/ Прочитано:

1.050

Светот го одбележува Меѓународниот ден на присилни исчезнувања без трага

Голем број меѓународни организации изразија загриженост од последните податоци за бројот на исчезнати луѓе како последица на оружени судири, злосторства против човештвото или кршење на човековите права, а чија судбина и место на закопување не се познати. Организацијата „Репортери без граници“, одбележувајќи го Меѓународниот ден на присилни исчезнувања без трага, посочува дека дури и во 21 век сè поголем е бројот на државите што се однесуваат како на „натпревар за отстранување на што поголем број ‘проблематични’ новинари“.

Светот го одбележа 30 август, Меѓународниот ден на жртвите на присилни исчезнувања без трага, при што голем број меѓународни организации изразија загриженост од последните податоци за бројот на исчезнати луѓе како последица на оружени судири, злосторства против човештвото или кршење на човековите права, а чија судбина и место на закопување не се познати.

Меѓународната организација за миграција (ИОМ) соопшти дека само во последниве три години, без да им се знае каква било трага, исчезнале 23.000 мигранти и бегалци, а во последните 20 години, бројот на загинати и исчезнати по миграциските маршрути е околу 60.000 лица. ИОМ по повод Меѓународниот ден на жртвите на присилни исчезнувања без трага соопшти дека има и многу случаи на смрт или исчезнување кои се соопштуваат, но не се регистрираат, бидејќи, како што појаснуваат, голем број од телата на загинатите не можат да бидат пронајдени или идентификувани.

Според Меѓународната организација за миграција, најсмртоносната маршрута е преку Средоземно Море, особено поради фактот дека само во 2013 година на патот од Северна Африка кон брегот на Италија, загинале околу 15.000 мигранти.

И организацијата „Репортери без граници“, одбележувајќи го овој ден, посочува дека дури и во 21 век сè поголем е бројот на државите што се однесуваат како на „натпревар за отстранување на што поголем број ‘проблематични’ новинари“.

Во својот последен извештај, „Репортери без граници“ пишува:

„Давид Исак, Жан Бигирман, Акрам Раслан, Кифер …. Овие новинари имаат една заедничка карактеристика. Тие одеднаш исчезнаа, оставајќи ги своите најблиски во бескрајна агонија. Сите беа жртви на ‘насилни исчезнувања’. Во некои држави, новинарите ‘исчезнуваат преку ноќ’, бидејќи одредени лица или групи со поддршка на владите на тие држави ги апсат, киднапираат и вршат невидена тортура врз ‘проблематичните новинари’, односно ја крадат слободата на професионалците што го креваат гласот кој мора да молчи. Според податоците во последните години, масовни апсења врз новинари имаше во Турција, Сирија и во голем број азиски држави. Во Сирија, вонсудските егзекуции станаа стандардна практика под режимот на Башар ал Асад. Меѓутоа, од 2011 година, како резултат на ‘исчезнувањата’ има повеќе од 65.000 жртви, меѓу кои многу новинари и блогери“.

Оние што располагаат со информации против властите, пишува во својот извештај „Репортери без граници“, се главна цел на неутрализирање или елиминирање, а тоа подразбира „исчезнување и на новинарот кој ја објавил приказната во јавноста, но и на сведоците, односно неговите извори на информации“.

Токму затоа „Репортери без граници“, Светската фондација за човековите права, „Амнести интернешнл“, „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) и други меѓународни организации апелираат до Обединетите нации и до владите на државите да преземат конкретни мерки за борба против оваа сериозна појава и да дејствуваат во насока на заштита од тортура, малтретирање и насилно исчезнување на ранливите категории луѓе, како што се бегалците, луѓето што живеат во воени зони и новинарите.

А. Б.