/ Прочитано:

2.347

Светски економски форум во Давос: Лидерите мора да се фокусираат на намалување на социјалната нееднаквост во светот

Претседателката на Швајцарската Конфедерација Дорис Летард, која го отвори настанот, нагласи дека во текот на изминатите години светот се соочуваше со глобални предизвици и со фундаментални промени за кои се потребни итни решенија. „Екстремизмот, насилството и конфликтите ги доближија интересите на државите од аспект на зголемување на безбедноста. Европската Унија, која години наназад стоеше на исклучително цврста основа, сега е исправена пред сериозни предизвици и пред клучни прашања кои мора да ги реши. Во многу региони во светот, национализмот се наметнува сè повеќе и веќе претставува голема закана. Ваквите случувања ги следиме со загриженост бидејќи тие се поголема пречка за кохезија на меѓународната заедница, како и за создавање економски и политички меѓународни односи“, изјави Летард.  

Давос Форум

Светската економска и политичка елита денеска се собра во зимскиот центар Давос, во Швајцарија, на отворањето на Светскиот економски форум, кој ќе трае до 20 јануари, а на него ќе учествуваат делегации од повеќе од 70 земји. Официјалната тема на Форумот е „Одговорно и реактивно лидерство“, на која ќе дебатираат точно 3 000 учесници, меѓу кои сопственици и лидери на повеќе од 1 000 големи корпорации и банки, како и претставници на околу 70 невладини организации.

Претседателката на Швајцарската Конфедерација Дорис Летард, која го отвори настанот, нагласи дека во текот на изминатите години светот се соочуваше со глобални предизвици и со фундаментални промени за кои се потребни итни решенија.

„Екстремизмот, насилството и конфликтите ги доближија интересите на државите од аспект на зголемување на безбедноста. Европската Унија, која години наназад стоеше на исклучително цврста основа, сега е исправена пред сериозни предизвици и пред клучни прашања кои мора да ги реши. Во многу региони во светот, национализмот се наметнува сè повеќе и веќе претставува голема закана. Ваквите случувања ги следиме со загриженост бидејќи тие се поголема пречка за кохезија на меѓународната заедница, како и за создавање економски и политички меѓународни односи“, изјави Летард.  

Таа додаде дека сè поголемата социјална нееднаквост во светот е главниот фактор на ризик, на кој лидерите треба да посветат огромно внимание во наредните години.

Ова беше наведено и во истражувањето од страна на хуманитарната организација „Окфам“ која потенцираше дека вкупното богатство на осум поединци во светот е еднакво на она што го поседуваат 3,6 милијарди луѓе, што всушност е половина од светската популација.

„Ние имаме економски систем кој е деформиран така што од него има корист само еден процент од населението. Системот е намерно и свесно направен во корист на еден процент од населението и на штета на останатите 99 проценти. Затоа имаме толку милијардери што поседуваат богатство колку половина свет, а можат да седнат сите заедно во еден автомобил“, предупредува Метју Спенсер од „Оксфам“.    

За првпат во 47-годишната историја од постоењето, на Светскиот економски форум е присутна и Кина. Претседателот Шји Џјинпинг, кој на Форумот дојде со најбројна делегација, изјави дека се залага за развој на слободната трговија во светот.

„Мора да останеме посветени на слободната трговија и на инвестициите. Мора да промовираме либерализација на трговијата и на инвестициите. Никој нема да излезе победник во трговската војна. Сакале ние или не, економијата е голем океан од кој не може да се избега“, изјави кинескиот претседател на отворањето на Светскиот економски форум во Давос.

Според организаторите на Форумот, претставниците на развиените земји во светот треба да му дадат предност на животниот стандард како најдобар показател на економските перформанси.

А. Б.