/ Прочитано:

1.514

Транскрипти од „Ровер“ се предадени на специјалната обвинителка, тврди одбраната

Петок, 16 октомври 2015 – Имаме сигурни информации дека до специјалната обвинителка во врска со случајот „Ровер“ се предадени 18 транскрипти со повеќе од еден час разговори  во кои се вклучени лица од овој процес кои во голема мера го доведуваат во прашање легитимитетот на оваа постапка бидејќи се содржани елементи на подготвување и водење на процесот. Ова денеска го обелодени одбраната во случајот „Ровер“, за кој по трет пат почна судење во Основниот суд Скопје 1. 

Стартот на третото судење за случајот „Ровер“, во кој еден од обвинетите е поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, денеска се одложи за 2 декември поради неуредна покана за застапникот на обвиниението Лидија Раичевиќ-Вучкова.

На одлагањето на рочиштето му претходеше тензична атмосфера пропратена со расправии и викотници.

На почетокот на судењето, Бошкоски побара збор и му посочи на судијата Илија Трпков дека располага со основано сомнение дека и предметот „Кампања“, за кој беше осуден, и актуелниот, „Ровер“,  се предадени на специјалната обвинителка Катица Јанева.

„Катица Јанева ќе покрене предмет и против лицето Илија Трпков и неговата организација. Не ви давам легитимитет, вие сте најмалку судија, вие сте убиец и ќе си заминам од судницата“, рече тој и си замина од судницата.

По него стана и обвинетиот Зоран Трајковски, кој, исто така, излезе од судница истакнувајќи дека се сомнева во работата на судот.

Кратовалиев: постапката да се прекине – апсурдно е да се водат два паралелни процеси

Наводите на Бошкоски  ги потврди и неговиот адвокат Констанин Кратовалиев.

Имаме сигурни информации дека до специјалната обвинителка во врска со случајот „Ровер“ се предадени 18 транскрипти со повеќе од еден час разговори  во кои се вклучени лица од овој процес кои во голема мера го доведуваат во прашање легитимитетот на оваа постапка бидејќи се содржани елементи на подготвување и водење на процесот. Барам овој суд да ја прекине постапката сé додека материјалите доставени до специјалната обвинителка не бидат разгледани. Апсурдно е за едно дело да се водат два паралелни процеса“, рече Кратовалиев.

Судијата Илија Трпков рече дека досега немаат известување дека овој предмет ќе го работи специјалната обвинителка, а сé дотогаш тие ќе работат според законот. Тој побара, доколку странките не се задоволни од неговата работа, да побараат негово изземање.

Адвокатите со сомнеж за отсуството на обвинителката

Адвокатите изразија сомнеж и за отсуството на обвинителката. Тие побараа од судот до наредното рочиште да обезбеди докази за отсуството на Раичевиќ-Вучкова, како и да бидат информирани дали таа се’ уште е застапник на обвинението.

„Се надевам дека судот ќе констатира дека денешниот претрес се одложи поради отсуство на застапникот на обвинението. Барам до наредното рочиште, ако вие се’ уште го водите предметот, да не информирате за причините за кои не била доставена поканата. Мене покана во Охрид ми стигна уште пред 7 дена, а во Скопје не ја доставиле“, рече адвокатот Драган Гоџо.

„На поканата треба да стои причина за недоставување: не е најдено јавното обвинителство, се иселило итн.“, реагираше и адвокатот Димитар Савовски.

Одбраната исто така му забележа на судијата во однос првите четворица обвинети кои се товарат за извршување на убиството на Марјан Тушевски и Кире Јанев. Според адвокатите, во овој дел не се почитуваат законите, како и меѓународните договори и конвенции што Македонија ги има потпишано.

„Тие лица никогаш не се повикани согласно закон и затоа не треба да почне претресот. Не е утврдено ниту од која држава се , а ви ги осудувате веќе две пресуди“, речо адвокатот Дончо Наков.

Трпков реплицираше дека Апелациониот суд ваквите наводи на одбраната не ги ценел како процесни претпоставки поради кои не може да се одржи претрес.

Апелациониот суд Скопје досега на два пати ја укинува првостепената пресуда за „Ровер“ поради низа пропусти и неутврдена фактичка состојба.

Со пресудата на Кривичниот суд, Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ доби 15 години затвор, Бошкоски доби затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk