/ Прочитано:

1.054

Томас Фишер, судија во Врховниот суд на СР Германија: „Лесно е да се студира право!“

Томас Фишер, судија во Сојузниот врховен суд на Германија и претседател на Вториот кривичен сенат на Судот, пред очи има само една вистина: лесно е да се студира право. Во разговор за еден од тамошните влијателни неделници, Фишер објаснува зошто правните факултети во земјата интелектуално пропаѓаат и ги споредува со нивните пандани во Америка. Според него, оној што завршил правни студии веќе постигнал некаков успех: се стекнал со занаетчиските алатки што ќе му помогнат да го разбере и да го обликува светот. Дали ќе биде успешен или не – малку зависи од просечната оценка. Каде се крие вистинскиот дострел – пренесуваме во дел од изворното интервју.

Господине Фишер, дали правните студии се добра подготовка за правничките професии? – Секако дека не. Што им недостига на дипломците? – Најчесто социјално-психолошки компетенции. За нив не се предава на факултет: способноста за преговарање не се стекнува во факултетските клупи. Дотолку повеќе, на многумина им недостига поажурен пристап кон комуницирањето. Зошто е важно тоа? Правото е наука што се занимава исклучиво со јазикот. Штом еднаш влезете во барабанот на работното секојдневие, мора да држите говори, да браните ставови, да решавате конфликтни ситуации и, пред сè, да имате сочувство за туѓинци. Може ли да се учи за тоа на факултет? – Во англоамериканското говорно подрачје, професорите постојано ги тераат студентите да го искажат своето мислење и да се соочат со спротивставени гледишта. Тие, значи, од самиот почеток се наоѓаат во систем што ги оспособува за стапување во правничка професија. Во Германија не е така?

– Не. Кај нас може дванаесет семестри да седите во последниот ред и да не кажете ни збор. Оној што се срами јавно да зборува, што не умее добро да се служи со јазикот, што не знае да го употреби конјунктивот, ќе трпи трагични последици: излегол од факултет, може да разработи поедини случаи, но набрзо ќе забележи дека во својство на адвокат или на судија, всушност, има страв од луѓето. Исто е како и со некои лекари што би биле пресреќни – само да нема пациенти.

Зошто нема предавања за преговарање и за дискутирање?

– Предавања што не пренесуваат знаење за испит нема од едноставна причина што мнозинство од студентите нема да реагираат на нив. Студентот мисли дека од него се бара да ја вложи сета своја енергија во учење на испитниот материјал напамет и не сака да се занимава со ништо друго.

Зарем толку лоша е ситуацијата?

– Ќе ви дадам еден пример: студентите седат на предавање по вовед во граѓанско право и чекаат да добијат шема според која би можеле да дојдат до решение за одреден спор. Шемата си ја запишуваат на картички, заедно со најважните поими и со сите придружни дефиниции и, подоцна, сето тоа го учат напамет, што е сосема погрешно.

Зошто?

– Оној што учи така, секогаш ќе си има мака. Студентите не може ништо да ги одврати од таа практика, иако од неа немаат никаква корист: актуелните испитни резултати се полоши од кога било досега: 25 до 30 отсто од студентите не положуваат, а мнозинството од другите добиваат само просечни оценки.

На студентот, сепак, не му преостанува ништо друго освен многу да учи.

– Правните студии не се тешки; ми се чинат дури и полесни од студиите по физика, по лингвистика или по електротехника. На студентите им останува доволно време како за читање така и за средби за дискусија со колегите.

Повеќето студенти по право, веројатно, нема да се сложат со ставот дека имаат доволно време.

– Можеби е така, но целта на правните студии не е да пренесуваат купишта знаење; не значи дека сте зрели за полагање на државниот испит ако ги знаете напамет обемните збирки закони или, пак, ако наизуст можете површно да повторувате одлуки на Сојузниот уставен суд. Секој случај е случај за себе. Знаете ли која е разликата помеѓу студентот по медицина и студентот по право? Ако на студентот по медицина му дадете телефонски именик и му речете да го научи напамет, тој ќе ве праша: „До кога?“. Студентот по право, за истата задача ќе ве праша: „Зошто?“.

Баш смешно!

Баш така! Сè е насочено кон прашањата: зошто е така, смее ли така да се прави, кој го дозволил тоа? За да се стигне до одговорите, секако, мора добро да се извежбаат стручниот јазик и стручното мислење, а во тоа, впрочем, и се состои голем дел од студиите. Најважно, сепак, е да на се ограничувате на поединечен случај и да научите како систематски да дојдете до нормативни правила што би можеле да се применуваат при решавањето и на други случаи.

На колкумина им поаѓа тоа од рака?

На талентираните студенти сигурно им успева, меѓутоа на студиите по право имаме голем број ненадарени луѓе што не можат да го постигнат истото. Учењето, едноставно, не им вродува со плод. Пример за оваа бесмислица се бедните репетиториуми што наголемо се посетуваат.

