај судовите и органите чии дејствија се насочени кон сузбивање на овој криминален феномен.

„Соодветно на тоа, забележано е дека Собранието не ја врши својата улога за обезбедување на контрола врз работата на извршната власт, судството не е независно, а политички притисоци има и во останатите сектори. Конкретно, системот на спреги и кочници не функционира, третата власт – судството е под притисок на политичко мешање, и доаѓаме до ситуација на заробување на државата во институциите, таканаречена ‘заробена држава’“, заклучуваат од Коалицијата.

Што се однесува до имплементацијата и приспособувањето на судскиот систем кон новиот ЗКП, заклучоците се дека, и по 3 години од стапување на сила на овој закон, постојат одредени одредби кои воопшто не се практикуваат, бавно приспособување кон одредени промени кои се однесуваат пред сè на улогата на странките во постапката а посебно улогата на судот, како и одредени успеси во поглед на новите институти, како што: се воведни говори, директно и вкрстено испрашување, признание на вина и права на обвинетите лица.

„Но, при ситуација во која отворено и врз основа на аргументи се критикува судството во поглед на неговата независност и неефикасност, од второстепено значење е имплементацијата на законските измени, доколку се донесуваат и доколку се применуваат во заробен систем и заробена држава“, велат од Коалицијата.

Што треба да направи државата?

Во таа насока, од Коалицијата „Сите за правично судење“ велат дека е потребно во Македонија да се зајакнат стандардите за самостојност на судиите, како и да се овозможат предуслови за независно постапување без политички притисоци и без влијанија при донесувањето на одлуките.

Од Коалицијата подвлекуваат дека е потребно да се реформира системот за дисциплински постапки и за разрешување на судиите во согласност со препораките на ЕУ и Венецијанската комисија, да се обезбедат ресурси за СЈО и целосна поддршка,  да се развие сериозна стратегија за реформи во правосудството и да се развие акциониот план за решавање на преостанатите недостатоци на одржлив начин и да се развие веродостојна евиденција за борба против корупцијата на високо ниво, вклучувајќи поврат на средствата.

Што да се направи во поглед на работата на обвинителството, судовите и адвокатите?

Во врска со ова прашање, од Коалицијата истакнуваат дека во државата е неопходно зајакнување на контролата на достава со цел спроведување на уредно доставување на поканите, како и примена на мерките за обезбедување со цел присуство на сите учесници во постапките. Потребно е обезбедување на пристап до доказите за одбраната, како и доволно време за подготовка, имајќи предвид дека едно од основните права на обвинетиот е доволно време и можности за подготвување на својата одбрана, како и увид во списите со цел запознавање со доказите против него и во негова корист. При поуката за правата, велат од Коалицијата, потребно е судот да ги провери условите за добивање на бесплатна правна помош и да ги поучи обвинетите лица за тоа.

Воведниот говор кој го даваат странките во постапката треба да биде разбирлив и да овозможи јасно и концизно запознавање на судот за тоа што странката има намера да го докажува, како и за тоа кои решавачки факти ќе се обиде да ги докаже.

И при директното испитување прашањата треба да бидат јасни и прецизни, додека кај вкрстеното испитување да се користат прашања од затворен тип со кој се испитуваат сведоците кои ги предложила спротивната страна. Како што посочуваат од Коалицијата, интересен е податокот кој се однесува на подготвеноста на обвинителството и одбраната за директно испитување.

„Во последните 2 години имаме зголемен број на предмети во кои одбраната е соодветно подготвена при поставување на директни прашања, односно од 8 предмети во кои одбраната вршела директно испитување во 6 предмети оставила впечаток дека добро го владее случајот, во 2 предмети пак дека само делумно го владее случајот. Што се однесува до подготвеноста на обвинителството, од 20 случаи во 13 случаи обвинителството оставило впечаток дека го владее случајот, во 5 случаи – само делумно го владее и во 1 случај ОЈО оддавал впечаток дека не го владее случајот, а ваков процент не се појавува кај одбраната“, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“, од каде што заклучуваат дека одбраната, односно адвокатите се покажале  како поподготвени од обвинителството за директно испитување.

Исто така, додаваат од Коалицијата, признавањето на вина како право на обвинетиот потребно е да се образложи од страна на бранителот и да се укаже на него пред отпочнување на постапката, при што обвинетиот самостојно, без притисок, ќе одлучи дали да го искористи ова право.  Правото на обвинетиот на молчење да нема последици врз донесување на одлуката од страна на судот, а  судот да обезбеди рамноправност на странките во постапката и да се воздржи од несоодветна ex parte комуникација со обвинителството. Судот само по исклучок да предлага изведување на докази.

„Потребно е и овозможување на материјално-технички предуслови за забележување на текот на главната расправа, односно користење на современите техники на регистрирање утврдени со ЗКП. Принципот на јавност во судењето да се запази и преку јавно објавување на местото и времето на судењето и  да се утврди можност за оспорување на преводот доколку странката се сомнева дека е некомпетентен или пристрасен, имајќи го предвид суштинското значење за остварување на фер и правично судење“, нагласуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Од Коалицијата резимираат дека е потребно судот задолжително да врши поука за правото на жалба, како и за правото на одговор по жалба кое како гаранција е утврдено со членот 2 од Протоколот 7 кон Европската конвенција за човекови права, во кој се предвидува правото на жалба во кривични дела.

М.В