/ Прочитано:

1.317

Судски процес во Минхен против двајца поранешни агенти на УДБА

Петок, 17 октомври 2014 – Хрватите Здравко Мустач и Јосип Перковиќ, двајцата поранешни агенти на југословенската тајна служба УДБА, од денеска се пред суд во Минхен, пренесува Дојче Веле.

Поранешните агенти Јосип Перковиќ и Здравко Мустач се обвинети за соучество во убиството на Хрватот во егзил Стјепан Ѓурековиќ, извршено во 1983 година во Волфратсхаузен кај Минхен. Предвидено е судскиот процес да има 50 рочишта. Пресудата, најверојатно, ќе биде донесена дури на крајот на 2015 година.

Според досегашните информации, обвинението се темели врз двајца главни сведоци. Сепак, процесот би можел да биде пример за расчистување на најмалку 29 убиства извршени во Германија од страна на југословенската тајна служба.

Во историјата на европското право досега немало ваков пример. Во судот во Минхен се одржува процес за двајца поранешни офицери во тајната служба на една земја која веќе ја нема – Југославија. Мустач и Перковиќ се првите обвинети кои се испорачани од Хрватска во Германија врз основа на Европскиот налог за апсење.

Хрватска долго време се противеше на испораката. Само три дена пред земјата да стане членка на ЕУ, хрватскиот парламент донесе закон со кој испораката во ЕУ требаше да се ограничи само за случаи од 2002 година наваму. И тоа беше ново за Европа – една земја кандидат краткорочно ги менува правилата на игра за кои дала согласност во текот на осумте долги години процес на приклучување.

Во случајот на Мустач и Перковиќ, налозите за апсење што ги издаде Германија, имаат основа. Она што е пикантно е фактот дека синот на Перковиќ, Саша, до денес работи како советник за безбедност на хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ. Тој е социјалдемократ со висок углед во ЕУ и кај групите за човекови права во ЈИЕ. Но, семејството на Јосиповиќ и неговиот политички темел се тесно испреплетени со структури од поранешна социјалистичка Југославија. Тоа во најмладата членка на ЕУ, како што се чини, го спречува расчистувањето на злосторствата од југлосвенското време.

Соработниците на тајната југословенска служба, по распадот на државата, се разделија меѓу себе исто како државите наследници на СФРЈ. А уште до крајот на 80-тите години заеднички го славеа заминувањето во пензија на двајца агенти кои учествуваа во „борбата против непријателската емиграција“.