/ Прочитано:

1.166

СТУДЕНТИТЕ ДЕНЕСКА ПОВТОРНО НА ПРОТЕСТ: „Сопствената држава без срам нè игнорира“

Петок, 26 декември 2014 – Денеска во 14 часот пред Владата на Македонија студентите ќе излезат на трет протест против реформите во високото образование со кои се предвидува  воведување државен испит.

„Неопходно е да си го освоиме образованието назад. Ова е моментот кога треба да искажеме револт, не само против лошите реформи, туку и затоа што сопствената држава без срам нè игнорира, дрско ни се потсмева и невешто нè заокружува“, рече Горан Таневски од  Студентскиот пленум.

Студентите повикаа на масовност и поддршка од професорите и порачаа протестот пред Владата да помине мирно, без партиски и национални обележја.  

Дел од професорите најавија дека ќе им се придружат на  студентите, кои ги сметаат за легитимни преставници на студентската заедница, а истовремено со цел да упатат порака дека се дел од академската заедница што го цени својот дигнитет, а уште повеќе автономијата на универзитетот.

„Историски ден, можеби некому му изгледа безначаен – ама за првпат во нашата историја ќе се собере поголема група професори од СИТЕ универзитети, и ќе го порача силно она што требаше да го кажат нашите декани и ректори – ДА ЗА РЕФОРМА, НЕ – ЗА ПРО-ФОРМА. Се собираме на Филозофскиот факултет во 13 часот и се претставуваме во вид на Пленум за да покажеме дека сме дел на академската заедница кој го цени својот дигнитет, а уште повеќе автономијата на универзитетот. Колективно ќе им се придружиме на нашите студенти, на Студентскиот пленум – со што јасно покажуваме дека НИВ ги сметаме за ЛЕГИТИМНИ претставници на студентската заедница. Студентите се легитимираа со нивните индекси, тоа е она што ги обединува, ние се легитимираме преку своите академски позиции и мисија која ни е дадена од општеството. Други припадности не барајте! Други агенди – нема! Не сме деструктивци, не уриваме, туку МЕНУВАМЕ!“, напиша на својот фејсбук профил универзитетската професорка Билјана Ванковска.

Предлог–законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование, што предвидува големи казни за факултетите, но и затвор за деканите доколку издадат дипломи без положен државен испит, денеска е на собраниска комисија, а веќе в понеделник ќе се најде пред пратениците.

Група професори од повеќе факултети во земјава побараа од собраниската Комисија за образование, наука и спорт да им дозволи ним и на претставници на Студентскиот пленум учество на седницата. 

Ставот на Владата е дека државниот испит ќе овозможи поквалитетен високообразовен кадар и оти студентите што учат нема да имаат проблеми при полагањето.

>> (ГАЛЕРИЈА) МАСОВЕН СТУДЕНТСКИ МАРШ: „Ние сме силата!“ 

Е. П.