/ Прочитано:

1.283

ТЕЧЕ РОКОТ: Кривичниот совет во рок од 48 часа треба да одлучува по жалбите за притворот за осомничените во предметот „Титаник“

Тоа значи дека Кривичниот совет ќе постапува за сите осум лица за кои беше одбиен предлогот за притвор, а дополнителен Kривичен совет ќе одлучува за жалбата што се однесува на издвоениот предлог во кој беше опфатен членот на Општинска изборна комисија на Чаир.

????????????????????????????????????

Кривичниот совет од Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 денеска го добил предметот со жалбите за сите осум одлуки на судијата на претходна постапка кој одлучуваше по предлог на Специјалното јавно обвинителство за определување на мерката притвор за осомничените лица во предметот „Титаник“.

Како што информираат од Кривичниот суд, со тоа е комплетиран предметот и тече рокот од 48 часа во кој Кривичниот совет треба да постапи по жалбите.

Тоа значи дека Кривичниот совет ќе постапува за сите осум лица за кои беше одбиен предлогот за притвор, а дополнителен Kривичен совет ќе одлучува за жалбата што се однесува на издвоениот предлог во кој беше опфатен членот на Општинска изборна комисија на Чаир.

Оттаму велат дека кога Кривичниот совет ќе донесе одлука, таа ќе биде јавно достапна.

Во текот на вчерашниот ден на распит во Кривичниот суд беше поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Таа е осомничена за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 1 и „повреда на избирачкото право“ од чл. 159 ст. 2 в.в. со ст.1 в.в. со чл. 45. Освен Јанкулоска, вчера на распит во Судот бил и генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Кирил Божиновски. Тој е осомничен за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 1 и „злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања“.

Пред судија на претходна постапка вчера било изведено лицето К.Т. осомничено дека ги сторило кривичните дела „злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 2 и „повреда на избирачкото право“ и лицето Н.В. кое е осомничено дека ги сторило кривичните дела „злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 2 и „повреда на избирачко право“.

За сите осомничени беше донесено решение со кое се отфрла предлогот на Специјалното јавно обвинителство.

Во петокот, на распит пред судија на претходна постапка беше изведен поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и градоначалникот на Општина Пустец, Албанија, Едмонд Темелко. Јанакиески е осомничен за делата „злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 1, „поткуп при избори и гласање“ и „уништување на изборен материјал“. Темелко, пак, е осомничен за делата „злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 2, „повреда на избирачко право“ и „поткуп при избори и гласање“.

Судот го отфрли предлогот на Специјалното јавно обвинителство за определување притвор за осомничените. За Темелко беше определена превентивна мерка – јавување во Судот во Ресен еднаш неделно. Предлогот за определување притвор беше отфрлен уште за две лица кои исто така беа сослушани во петокот.

За поранешниот член на Општинска изборна комисија на Чаир, Исмет Гури, Судот определи мерка за претпазливост, односно забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица.

Истражната постапка за предметот „Титаник“ продолжува понатаму, потенцираат од Специјалното јавно обвинителство. Барањата за притвор за лицата осомничени за изборни нерегуларности биле доставени со цел да се обезбеди присуство на осомничените.

КРИВИЧЕН СУД: Одбиен предлогот за притвор за Јанкулоска и за Божиновски

КРИВИЧЕН СУД: Мерка за претпазливост за Исмет Гури