/ Прочитано:

1.431

ТРКАЛЕЗНА МАСА: „Обезбедувањето на правна сигурност на учесниците во правниот промет“

Основањето и работата на нотаријатот беше крупен чекор, но недоволен чекор за постигнување на основните цели за поефикасно функционирање на судскиот систем и неговото растоварување од неспорните правни работи. Меѓутоа, доколку не беше нотаријатот, состојбата во судството ќе беше хаотична. Ова денеска беше констатирано на Тркалезната маса посветена на темата „Обезбедувањето на правна сигурност на учесниците во правниот промет “, на која се презентираа искуствата, проблемите и предизвиците низ практиката, но и податоците од засебните извештаи за ефикасноста и криминалитетот во нотаријатот.

На почетокот на Тркалезната маса за обезбедувањето на правна сигурност на учесниците во правниот промет  се истакна дека правната сигурност и владеењето на правото претставуваат темелна основа за остварување на правата и слободите на граѓаните и тоа е, како што се нагласи, долгорочен процес.

„Основањето на нотаријатот во Република Македонија е дел токму од тој процес, а е во функција на поставените цели за реформирање на судството“, воведно беше оценето на настанот на кој, покрај сублимирањето на искуствата од досегашното функционирање на нотаријатот, беа презентирани и конкретни статистички податоци во врска со дејноста на нотарите.

Во таа насока Михајло Маневски, поранешен министер за правда, истакна дека податоците покажуваат дека нотаријатот не само што го оправдал своето постење, туку се покажал како значаен столб за правната сигурност во државата и правосудниот систем.

„Да не се спроведеа реформите со нотарите, состојбата во судовите ќе беше хаотична“, нагласи Маневски, посочувајќи дека новите овластувања на нотаријатот значеле и нови одговорности за нив.

Со тие нови овластувања, како што рече, се подобрила дисциплината во вршењето на судиската функција.

„Нема веќе странки во судовите како на митинг. Нотарот не врши приватна работа, туку одговорна службена работа во угледна јавна служба. Во врска со правата и со обврските во работата, нотарот речиси по ништо не се разликува од судиите “, нагласи Маневски, презентирајќи ги податоците за ефикасноста на нотаријатот, според кои судовите се растовариле со околу 600 до 650 илјади предмети.

Според Маневски, минатата година нотаријатот извршил вкупно 1.558.455 нотарски работи по разни основи, нотарски акти и солемнизации, заверки, потврди, оставински предмети, платни налози.

„Ваквите податоци покажуваат дека тоа е за 4,80 проценти помалку од 2013 година“, подвлече тој.

Професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, д-р Никола Тупанчевски, ги презентираше податоците од анализата за  криминалитетот во нотаријатот.

Во подготовката на анализата, рече професорот, поставената цел била фактографски да се видат динамиката, обемот и структурата на криминалитетот во оваа областа на нотаријатот.

Во тој контекст, а акцентирајќи ја фактографската значајност на податоците, професорот појасни дека тие податоци се анализирани и се добиени и во соработка со Јавното обвинителство.

За 8 години, прецизираше професорот, изречени се три правосилни кривични пресуди за нотари, од кои две се завршени со условна осуда, а една со парична казна од 6.000 денари.

Претседателката на Нотарската комора, Зорица Пулејкова, се осврна и на оставинските предмети доверени на нотарите. Рече дека од 19.500 оставински предмети доверени кај нотарите од страна на судовите минатата години решени се 70 проценти.

„Против тие решенија на нотарите поднесени се 70 приговори, што претставува само 0,6 проценти, и е нешто незначително, а значи дека квалитетот на услугата  е на прилично високо ниво“, истакна Пулејокова.

Кон презентираните анализи се надоврза и професорот Арсен Јаневски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој укажа дека овие податоци треба да бидат искористени во функција на идните законски измени за нотаријатот.

На Тркалезната маса беше констатирано дека особено се ценат заложбите за електронското поврзување и за пристапот на нотарите до базата на податоци на Агенцијата за катастар на недвижности и други бази на податоци, потребни за поуспешно вршење на нотарските работи.

„Соработката на Нотарската комора со државните органи и со другите органи и организации, со Комората на извршители, со Адвокатската комора и со други здруженија и со континуирано информирање на јавноста сè повеќе ќе го јакне кредибилитетот на нотаријатот и довербата во неговата работа“, беше финалниот заклучок од Тркалезната маса.

M.В / veljanoskim@akademik.mk

19.02.2014