/ Прочитано:

8.109

ТЕКСТОТ НА ПРЕДЛОГ-ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ КОИ СЕ ВО ФАЗА НА ПОДГОТОВКА

Министерството за правда го објави Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот. Во објавената верзија на текстот на законот се содржани и мислењата и предлозите за законските измени од страна на Нотарската комора на Република Македонија, Адвокатската комора на Република Македонија и Стопанската комора на Република Македонија.

„ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ“

Во текстот на предложените измени се регулира прашањето за именувањето нотар и бројот на именуваните нотари, за кои, како што стои во текстот, АКРМ предлага бројот на именуваните нотари во Република Македонија да не може да се ограничи. Во врска со причините за престанок на службата на нотарот, по предлог на Нотарската комора, како причина за престанок на службата се дополнува и исполнувањето на условите за пензија во согласност со Законот за работни односи.

Од АКРМ, пак, предлагаат причина за престанок на службата да биде и вршењето адвокатски дејствија, давање правни совети, состав на приватни исправи, изјави, поднесоци, застапување и др. од страна на нотарот, заменик нотарот и/или вработените во неговата канцеларија.

Од Нотарската комора предлагаат слободен избор на нотар. Во таа насока, од Нотарската комора предлагаат во договорите за пренос на ствари или права, за залог или хипотека, договорните страни, без оглед дали се правни или физички лица, да имаат право на слободен избор на нотар на чие службено подрачје се наоѓа недвижноста, а за подвижни предмети, нотарот на чие службено подрачје се наоѓа предметот на залог, или живеалиштето, односно седиштето на заложниот должник.

Исто така, од Нотарската комора предлагаат и забрана на нелојалната конкуренција, па во таа смисла, нотарот не смее со странка да договара и наплати награда спротивно на нотарската тарифа. Секој граѓанин како и нотар кој има такви сознанија за друг нотар е должен случајот веднаш да го пријави во Нотарската комора.

Во врска со забраната за вршење на друга дејност или функција, од АКРМ предлагаат забрана на нотарот да врши адвокатски дејствија. Нотарот не смее да врши адвокатски дејствија, давање правни совети,  состав на приватни исправи, изјави, поднесоци, застапување и др.

Во предложените измени се определува дека нотарски акт е задолжителен за: а) сите правни работи кои лично ги преземаат глуви лица кои не знаат  да читаат или неми лица кои не знаат да пишуваат, освен во случаи предвидени со овој или друг закон; б) договори за располагање со имот на малолетни лица и лица на кои им е одземена или ограничена деловната способност и (в) други правни работи и изјави за кои со закон е предвидено дека мора да бидат составени во форма на нотарски акт.

Од АКРМ коментираат дека законското решение дека „нотарот е должен да состави нотарски акт доколку тоа го побараат учесниците во постапката“ е неприфатливо бидејќи претставува начин за целосно исфрлање на приватните исправи и составување нотарски акти како единствен начин.

„Неопходно е законот стриктно да регулира во кои правни ситуации се составува нотарски акт и дека не може да се составува нотарски акт вон тие правни ситуации, туку дека тие се приватни исправи. Приватната исправа е доминантна во сите правни системи, дури во напредните правни системи е непотребно легализирање на потписите на приватните исправи. Оставањето простор јавна исправа (нотарски акт) да се составува во секоја ситуација кога странката ќе побара претставува вовед во административно уредување. Јавна исправа не може да се составува по желба на странка, туку само таму каде што е општествено оправдано државата да задира во приватните односи кои мора да бидат слободни и доминантни и стриктно наведени само во Законот за нотаријат. Во досегашното 20-годишно постоење на нотаријатот не постои нотар кој на странката ѝ има укажано дека солемнизацијата има ист правен ефект како и нотарскиот акт, но со солемнизирање приватна исправа под формата на ‘странката бараше’ ќе продолжи преземањето на составот на приватните исправи од страна на нотарите“, коментираат од АКРМ.

За членoт 54 од Законот кој се однесува на составувањето на нотарскиот акт и кој гласи „нотарскиот акт се смета дека е составен откако ќе го потпишат сите учесници, адвокатите како полномошници, странки и нотарот“, во измените се предлага   по зборот „учесници“ да се додадат зборовите „во  постапката и нотарот“,  а зборовите до крајот на реченицата се бришат.

На ваквото решение од АКРМ истакнуваат дека додавањето на зборот „други полномошници“ нема законска основа бидејќи во нотарската постапка стриктно мора да се дефинира кој може да биде полномошник и тоа се прави со постојниот закон. Таквата одредба отвора влез за надриписарство.

За потврдување на приватни исправи (солемнизација), во предложените измени се предлага следново:

Член 22

Членот 55 се менува и гласи:

„(1) За правните работи врз основа на кои се стекнува, престанува, пренесува или ограничува право на сопственост или друго право на  недвижност или права за кои се водат јавни книги, доколку исправата не биде составена во форма на нотарски акт, странките се должни приватната исправа да ја потврдат (солемнизираат) кај нотар.

(2) Приватната исправа од ставот (1) на овој член, доколку се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, освен доколку една од страните е Република Македонија, државни органи, органи на локална самоуправа, како и трговски друштва во кои државата е со мнозинство сопственост на капиталот задолжително треба да биде составена од:

– адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис или

– лице – дипломиран правник со положен правосуден испит кое со странката е во работен однос.

