/ Прочитано:

1.633

Транспарентноста на Европскиот суд за човековите права треба да биде пример за македонските судови

Транспарентноста на Европскиот суд за човековите права треба да биде пример за македонските судови, вели поранешната судијка во Европскиот суд за човековите права, д-р Мирјана Лазарова – Трајковска.

Македонските судови, вели д-р Мирјана Лазарова – Трајковска, мора да изградат поинаков пристап со новинарите, медиумите и јавноста. Во секоја земја која сака да има добар правосуден систем мора правосудството да има релација со јавноста. Едноставно, транспарентност и сине ква нон за институциите.

„За Европскиот суд за човековите права, едни од најважните партнери на судот се новинарите бидејќи транспарентно и брзо  ги храни со информации. За брзо време, по донесувањето на некоја пресуда, таа се објавува и за секој случај, на страницата има информација за суштината на предметот и информацијата. Тимот за односи со јавноста, кој е составен само од тројца луѓе, веднаш во три пасуси објаснува еден предмет и тоа е веќе многу јасно за јавноста“, вели д-р Мирјана Лазарова – Трајковска , која говореше на денешниот стручен состанок за пoдoбрувaњe нa сoрaботката помеѓу новинарите и судиите заради унапредување на медиумските слободи.

Судијката вели дека Европскиот суд за човековите права ја смета критиката за добредојдена, но пристапот кон критичките написи е креативен и конструктивен и во многу нешта поразличен од нашето домашно судство.

„За Судот е нормално да биде критикуван. Најчесто е критикуван од академската јавност. Многу професори доаѓаат на посети и ги анализираат случаите и пресудите. Но, пристапот на судот кон критичките написи од НВО, научниците и владините агенти е поинаков од нашето судство. Судот организира тркалезни маси и разговара и со новинарите и со невладините организации. Во НВО има многу потковани и добро едуцирани правници. Има многу потковани адвокати. Се едуцирале, но сакаат да бидат заштитници на човековите права и слободи од една друга перспектива. Многу се интересни расправите со адвокатите и со претставниците на невладините организации“, вели судијката.

Д -р Мирјана Лазарова – Трајковска додава дека на судот му се од особена важност и угледот и имиџот и дека некои судии се посклони кон давање изјави на новинарите, додека други пак инсистираат на редовно ажурираните информации од страна на тимот за односи со јавност на судот. Што се однесува до мене, вели судијката, јас и како судија и како претседател на секција никогаш не сум одбила новинар за изјава.

Лазарова – Трајковскана на стручниот состанок посветен на пoдoбрувaњeто нa сoрaботката помеѓу новинарите и судиите заради унапредување на медиумските слободи се осврна на членот 10 од Европската конвенција за човековите права, во кој се вели дека секој човек има право на слобода на изразување.

Судиите, адвокатите и новинарите дискутираа како да се подобри заемната соработка заради унапредување на медиумските слободи

М.В