/ Прочитано:

2.541

Светот го одбележува 18 октомври – Светскиот ден на борбата против трговијата со луѓе

Трговијата со луѓе е модерно ропство, распространет криминал во светот кој ги загрозува основните човекови права. Последните податоци на Обединетите нации покажуваат дека повеќе од три четвртини од децата и младите лица, кои се обидуваат да мигрираат во Европа преку Средоземното Море, се жртви на трговија со луѓе. Трговијата со луѓе е вториот најголем извор на профит за организиран криминал по дрогата, предупредува Организацијата на Обединетите нации (ООН), по повод Светскиот ден на борба против трговијата со луѓе.

Трговијата со луѓе е вториот најголем извор на профит за организиран криминал по дрогата, предупредува Организацијата на Обединетите нации (ООН), по повод 18 октомври, Светскиот ден на борба против трговијата со луѓе.

Станува збор за модерно ропство, распространет криминал во светот кој ги загрозува основните човекови права. Последните податоци на Обединетите нации покажуваат дека повеќе од три четвртини од децата и младите лица, кои се обидуваат да мигрираат во Европа преку Средоземното Море, се жртви на трговија со луѓе. Со цел да се преземат сериозни мерки за сузбивање на трговијата со луѓе, светската организација спроведе истражување во кое беа опфатени 22 000 мигранти и бегалци, меѓу кои и 11 000 деца и млади лица. Податоците обработени од страна на Детскиот фонд при ОН (УНИЦЕФ) и Меѓународната организација за миграција (ИОМ) покажуваат дека младите мигранти од Северна Африка се најмногу изложени на ризик од злоставување. Двете организации истакнуваат дека дури 77 проценти од децата и младите мигранти кои се обидуваат да стигнат во Европа преку Средоземното Море имаат директно искуство со злоупотреба, експлоатација и трговија со луѓе.

„Апсолутна вистина е дека децата што го преминуваат Средоземното Море се жртви на злоупотреба, трговија, малтретирање и дискриминација“, потенцира регионалниот директор на УНИЦЕФ за Европа, Афшан Кан.

Во оваа насока, европските лидери потсетуваат дека борбата против трговијата со луѓе е еден од главните приоритети на Советот на Европа и нагласуваат дека во 2010 година Европската комисија усвои нова директива со која се обезбедува подобра заштита на жртвите од трговија со луѓе.

Со цел подигнување на јавната свест за сериозноста на проблемот со трговијата со луѓе, Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена порта“ реализираше едномесечна кампања. Нивните податоци покажуваат дека во Македонија минатата година шест лица биле идентификувани како жртви на трговија со луѓе, додека во соседните држави се идентификувани 100 до 150 лица. Но, тие нагласуваат дека бројот на лица кои се жртви на трговијата со луѓе е многу поголем.

„Сите жртви од минатата година се од женски пол, од кои три се малолетнички и три се возрасни лица. Петмина од жртвите се со македонско државјанство и само еден е со странско државјанство. Петмина од нив биле сексуално злоставувани и една била присилена на брак. ‘Отворена порта’ (Ла Страда) со цел да ја подигне свеста и да ги охрабри оние што се засегнати од овој проблем организираше кампања за да се актуелизира овој сериозен проблем. Едномесечната кампања ‘Што гледаш? Биди нивниот глас!’ е насочена кон севкупната јавност и има за цел да ја подигне јавната свест и да ги поттикне граѓаните да побараат совет, информација и да пријават трговија со луѓе“, истакнуваат од „Отворена порта“.

Според Снежана Санева од Комисијата за борба против трговијата со луѓе во Општина Штип, најризична група се тинејџерите, односно лицата на возраст од 13 до 18 години. Токму затоа, тие како Комисија заедно со Одделението за образование во Општина Штип денеска ги повикале средношколците да слушнат и да бидат дел од трибината како да се препознае трговијата со луѓе.

Во текот на септември, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, најави формирање специјална единица за борба против трговијата со луѓе и шверцување мигранти, како и повторно формирање мобилни тимови за идентификација на жртвите на трговијата со луѓе.

Во својата изјава, министерот Спасовски истакна дека во соработка со експерт од Европската Унија е изработен нов Закон за азил и веќе е доставен до ЕУ на мислење. Исто така, во завршна фаза е и текстот на Законот за странци усогласен со регулативите на ЕУ.

А. Б.