/ Прочитано:

2.687

Тинејџери од САД обвинети за расистички графити ќе мораат да прочитаат 35 книги

Казната што им ја изрече судијата е да прочитаат 35 книги, меѓу кои и „Бојата на пурпурот“ од Алис Вокер, „Искушение“ од Артур Милер, „Ловец на змејови“ и „Илјада неверојатни сонца“ од Халед Хосеини, за да можат вистински да го осознаат значењето на антисемитизмот и расизмот. Освен тоа, момчињата ќе мора да изгледаат и 14 филма, меѓу кои филмот добитник на наградата Оскар „12 години ропство“ и филмот „Линколн“. Исто така, тие ќе мора да посетат два музеи, да ја погледнат изложбата за затворањето на Јапонци за време на Втората светска војна и да напишат есеј во кој акцентот ќе го стават на различностите меѓу луѓето: полот, расата, религијата, со што ќе ја промовираат толеранцијата како најголема вредност.

Петмина тинејџери во сојузната држава Вирџинија се прогласени за виновни за цртање на расистички, антисемитистички и навредливи графити на ѕидовите од зградата на афроамериканското училиште во градот Ашбрн. Имено, момчињата нацртале свастики, диносауруси и сексуално експлицитни слики и напишале „моќ на белците“ и „моќ на обоените“ , а казната што им ја изрече судијата е да прочитаат 35 книги, меѓу кои и „Бојата на пурпурот“ од Алис Вокер, „Искушение“ од Артур Милер, „Ловец на змејови“ и „Илјада неверојатни сонца“ од Халед Хосеини, за да можат вистински да го осознаат значењето на антисемитизмот и расизмот. Сите 35 книги на листата опфаќаат теми за расизам, за родова еднаквост, за религија или за војна.

Освен тоа, момчињата ќе мора да изгледаат и 14 филма, меѓу кои филмот добитник на наградата Оскар „12 години ропство“ и филмот „Линколн“. Исто така, тие ќе мора да посетат два музеи, да ја погледнат изложбата за затворањето на Јапонци за време на Втората светска војна и да напишат есеј во кој акцентот ќе го стават на различностите меѓу луѓето: полот, расата, религијата, со што ќе ја промовираат толеранцијата како најголема вредност.

Во статијата на „Гардијан“ се наведува дека државната обвинителка во округот Лоудан, Алекс Руеда, смета дека казната е соодветна бидејќи според неа момчињата воопшто не биле свесни што направиле.

„Ниедно од момчињата претходно нема никакво криминално досие. Досега никогаш не биле во неволја и повеќе од очигледно е дека ова нема расна основа. Тука повеќе станува збор за нивна непромислена постапка и за несфаќање на сериозноста на тоа што го направиле“, изјавила Руеда.

Казната, како што вели обвинителката Руеда, ќе ја подигне свеста на момчињата за тоа што значат графитите што ги исцртале на ѕидовите од училиштето, кое е отворено во 1892 година – 30 години по крајот на Американската граѓанска војна, со цел да се овозможи образование на децата црнци.

Според пресудата, тинејџерите секој месец ќе мора да поднесат извештај за книга или филм. Во есејот што задолжително ќе мора да го напишат, ќе треба да ги објаснат пораките кои ги праќаат свастиките, односно симболите за супериорност на белата раса.

„Да се надеваме дека она што ќе го научат оваа година е поголемо вреднување на родот, расата, религијата, толеранцијата. И тогаш, кога ќе излезат во светот, тие ќе бидат учители“, истакнал судијата при изрекување на казната.

Инаку, ова не е првпат судија да користи листа на задолжителни книги како прекршочна казна. Во септември 2016 година, италијански судија му изрече казна на  15-годишно девојче дел од синџир на детска проституција, кое морало да прочита 30 книги со феминистичка содржина за да ја разбере штетата што му  била нанесена.

А. Б.