Репетиториумот нема смисла?

Да, учење набрзина, точка по точка. Тоа што репетиториумот најчесто е крунисан со успех е поради фактот што студентите дебело платиле за него, па затоа и вложиле многу повеќе труд. Ако студентите се организираат во помала и попрегледна група за повторување на материјалот, би можело да се дојде до еднаков успех. Едноставно, не треба да се повторуваат стотици лоши ами десетина добри испитни прашања што може убаво да се промислат.

Што да прави студентот ако не го положи државниот испит?

Секако, по толкаво време поминато на студии не е добро во доцните дваесетти години од животот да ви кажат дека не сте подобни да ја облечете наметката. Меѓутоа може да се најде работа во издаваштвото или во медиумите. За правникот секогаш има алтернативи за работа.

Што би му порачале на студентот што завршил со слаб просечен успех?

За него можеби нема добри изгледи за вработување во некое адвокатско друштво во големите градови, но сигурно има шанси во помалите места. Оној што ги завршил студиите, значи, веќе постигнал некаков успех, се стекнал со занаетчиските алатки што ќе му помогнат да го разбере и да го обликува светот. Дали ќе биде успешен или не – тоа малку зависи од просечната оценка. Дури по полагањето на државниот испит вистински ќе се покаже дали лицето е подобно за правничка работа.

Точно ли е дека правните студии се подготовка, пред сè, за работа во судството?

– Токму така. Предавачите најчесто и не се упатени во подробностите на адвокатурата. Предавањата и испитните прашања се така обликувани, што секогаш се бараат решенија од гледен агол на судот: каква е правната состојба, кој е виновен, кој треба да се казни. Значи, не се пренесува никакво знаење за адвокатурата.

Што би опфатило тоа?

– На пример, како да направам издржана споредба? Како да составам еден договор за да може мојот клиент од него да извлече само предности? На тоа поле, всушност, најмалку се пренесува знаење во врска со прашањето како да се гради односот со еден клиент или, пак, како најдобро да се организира една адвокатска канцеларија.

Се учи ли тоа за време на приправничкото стажирање?

– Не би рекол. На приправниците најчесто им се даваат задачи што немаат директна врска со професијата. Нивните претпоставени, односно нивните ментори, немаат волја или, пак, време да се грижат за нив. Приправникот доаѓа во понеделник, зема под рамо извесно досие и по две недели се појавува назад со свое мислење за случајот. Адвокатот што има улога на подучувач, секако, на крајот ќе му напише позитивна препорака.

Кога се учи она што не се стекнува за време на студиите?

– Во тој поглед нема општа подготовка. Оној што веќе знае што најмногу би сакал да работи како правник може да се обиде што порано да нижи искуства, на пример, како демонстратор на некоја катедра или како соработник во адвокатска канцеларија.

Се наоѓа ли лесно работа?

– Понекогаш, додека се најде нешто соодветно, може да потрае. Тогаш, најчесто мора и многу да се работи: петнаесет часа на ден или шест дена во неделата. Многумина почетници, се случува, по кусо време да го сменат работодавачот, зашто и не е работа од соништата да му стоите некому на располагање како соработник во секое време, а да Ве плаќа сосема малку.

Сепак, во големите адвокатски канцеларии има и големи пари за големата работа?

– Сè е релативно. Заблуда е да се мисли дека е рај на Земјата ако се зема почетничка плата од 80 илјади евра годишно, а со триесет години и до 140 илјади евра. На оној што се движи во тие социјални кругови му требаат скапа облека, бесно возило, а, богами, и соодветно опремен стан. Кон тоа, секако, треба да се додадат и даноците, како и придонесите за пензиското и за здравственото осигурување, и, ете, веќе отишла половина од големите пари што наводно се земаат во големите канцеларии. Оттаму, уште на почетокот на правничката кариера, секој треба добро да размисли дали сака да работи како адвокат-поединец, како партнер во поголемо друштво, како правник во некоја фирма, во некое здружение или, пак, во јавниот сектор.

Би ја препорачале ли некому својата работа како судија во Сојузниот врховен суд?

– Работата во Врховниот суд е сосема поинаква од сето она што мнозина го прочитале во некој криминалистички роман или што го виделе на филм. Врховните судии не се деноноќно на вечери со значајни министри, не се сезнајковци и имаат само ограничена моќ: одлучуваат за ревидирање пресуди на судовите на покраините од пониска инстанција. Не сослушуваат сведоци, не составуваат вештачења, не ги проценуваат самостојно доказите – тие само проверуваат дали претходните инстанции направиле некаква грешка во судската постапка. Тоа, понекогаш, може да биде досадно, но понекогаш и доста возбудливо. Да се биде врховен судија не е цел сама за себе, туку следува како логична алка на крајот од нечија долгогодишна правничка кариера.


Подготови: Далибор Стајиќ Објавено: 04.11.2014 Извор: ZEIT Campus Nr. 06/2014