(3) Нотарот ќе испита дали приватната исправа е во согласност со членот 3 став (3), членовите 29, 30, 31, 32 и 54 од овој закон и ако за тоа не најде пречка, ќе ја потврди (солемнизира).

(4) Ако приватната исправа според содржината не го содржи она што е предвидено во член 65 од овој член, по барање на странките, нотарот ќе сочини нотарски акт, кон кој ќе ја пришие приватната исправа и таа ќе се смета за негов составен дел.

(5) Приватната исправа, која е потврдена (солемнизирана) во согласност со овој закон, има својство на јавна исправа.“

 Алтернатива од Нотарската комора

 Во членот 55 ставот (1) се менува и гласи:

„(1) Правните работи врз основа на кои се стекнува, престанува, пренесува или ограничува право на сопственост или друго право на  недвижност или права за кои се водат јавни книги, доколку исправата не биде составена во форма на нотарски акт, странките се должни приватната исправа да ја потврдат (солемнизираат ) кај нотар.“

Ставот (2) се брише.

Ставовите (3) и (4) стануваат ставови (2) и (3).

По ставот (3), се додава нов став (4) кој гласи:

„(4) Ако приватната исправа според содржината не го содржи она што е предвидено во член 65 од овој член, по барање на странките, нотарот ќе сочини нотарски акт, кон кој ќе ја пришие приватната исправа и таа ќе се смета за негов составен дел“.

Алтернатива од Стопанска комора

Член 55 став (2) од Законот за нотаријат

Алтернатива 1: Во членот 55 став (2) се брише.

Алтернатива 2: Член 55 став (2) се менува и гласи:

(2) Приватната исправа од ставот (1) на овој член, доколку се работи за правна работа со вредност над 15.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, задолжително треба да биде составена од:

– адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис или

– лице – дипломиран правник со положен правосуден испит кое со странката е во работен однос.

Алтернатива на АКРМ

Во член 55 став (2), во првата реченица зборот „10.000 евра“ се заменува со „5.000 евра“.

Втората  реченица се брише. Да остане постојното законско решение.

Коментар на АКРМ: Предлогот на Стопанската комора приватните исправи да ги составуваат дипломирани правници вработени кај странката е противуставен бидејќи нелиценцирани правници со овој закон  се изедначуваат со адвокатите и им се дава законска можност да понудат правна помош. Во согласност со член 53 од Уставот и Законот за адвокатура, адвокатурата претставува единствена јавна служба која дава правна помош. Овој коментар се однесува на сите одредби каде што комората предлага внесување на вработените правници во нотарските постапки.

Од АКРМ во врска со Предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог сметаат дека алтернативата за непосредно поднесување предлози за издавање на платен налог на износи до 10.000 денари е неуставна, бидејќи во тие износи спаѓаат и сметки за мобилни телефони, електрична и топлинска енергија и други комунални услуги кои на пазарот немаат поинаква улога во однос на сите други учесници на пазарот. Само по себе тоа решение е противуставно поради што е покрената и поведена постапка од страна на Уставниот суд по однос на идентичните такви одредби за непосредно поднесување на предлози за извршување во Законот за извршување како спротивни на член 55 од Уставот.

Од АКРМ во врска со јавните исправи бараат и усогласување со Законот за парничната постапка. За АКРМ, исто така, нема оправдување само нотарската награда да биде заштитена со законот, а адвокатската награда да биде избришана кога законот предвидува задолжително учество на адвокатите во постапката.

Во новите предложени измени, кои се во фаза на подготовка, се предлага бришење на ставот 2 од членот 147 со кој се определува дека при расправањето за оставината задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците. Во таа насока се предлага и бришење на поврзаните одредби во врска со трошоците на адвокатот.

Од АКРМ во текстот на Предлог законот, за присуството на адвокатот во постапките пред нотар, во согласност со решението на Уставниот суд на РМ, истакнуваат дека присуството на адвокати претставува гарант за правната сигурност на граѓаните, па доколку законското решение на нотарскиот платен налог е без учество на адвoкати, со бришењето на овие одредби ќе продолжат да се применуваат одредбите кои се однесуваат на судски платен налог.

„За учеството и присуството на адвокат во постапките пред нотар, воведено со важечкиот Закон за нотаријат, оценето е дека е во согласност со Уставот на РМ и дека претставува зголемување на правната сигурност на граѓаните. Ова експлицитно е констатирано од страна на Уставниот суд во решението број 141/2016-0-0 од 5.7.2017 година и не е поведена постапка за оценување  на уставноста на член 30, ст.4, член 54 ст.4, член 55 ст.2, член 56 ст.3, член 68 ст.2,3 и член 147 ст.2 и член 153. ст.7 од Законот за нотаријат. Уставноста на став 7 од член 153 е потврдена со решение на Уставниот суд на РМ, број 141/2016-0-0 од 5.7.2017 година и нема оправдување за бришењето на таа одредба која е на штета на адвокатите и на адвокатските трошоци им дава различен третман од нотарските кои стануваат предуслов за пристап до нотарите.

Текстот на измените е објавен на следниов линк, каде што граѓаните и сите професионално засегнати страни можат да даваат коментари.

Текстот на предлог-измените на Законот за извршување кои се во фаза на подготовка

M.В